Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Стопанската комора ќе одржи состанок со ланците маркети за поддршка на Макпрогрес
Стопанската комора ќе одржи состанок со ланците маркети за поддршка на Макпрогрес
Во петок, 12 септември 2025 година, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ќе одржи состанок со ланците маркети, на кој ќе треба да се разговара каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажбата со цел засилена продажба на производите на Макпрогрес Виница, креатор на серија докажани и потврдено квалитетни брендови (Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа) како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија. Идејата на ваквата заедничка обединета бизнис активност во организација на Комората, е во насока на поддршка на Макпрогрес по пожарот кој сериозно уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката, а имајќи ја предвид неговата извозна веќе докажана афирмација. Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на Макпрогрес според проекциите на менџаментот на Макпрогрес а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард. Концептот за идното работење на Макпрогрес, но и случувањата во саботата во фабриката, првиот човек на Макпрогрес, Глигор Цветанов лично ќе им го соопшти на присутните на состанокот во Комората во петок. Паралелно ако се следат масовните објави и повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за акции на купување на нивните производи од различни индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, за само два дена од случувањето на немилиот настан (пожарот што се случи во фабриката), може да се констатира дека станува збор за исклучително невообичаен настан, односно креирање таков позитивен амбиент во јавноста, што само ја потврдува големината и квалитетот на Макпрогрес како домашен македонски бренд за што менаџментот на компанијата изразува голема благодарност до сите оние кои деновиве несебично иницираат и даваат идеи за поддршка. И како што вели првиот човек на Макпрогрес Глигор Цветанов, „солидарноста која ја видовме деновиве, уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“.
Од полноќ повисоки цени на бензините и дизелот, мазутот поевтинува
Од полноќ повисоки цени на бензините и дизелот, мазутот поевтинува
Од ноќеска на полноќ, цените на бензините и дизелот се зголемуваат за 1 денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Ова зголемување на цените е резултат на поскапувањето на нафтените деривати на светските пазари и падот на вредноста на денарот во однос на американскиот долар. Со оваа одлука, вкупните малопродажни цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 0,46% во однос на претходната одлука. Нови цени кои ќе важат од 10.9.2025 година, од 00:01 часот: - ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за 76,00 денари за литар. - ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 78,00 денари за литар. - ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе има цена од 69,50 денари за литар. - Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) исто така се зголемува за 1 денар и ќе изнесува 69,00 денари за литар. За разлика од другите горива, цената на мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 денари за килограм, новата цена ќе изнесува 37,148 денари за килограм. РКЕ напоменува дека овие цени се максималните дозволени цени. Трговците можат да формираат и пониски цени од утврдените, доколку така одлучат.
Трипуновски: Очекуваме рекордна берба на грозје, над 100 милиони килограми
Трипуновски: Очекуваме рекордна берба на грозје, над 100 милиони килограми
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, од Кавадарци најави рекордна берба на винско грозје. Според неговите изјави дадени на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“, се очекуваат над 100 милиони килограми винско грозје, што е за 25 милиони повеќе во однос на ланската берба. До 4 септември, веќе се откупени околу 30 милиони килограми, од кои 11 милиони килограми црвено винско грозје, а остатокот е бело. Министерот истакна дека оваа година има значителен прогрес во лозарството, што е резултат на посветеноста на Министерството на системите за наводнување.
Пронајдена дрога во гостиварско, од слобода се лишени двајца дилери
Пронајдена дрога во гостиварско, од слобода се лишени двајца дилери
Полицијата вчера уапси две лица од гостиварското село Здуње, откако при претрес во нивните домови пронајде и заплени марихуана и други наркотични супстанци. Акцијата била спроведена по добиени судски наредби. Во полицискиот билтен се наведува дека околу 12:10 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 30-годишниот Ф.М., кај кого, при претрес, била пронајдена марихуана. Истовремено, во истото село е уапсен и 31-годишниот Е.Џ. Во неговиот дом, полицијата пронашла поголема количина на дрога, меѓу која марихуана, грутка кафена материја и три паковки со бела прашкаста материја. Дополнително, при претресот била запленета и поголема сума на пари. Двајцата осомничени се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за недозволена трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Макпрогрес: Компанијата ќе ја обновиме и сите вработени ќе ги задржиме
Макпрогрес: Компанијата ќе ја обновиме и сите вработени ќе ги задржиме
Се огласија од компанијата Макпрогрес, во кој избувна силен пожар кој уништи дел од производството. Според изјавата од компанијата, во целост е изгорен еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини од кои еден за суровини и еден за готови производи. „Вчерашниот ден беше еден од најтешките денови кои сме ги доживеале. Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани, како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот“, стои во изјавата. За жал, во текот на интервенцијата, 12 лица биле хоспитализирани: 3 пожарникари и 9 вработени. Осум од нив вдишале чад, а четворица се здобиле со полесни изгореници. Денеска, тим од „Макпрогрес“ ги посетил повредените во болниците во Кочани и Скопје. Компанијата упати огромна благодарност до сите сили и институции кои учествуваа во справувањето со пожарот. Во соопштението се споменуваат пожарникари од повеќе градови, доброволни пожарникари, медицински екипи, полиција, Црвен крст, Стопанската комора, бизнис заедницата, локалните власти, доброволци и граѓани. Пожарот, иако со помал интензитет, сè уште е активен на две места, но надлежните служби уверуваат дека нема ризик од негово проширување. Причините за пожарот се истражуваат, а од компанијата апелираат да се почекаат официјалните известувања од надлежните органи. Пожарот, иако со помал интензитет, сè уште е активен на две места, но надлежните служби уверуваат дека нема ризик од негово проширување. Причините за пожарот се истражуваат, а од компанијата апелираат да се почекаат официјалните известувања од надлежните органи. И покрај големата штета, „Макпрогрес“ најавува дека фабриката „Винчини“ ќе биде обновена. Компанијата нагласува дека ќе се направи план за прераспоредување на вработените кои ги изгубија своите работни позиции на други производствени линии кои останаа во функција, со крајна цел да се задржат сите вработени. За да се поттикне продажбата и да се надминат последиците од пожарот, компанијата најави дека ќе ги задржи ниски цените на своите производи, а некои дури и ќе ги намали. „Солидарноста која ја видовме вчера и денес уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“, се заклучува во изјавата дадена од сопствениците Глигор и Александар Цветанов.
Трипуновски: „Македонско најдобро” со поддршка од Стопанската комора
Трипуновски: „Македонско најдобро” со поддршка од Стопанската комора
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Стопанската комора на Македонија влегуваат во партнерство за поддршка на кампањата „Македонско најдобро“, со цел зајакнување на домашната економија и промоција на македонските производи. Ова беше истакнато денес од страна на министерот Цветан Трипуновски, по средбата со претставници на Стопанската комора. Министерот Трипуновски изрази задоволство од силната поддршка на Стопанската комора за оваа иницијатива. „Нашата цел е да ја раздвижиме домашната економија, да им помогнеме на компаниите што произведуваат и преработуваат македонски производи и да им оддадеме признание на нашите земјоделци, кои се основата на производството на храна“, истакна Трипуновски. Како дел од соработката, Управниот одбор на Стопанската комора следната недела ќе донесе акт со кој формално ќе ја поддржи кампањата. Како резултат на ова, македонските производи ќе може да го носат логото „Македонско најдобро“, што ќе им помогне да се истакнат на пазарот. Министерот Трипуновски информираше дека регистрацијата на земјоделците, преработувачите и маркетите на дигиталната платформа makedonskonajdobro.com.mk се одвива успешно. Со ова партнерство, се очекува кампањата да постигне уште поголем успех и да донесе позитивни економски резултати. „Ќе останеме во континуирана комуникација со Стопанската комора за заедно да ги надградуваме добрите идеи и активности, со една цел – да вродат со позитивен економски плод“, заклучи министерот.
Мицкоски: Создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст
Мицкоски: Создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на својот Фејсбук профил објави податоци кои, според него, го потврдуваат успехот на актуелната влада во стабилизирањето на економијата. Тој истакна дека се создаваат услови за економски раст, се отвораат нови работни места и трговската размена бележи пораст. Според објавата на премиерот, стапката на невработеност е намалена на 11,5%, што е за еден процентен поен пониско во споредба со истиот квартал минатата година. Мицкоски посочи дека во споредба со вториот квартал од 2024 година, земјата има околу 10.000 нови вработени и 7.000 помалку невработени. Тој нагласи дека ова носи поголема сигурност за илјадници семејства. Како уште една добра вест, премиерот го издвои растот на надворешната трговија. Во јули, извозот е зголемен за 4,69%, додека увозот за 4,35%. За периодот јануари-јули, извозот бележи раст од 5,41%, а увозот од 4,83%. Вкупната трговска размена на увозот во првите седум месеци од годината е поголема за 5,07% во однос на истиот период минатата година. Мицкоски заклучи дека овие податоци се „реални резултати од одговорни политики“, спротивставувајќи се на, како што наведе, „црнилата“ кои ги шири опозицијата. Тој порача дека додека опозицијата „блокира и кочи“, владата „гради и носи подобар стандард за секое семејство“, со што Македонија оди напред.
Спречен грабеж во маркет во Чаир, уапсени двајца разбојници
Спречен грабеж во маркет во Чаир, уапсени двајца разбојници
Скопската полиција рано утринава спречи разбојништво во маркет на улицата „Џон Кенеди“ во Чаир. Двајца од осомничените, А.Х. (23) и Е.А. (19) се уапсени, а по третиот се трага. Инцидентот се случил денеска околу 04:52 часот, кога во СВР Скопје било пријавено дека три машки лица насилно влегле во маркетот. Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција и Полициската станица Бит Пазар веднаш пристигнале на местото на настанот. Откако ги забележале полицајците, разбојниците се обиделе да избегаат. Еден од полициските службеници испукал предупредувачки истрел во воздух. По кратка потера, уапсени се А.Х. и Е.А. МВР информира дека се преземаат мерки за пронаоѓање на третото лице. По целосно документирање на случајот, против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Македонија бележи раст на извозот од 3,2%, додека увозот е зголемен за 2,7% во првите седум месеци
Македонија бележи раст на извозот од 3,2%, додека увозот е зголемен за 2,7% во првите седум месеци
Државниот завод за статистика објави дека во периодот од јануари до јули 2025 година, Македонија забележа раст како на извозот, така и на увозот на стоки во споредба со истиот период од претходната година. Вкупната вредност на извозот на стоки достигна 4.715 милијарди евра, што претставува пораст од 3.2%. Вредноста на увезената стока изнесува 6.669 милијарди евра, бележејќи зголемување од 2.7%. Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија. Во периодот јануари - јули 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија, кои учествуваат со 47.3 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60.4 % во вкупната размена.
Намалена невработеноста во Македонија за 1,3% во вториот квартал
Намалена невработеноста во Македонија за 1,3% во вториот квартал
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, второто тримесечје од 2025 година бележи позитивни трендови во однос на намалувањето на бројот на невработени лица. Стапката на невработеност е намалена за 1.3% во споредба со првиот квартал од годината, а за цели 7.2% во однос на истиот период лани. Иако генералниот тренд е охрабрувачки, податоците откриваат и одредени предизвици. Бројот на вработени лица забележа минимално намалување од 0.1%. Во однос на половата распределба, во второто тримесечје од 2025 година, невработените мажи сочинуваат 65.5% од вкупниот број невработени, додека невработените жени се 34.5%. Кај вработените, мажите претставуваат 57.2%, а жените 42.8%. Најзначајниот аспект кој се издвојува од статистиката е зголемувањето на учеството на неформалната вработеност. Бројот на неформално вработени лица достигна 98.095, што претставува раст од 8.5% во споредба со претходното тримесечје. Анализата по сектори покажува дека најголем дел од неформално вработените, односно 51.4%, се ангажирани во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство. Следи секторот Градежништво со 17.1% неформално вработени лица.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk