Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Рекорден спектакл во Битола: Здравко Чолиќ вечерва ќе пее пред 15.000 луѓе
Рекорден спектакл во Битола: Здравко Чолиќ вечерва ќе пее пред 15.000 луѓе
Градскиот стадион во Битола вечерва ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани годинава, каде што регионалната легенда Здравко Чолиќ ќе одржи концерт пред рекордни над 15.000 посетители. Информацијата ја сподели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, пренесувајќи ги најавите од организаторите „Avalon International Booking“. Според нивните податоци, ова е апсолутен рекорд по посетеност за еден концерт во Битола, но и пошироко во регионот, вклучувајќи го и Охрид. Под мотото „Каде и да си, на 1 август во Битола да си“, на концертот се очекува публика од цела Македонија и соседството. Поради огромниот интерес и рекордната бројка на фанови, од организацијата апелираат за навремено пристигнување. Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 19:00 часот, додека официјалниот почеток на музичкиот спектакл е закажан за 21:00 часот.
Нова куглана, сала за гимнастика и апартмани: Во Кавадарци се гради нов спортски комплекс во склоп на салата „Јасмин“
Нова куглана, сала за гимнастика и апартмани: Во Кавадарци се гради нов спортски комплекс во склоп на салата „Јасмин“
Градежните активности за изградба на новиот модерен спортски објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци напредуваат со засилена динамика и проектот веќе ги добива своите први контури на терен, информираше градоначалникот Митко Јанчев. Со ова конечно се решава делот од просторот што со децении стоеше запуштен уште од првичната изградба на спортската сала во деведесеттите години. Новиот објект се простира на површина од 1.000 квадратни метри во основа и е проектиран со подрум, приземје и кат. Во неговиот состав се предвидени современа куглана, сала за гимнастика и седум апартмани за сместување на спортисти на горниот кат. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 118 милиони денари (околу 1,91 милион евра), а средствата се целосно обезбедени преку вториот повик од Владата. Според градоначалникот Јанчев, овој капитален проект претставува значајно вложување во младите и спортската инфраструктура, создавајќи современи услови за тренинг, одржување натпревари и развој на спортскиот туризам во Кавадарци.
Спречен обид за шверц на девизи на Табановце: Запленети над 64 илјади евра кај грчки државјанин
Спречен обид за шверц на девизи на Табановце: Запленети над 64 илјади евра кај грчки државјанин
Царинските службеници на влезот на граничниот премин Табановце спречија обид за нелегален пренос на девизи и запленија 64.250 евра при контрола на автомобил со германски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин. На прашање од цариниците дали има нешто да пријави, патникот поднесол образец издаден на влез во Србија за сума од 60 илјади евра. Поради сомневање во неговата изјава, царинските службеници во соработка со полициски службеник од Фронтекс извршиле детален претрес на возилото, при што биле пронајдени вкупно 124.250 евра. Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени пријавените 60 илјади евра, додека непријавените 64.250 евра се привремено одземени. Против грчкиот државјанин е поведена соодветна прекршочна постапка пред надлежен суд. Од Царинската управа информираат дека од почетокот на годинава се откриени вкупно 30 случаи на нелегален пренос на девизи. При овие акции досега се запленети вкупно 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35 илјади австралиски долари.
Студентка платила за да положи стручен испит: Кривични пријави за професор и претседател на комисија за поткуп
Студентка платила за да положи стручен испит: Кривични пријави за професор и претседател на комисија за поткуп
Единицата за финансиски криминал при МВР поднесе кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против три лица од Битола, Гостивар и Скопје, вклучени во корупциска шема за добивање уверение за положен стручен испит на Стоматолошкиот факултет. Пријавени се 27-годишната А.Т. од Битола за „давање награда за противзаконито влијание“, 56-годишниот С.Ч. од Гостивар за „примање награда за противзаконито влијание“ и 63-годишниот С.Е. од Скопје за „примање поткуп“. Според информациите од полицијата, студентката А.Т. во декември 2025 година, по повеќекратна комуникација преку апликацијата „Вибер“, префрлила парични средства на трансакциска сметка на С.Ч., професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора. Целта на уплатата била професорот да изврши противзаконито влијание кај С.Е., кој во тој период бил претседател на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство. Благодарение на оваа интервенција, студентката на 17 декември 2025 година го положила испитот и се стекнала со уверение за здравствен работник без да го поседува потребното знаење. При извршените претреси кај второпријавениот и третопријавениот, полициските службеници пронајдоа и одзедоа парични средства во вкупна вредност од 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.
Се воведуваат паметни гранични терминали со грант од два милиони евра од ЕУ
Се воведуваат паметни гранични терминали со грант од два милиони евра од ЕУ
Царинската управа започнува со имплементација на нов проект за модернизација на граничната инфраструктура, со кој се воведуваат паметни системи за целосна автоматизација на граничните терминали. За реализација на овој проект обезбеден е грант од Европската унија во висина од два милиони евра. По спроведениот јавен оглас, веќе е потпишан договорот со изведувачот за набавка на новата опрема. Комплетната имплементација на проектот е предвидено да заврши до средината на следната година. Автоматизацијата ќе овозможи увозот, извозот и транзитот да се евидентираат автоматски, за само неколку секунди по влезот на товарното моторно возило на царинскиот терминал. Постојните рампи и ваги ќе бидат заменети со нови дигитални системи поддржани со напредни аналитички видео камери. Автоматските ваги и рампи ќе функционираат во директна врска со системот за видео надзор и за препознавање на регистарски таблички. Во тек е и постапката за набавка на софтверски интегратор со кој целиот систем ќе се поврзе во една целина, согласно сите стандарди на ЕУ. Со оваа модернизација се очекува значително намалување на времето на чекање на границите и намалување на оперативните трошоци за превозниците. Истовремено, со намалувањето на улогата на човечкиот фактор при контролата, новиот систем ќе претставува и значаен механизам во борбата против криминалот и корупцијата.
Јанчев: Се лепат плочките на новиот затворен базен во Кавадарци, проектот влегува во завршна фаза
Јанчев: Се лепат плочките на новиот затворен базен во Кавадарци, проектот влегува во завршна фаза
Градежните активности за изградба на новиот затворен базен на локацијата на поранешна „Ла Луна“ во Кавадарци влегуваат во завршна фаза. За напредокот на проектот на социјалните мрежи информираше градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев. Во моментот на терен се врши лепење на плочките во самиот базен, а паралелно се монтира и опремата во машинската просторија. Истовремено, интензивно се работи и на партерното и хортикултурното уредување на просторот кој го опкружува објектот. Новиот затворен базен е со димензии од 25 на 9 метри и длабочина од 1,20 метри. Според планот на општината, објектот првенствено ќе биде наменет за учениците од основните и средните општински училишта за спроведување на часови по пливање и спортски активности, но во дефинирани термини рекреативно ќе можат да го користат и сите останати граѓани на Кавадарци.
Запленети 5.000 штеки цигари вредни 9 милиони денари на ГП Богородица
Запленети 5.000 штеки цигари вредни 9 милиони денари на ГП Богородица
Во успешна акција на царинските службеници на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило спречен е обид за шверц на голема количина цигари. Запленети се вкупно 5.000 штеки цигари без акцизни маркички, чија вредност се проценува на девет милиони денари (околу 146.000 евра). Возачот на камионот е приведен, а против него веќе е поднесена кривична пријава. Според официјалните информации од Царинската управа, товарното моторно возило било пријавено за транзит од Грција кон Србија. Согласно приложена документација, камионот требало да превезува единствено градежни материјали, односно камена волна. При извршената детална контрола на возилото, царинските службеници над палетите со пријавената стока откриле 100 непријавени и необележани кутии, во кои се наоѓале по 50 штеки цигари. Возачот на камионот, српски државјанин кој се обидел да ја прокриумчари непријавената стока, веднаш е лишен од слобода. Против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“ до Основното јавно обвинителство Гевгелија.
МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни СМС пораки за казни од „Безбеден град“
МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни СМС пораки за казни од „Безбеден град“
Министерството за внатрешни работи ги предупредува граѓаните за нова појава на фишинг напади преку лажни СМС пораки, електронска пошта и социјални мрежи. Напаѓачите се претставуваат како систем за известување од „Безбеден град“ или Одделот за моторни возила со цел да измамат граѓани и да им извлечат пари за наводни сообраќајни прекршоци. Во фишинг пораките е наведен лажен линк кој ги пренасочува корисниците кон измамнички веб-страници каде што се бара извршување на уплата или оставање лични податоци. Како да ги препознаете вистинските пораки од МВР? Официјалните СМС известувања за направен сообраќаен прекршок пристигнуваат исклучиво со ознака 'MVR-SC'. Текстот во пораката задолжително ги содржи регистарските таблички на возилото со кое е направен прекршокот. https://safecountry.mvr.gov.mk е единствениот валиден линк и формат преку кој се извршува проверка. Препораки за заштита од интернет измами Поради зачестените обиди за злоупотреба, Секторот за компјутерски криминал апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и пораки добиени од непознати броеви или верифицирани испраќачи. Исто така, никогаш не треба да се споделуваат лични податоци, броеви од банкарски картички, PIN кодови или лозинки преку неовластени канали. Потребно е секогаш да се проверува адресата и доменот на испраќачот бидејќи сите официјални државни институции и компании користат службени домени. Дополнително, се препорачува активирање на двофакторска автентикација (2FA) за заштита на сите онлајн сметки и банкарски апликации. Доколку забележите или добиете сомнителна порака, веднаш пријавете во надлежните полициски станици или во вашата матична банка. Секторот за компјутерски криминал веќе спроведува активни истраги за откривање и санкционирање на сторителите на овие измами.
Кражба во продавница во Битола: Уапсени двајца крадци, вратени украдените цигари
Кражба во продавница во Битола: Уапсени двајца крадци, вратени украдените цигари
Полициски службеници од СВР Битола вчера ги лишија од слобода лицата Ѓ.З. (35) и А.Ј. (29), двајцата од Битола, кои се сомничат за извршена тешка кражба во маркет. Според информациите од полицијата, тие истиот ден извршиле кражба во проданица лоцирана на улицата „Север-југ“ во Битола, од каде што одзеле околу 30 штеки со различни видови цигари. По пријавувањето на настанот, полицијата брзо реагираше и изврши претрес во домот што го користеле осомничените. При претресот, целата количина на украдени цигари била пронајдена и веднаш вратена на сопственикот на маркетот. При дополнителната проверка и преземените оперативни мерки, полициските службеници утврдија дека 35-годишниот Ѓ.З. бил баран со централна потерница поради бегство од Казнено-поправната установа Затвор Прилеп, каде што веќе издржувал затворска казна. По приведувањето, тој веднаш бил спроведен назад во прилепскиот затвор за доиздржување на преостанатата затворска казна во траење од осум месеци. По комплетно документирање на случајот, против двајцата сторители ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Македонскиот рубин и природното богатство добиваат институционална поддршка: Потпишан Меморандум за промоција на геонаследството
Македонскиот рубин и природното богатство добиваат институционална поддршка: Потпишан Меморандум за промоција на геонаследството
По воспоставувањето институционална заштита за македонскиот рубин, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини започнува нова фаза за негова поширока афирмација и промоција на целокупното геолошко и палеонтолошко наследство на државата. Министерката Сања Божиновска и претседателот на Здружението за промоција на природните науки „Откритие“, Илија Петковски, денеска потпишаа Меморандум за соработка. Со овој документ се здружуваат институционалните, научните и стручните капацитети со цел заштита, валоризација и промоција на минералното богатство пред домашната и меѓународната јавност. Развој на геотуризмот Министерката Божиновска истакна дека Македонија поседува исклучително богато геолошко наследство кое со децении било недоволно промовирано. Според неа, целта на оваа иницијатива е да се развие научната свест, да се доближи геологијата до граѓаните, да се поттикне интересот кај младите и да се даде силен поттик на геотуризмот како дел од националниот идентитет и економски потенцијал. На потпишувањето на Меморандумот присуствуваше и Деан Шкартов, долгогодишен познавач и промотор на македонскиот рубин, чија минералошка колекција има значаен придонес во афирмацијата на домашните природни богатства во земјата и странство. Формирање на Центар за промоција на геонаследството Со договорената долгорочна соработка се предвидува организирање изложби, научно-популарни настани, работилници и едукативни програми. Исто така, ќе се градат партнерства со домашни и странски музеи, универзитети и научни установи. Како директен резултат од оваа соработка, во просториите на Министерството ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството. Овој центар ќе функционира како постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали и фосили, каде стручната фела и институциите заеднички ќе работат на зачувување и меѓународна презентација на македонското природно богатство.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk