Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов објави дека Дино Паркот, сместен во познатата шума во Бриони, е отворен и веќе стана новото омилено место за сите жители, посетители и љубопитни истражувачи. Паркот ја пренесува магијата на праисторискиот свет, нудејќи им на децата, семејствата и учениците можност да научат нешто ново на забавен начин. „Дино Паркот во Штип е новото омилено место за сите! Магијата на праисторискиот свет, пренесена во познатата шума во Бриони, веќе е отворена за сите деца, семејства, ученици, туристи и љубопитни истражувачи, кои ќе научат нешто ново на забавен начин!“, напиша Јорданов. Посетителите можат да ги видат репликите на најпознатите диносауруси, како што се Т-Рекс, Брахиосаурус, Стегосаурус и Птеранодонот, кои ги пречекуваат со нивната импозантна големина и реални животински крици. Градоначалникот изрази надеж дека паркот ќе стане симбол на детската љубопитност и имагинација. Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за првпат зеде учество на водечката финансиска конференција во регионот „Предизвикот на промените“, која се одржува во Ровињ, Хрватска, од 15 до 17 октомври годинава, во организација на Загрепската берза и Хрватското здружение на друштва за управување со пензиски фондови и пензиски осигурителни друштва. Мукаетов изјави дека Алкалоид е присутен во ЕУ веќе 18 години, но фактот дека доаѓаме од земја која не е членка на Унијата секогаш носи дополнителни специфичности. Со домашен пазар од само 2 милиони жители, наспроти европскиот пазар со 448 милиони чинители, растот и развојот се возможни само доколку деловните видици се насочени надвор од границите. „Во изминатите две децении ’Алкалоид’ постојано растеше, и тоа не само низ призмата на приходите и пазарната вредност, туку и во однос на сопствениот капацитет да се справува со предизвиците, да носи храбри стратешки одлуки и трпеливо да гради доверба на меѓународните пазари. Од моето преземање на раководната функција во компанијата на само 32-годишна возраст, што беше предизвик само по себе, до денешната глобализација на ’Алкалоид’ се одвиваа сложени процеси на развој и трансформација. Во изминативе 20 години ’Алкалоид’ остварува импресивен континуиран раст: шесткратно зголемување на приходите (од 53,1 милиони евра во 2005 до очекуваните над 330 милиони евра во 2025 година) и зголемување на просечната цена на акциите речиси за седумпати (од 62 евра на околу 416 евра во истиот временски период). Сиот овој изоден пат е резултат на тимска посветеност, визија и јасна стратегија. И ќе продолжиме со истиот пристап со решителност, дисциплина, квалитет и знаење.“ - истакна Мукаетов. Во делот од панелот наменет за предизвиците на регионалните берзи и за изнаоѓањето начини за нивно надминување, што може да поттикне промени во праксата и во регулативата, Мукаетов посочи: „Македонија претставува мал, но специфичен пазар, каде што неколку blue chip компании имаат доминантна улога во тргувањето на Берзата, носејќи со себе високи очекувања од страна на јавноста и инвеститорите. Сепак, ограничениот пристап до финансии и ниската ликвидност во тргувањето кај другите компании на Берзата укажуваат на потребата од поактивна улога на институционалните инвеститори, јасна и транспарентна регулатива. Регионално, консолидацијата на берзите во единствена платформа или ентитет би донела поголема длабочина на пазарот, ликвидност, стабилност и подобра меѓународна видливост на компаниите.“ Продолжува позитивниот тренд на раст на бројот на патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, кои во првите девет месеци од годината опслужиле вкупно 2.585.096 патници, што претставува зголемување од 6% во однос на истиот период минатата година. Во истиот период е забележано и зголемување на бројот на летови за 3%, односно се реализирани 20.141 летови. Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека овие резултати се потврда за успешноста на долгорочната стратегија на компанијата, која се должи на внимателно планирање и континуирана посветеност кон подобрување на услугите. „За овој константен позитивен тренд на раст во голема мера влијаеа новоотворените осум линии од двата аеродроми на почетокот на годинава, во соработка со авикомпаниите и Владата“, вели Курт. Тој најави дека стабилниот раст се очекува да продолжи и до крајот на годината, благодарение на најавените седум нови авио-поврзувања преку „Виз ер“, кои ќе стартуваат кон крајот на октомври и декември, како и повторното поврзување на Скопје со Женева преку „Изиџет“ од 3 ноември. Новите линии од Скопје се кон Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака, Прага и Келн, а од Охрид кон Базел. Дополнителни нови линии се најавени и за 2026 година. Само во септември опслужени се 329.523 патници (раст од 8%) и 2.422 летови (раст од 1%). Меѓународниот Аеродром Скопје опслужил 2.375.264 патници (раст од 5,4%), додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен раст од 16,2% со 209.832 услужени патници. Најфреквентна дестинација од Скопје останува Истанбул (двата аеродрома) со 16,9% пазарен удел, а најмногу директни летови има кон Турција (25,1%), Германија (24,7%) и Швајцарија (10,9%). Царинската управа и Централниот регистар договорија дигитална размена на податоци за царински долг, со што хартиените потврди кои се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато. Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, денеска официјално го потпишаа Договорот за соработка и размена на документи во електронска форма. „Намалувањето на бирократските процедури и зголемувањето на ефикасноста на администрацијата преку поедноставување и забрзување на постапките е едно од нашите ветувања пред јавноста. Ова е само еден од чекорите кои ги преземаме во таа насока. Годишно досега се издаваа од седум до девет илјади потврди во хартиена форма, за што фирмите и граѓаните чекаа и по неколку дена. Во изминатите месеци, заедно со Централниот регистар интензивно работевме на дигитално поврзување на системите. Од почетокот на следниот месец, потврдите за царински долг Централниот регистар ќе ги добива автоматски, преку системот за интероперабилност – со само еден клик од Царинската управа“ - изјави директорот Бобан Николовски. Николовски додава дека ова претставува уште еден важен чекор кон создавање подобра деловна клима и современи услови за водење бизнис. Директорката на Централниот регистар, Стамнова, вели дека со овој начин на поврзување преку интероперабилност ќе се олеснат бизнис процедурите, а ќе се зголеми ефикасноста при обезбедување на неопходните документи при уписите на правните субјекти. Трговскиот суфицит на еврозоната со остатокот од светот доживеа значителен пад во август 2025 година, достигнувајќи само 1 милијарда евра, што е пад од 2 милијарди евра во споредба со суфицитот од 3 милијарди евра регистриран во истиот месец минатата година (август 2024), објави Евростат. Според првичните проценки, падот е уште подраматичен во однос на претходниот месец (јули 2025), кога суфицитот изнесуваше 12,7 милијарди евра. Во август 2025 година, извозот на стоки од еврозоната кон остатокот од светот изнесуваше 205,9 милијарди евра, што претставува намалување од 4,7% во споредба со август 2024 година. Истовремено, увозот од остатокот од светот исто така е намален, достигнувајќи 204,9 милијарди евра, што е пад од 3,8% во однос на истиот месец лани. Главната причина за намалувањето на трговскиот суфицит е влошувањето во клучни сектори: - Хемикалии: Суфицитот во овој сектор падна од 22,9 милијарди евра во август 2024 година на 18,0 милијарди евра во август 2025 година. - Машини и возила: Суфицитот во овој сектор падна од 9,0 милијарди евра во август 2024 година на 7,8 милијарди евра во август 2025 година. Во споредба со јули 2025 година, падот во овој сектор е особено остар, од 18,0 милијарди евра на 7,8 милијарди евра. Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека на 15.10.2025 година, во голема акциска контрола во тетовското село Стенче, општина Брвеница, биле приведени 39 државјани на Република Албанија поради злоупотреба на туристичкиот престој и непријавена работа. Акцијата е спроведена во периодот од 12:00 до 18:30 часот од страна на полициски службеници од СВР Тетово, во содејство со Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и инспектори од Одделението за прекуграничен криминал, миграција, странци и реадмисија. Контролата била извршена на локација каде правно лице, во сопственост на Е.З.М. од Тетово, изведувало градежни активности. На терен се затекнати 39 работници од Албанија, на возраст од 20 до 65 години, кои извршувале работни задачи. Приведени се откако е констатирано дека не биле пријавени како работници согласно законските прописи и го злоупотребиле туристичкиот престој, престојувајќи во земјата спротивно на целта. Приведените лица се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Од МВР најавија дека, по целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави како за приведените странски државјани, така и за сопственичката на правното лице, Е.З.М. од Тетово, која ги ангажирала работниците. Швајцарската прехранбена компанија Nestle објави план за забрзување на растот, кој вклучува намалување на работната сила за околу 16.000 вработени на глобално ниво во следните две години и значително зголемување на заштедите. Околу 12.000 вработени ќе бидат отпуштени од административниот сектор, со што се очекуваат годишни заштеди од 1,0 милијарди швајцарски франци до крајот на 2027 година, што е двојно повеќе од првичната цел. Дополнителни 4.000 отпуштања како дел од тековните иницијативи за зголемена продуктивност во производството и синџирот на снабдување. Во извештајот за продажбата во првите девет месеци од 2025 година, компанијата покажа позитивни трендови, со органски раст на продажбата од 3,3%. Сепак, извршниот директор на Нестле, Филип Навратил, нагласи дека се потребни побрзи и похрабри активности. Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека прометот во индустријата, во август 2025 година бележи намалување од 3.9% во споредба со истиот месец минатата година (август 2024). Според податоците, најголем пад е забележан во сегментите на Трајни производи за широка потрошувачка со намалување од 14.6%, по што следат Капитални производи со пад од 5.6% и Интермедијарни производи, освен енергија со намалување од 5.5%. Единствен сегмент кој бележи пораст се Нетрајните производи за широка потрошувачка со минимално зголемување од 0.8%. Во однос на претходниот месец, прометот во индустријата е значително намален – за 20.9% во споредба со јули 2025 година. Прометот на домашниот пазар во август 2025 година бележи пораст од 3.4% во однос на август 2024 година, додека на странските пазари прометот е намален за 5.8% на годишно ниво. И покрај падот во август, кумулативните податоци за првите осум месеци од годината се позитивни – вкупниот промет во индустријата во периодот јануари – август 2025 година бележи пораст од 6.7% во однос на истиот период лани. ДЗС посочува дека најголемо влијание врз вкупното опаѓање на прометот во индустријата во август 2025 година, во однос на истиот месец лани, имаат одделите за Производство на електрична опрема со пад од 13.8%, потоа Производство на метали со намалување од 13.4%, како и Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место со пад од 13.3%. Автомобилскиот гигант Stellantis објави план за инвестирање на 13 милијарди долари во Соединетите Американски Држави во текот на следните четири години. Оваа инвестиција, која е најголема во 100-годишната историја на компанијата во САД, има за цел да го зголеми американското производство за 50% и да отвори повеќе од 5.000 нови работни места. Инвестицијата ќе поддржи лансирање на пет нови возила, а ќе се реализира во фабрики низ Илиноис, Охајо, Мичиген и Индијана. „Оваа инвестиција во САД – најголема во историјата на компанијата – ќе го поттикне нашиот раст, ќе ја зајакне нашата производствена база и ќе донесе повеќе американски работни места во државите што ги нарекуваме дом“, изјави Антонио Филоса, извршен директор на Stellantis и главен оперативен директор за Северна Америка. Само во Илиноис, Stellantis планира да реинвестира над 600 милиони долари, кадешто ќе започне производство на два нови модели на Jeep – Cherokee и Compass. Се очекува да се отворат околу 3.300 нови работни места до 2027 година.