Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска беше потпишан грант-договор во вредност од 600.000 евра меѓу АД МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD). Со овој договор започнува значаен проект за модернизација и дигитализација на електроенергетската преносна мрежа во земјата. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека овој чекор ја приближува земјата до сигурна и отпорна енергетска иднина. „Овој проект значи понапредна, поефикасна и попаметна мрежа – стабилно снабдување со електрична енергија, помали загуби, подобра интеграција на обновливите извори и посилна отпорност на целиот систем“, изјави министерката Божиновска. Според Министерството, партнерството со AFD и RTE International докажува дека земјата се движи кон примена на иновации, одржливост и европски стандарди во енергетиката. Проектот за дигитализација ќе се фокусира на дигитализација на трафостаниците, користење на напредни симулатори и вештачка интелигенција и јакнење на техничките капацитети на МЕПСО. Министерот за транспорт, Александар Николоски, при неговата посета на Општина Гостивар најави дека Владата усвои грант од Европската Унија наменет за целосна рехабилитација, сигнализација и електрификација на железничката пруга која се протега од Скопје, преку Јегуновце, Тетово, Гостивар, до Кичево. Министерот посочи дека грантот ќе биде искористен за изработка на целокупната потребна документација, вклучувајќи префизибилити студија, физибилити студија, еколошка студија и проектна документација. „Според барањата на ЕУ, целокупната документација треба да се заврши за околу 18 месеци. Се надевам дека во 2027 година ќе имаме избран изведувач којшто би работел на проектот“, изјави Николоски. Според плановите, проектот за рехабилитација на пругата треба да заврши до 2029 година. По неговото завршување, возовите би требало да сообраќаат со брзина од 120 километри на час, што значи значително скратување на времето за патување. „Очекуваме дека од центарот на Гостивар до центарот на Скопје ќе се патува за околу 40 минути, а од Тетово до Скопје за некаде околу 20 минути“, нагласи министерот. Меѓународната железничка станица во Скопје ќе добие целосна реконструкција и нов модерен лик. Проектот за проектирање на обновата денеска беше официјално најавен како заедничка соработка меѓу ЈП Македонски железници Инфраструктура, Архитектонскиот факултет и Градежниот факултет. Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека реконструкцијата ќе се реализира со посебен акцент на зачувување на основниот изглед на објектот, кој е направен според проектот на прочуениот архитект Кензо Танге, но ќе бидат додадени нови современи и модерни архитектонски елементи. „Заедно со Архитектонскиот и Градежниот факултет ќе се направи Основен проект за целосна реконструкција со посебен акцент на зачувување на основиот изглед направена по проектот на Кензо Танге, но притоа со нови современи и модерни елементи во архитектурата,“ изјави директорот Ивановски. Ивановски потенцираше дека новата железничка станица треба да биде пуштена во употреба истовремено со брзата пруга на Коридор 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје. Тој најави дека проектирањето нема да биде избрзано и ќе трае најмалку една година, со цел да се добие проект со фази кој треба да трае во следните 50 до 100 години. Финансирањето ќе се бара од државниот буџет, заеми од ЕБРД или ЕИБ, при што не се исклучува можноста станицата да влезе во рамките на стратешко партнерство со Велика Британија. Деканите на факултетите ја поздравија соработката, нагласувајќи го значењето на проектот. Деканот на Архитектонски факултет, проф. д-р Анета Христова Поповска, посочи дека целта е Транспортниот центар да се претвори во „социјален хаб“ кој ќе претставува додадена вредност за градот. Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, истакна дека нивното учество е гарант за квалитетот на работите и обезбедување на сите европски стандарди. Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Ова доаѓа како дел од засилените мерки на Владата против несовесното и незаконско користење на природните ресурси. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, нагласи дека Владата нема да толерира незаконско експлоатирање и дека заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Во случајот „Пискупштина“, одлуката за раскинување е донесена откако инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за енергетика и рударство утврдил дека концесионерот вршел експлоатација надвор од границите на дозволеното поле. Ова претставува директно и сериозно прекршување на договорот и законот, потврдено по жалби од жителите на селото Пискупштина. Ова е втор случај на еднострано раскинување на концесија за само неколку недели, со што се испраќа јасна порака до сите концесионери. Претходно беше раскината и концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба. За „Лавинчеви“, раскинот е поради долгогодишен прекин на активностите. Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% (односно 25.000 тони годишно) и не исплатила концесиски надоместок во период од три години. Покрај овие два случаја, Владата констатирала и престанок на важењето на уште четири концесии поради истечен рок. „Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, истакна министерката Божиновска. Инфлацијата во Германија забележа раст втор месец по ред, достигнувајќи 2,4% во септември, што е највисоко ниво од почетокот на годината, објави денеска Државниот завод за статистика на Германија. Според конечните податоци, годишната стапка на инфлација се зголемила на 2,4% во септември, во однос на 2,2% во август. На месечно ниво, потрошувачките цени се зголемени за 0,2%. Претседателката на Destatis, Рут Бранд, истакна дека по периодот на намалување на инфлацијата од почетокот на годината, сега е регистрирано зголемување втор месец по ред. Клучни фактори за растот: - Повисоки цени на услугите: Цените на услугите продолжија да растат со натпросечно темпо, достигнувајќи 3,4% во септември (наспроти 3,1% во претходниот месец). Ова се должи на повисоките реални плати кои вршат притисок врз трошоците за услуги. - Забавено опаѓање на цените на енергијата: Енергетските цени паднаа за само 0,7% на годишно ниво, што е значително помало намалување во споредба со претходните месеци (2,4% во август). Ова покажува дека намалувањето на цените на енергијата има сѐ помал ефект врз ублажувањето на инфлацијата. - Зголемување на цените на горивата: За прв пат од мај 2024 година, цените на горивата се зголемени за 1,1% на годишно ниво. - Храна: Цените на храната се зголемени за 2,1% на годишно ниво, што е забавување во однос на август (2,5%). Основната инфлација (која ги исклучува цените на енергијата и храната) исто така се забрзала на 2,8% во септември, во однос на 2,7% во август. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција (ВИ), најавувајќи го како капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на Македонија. Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со значајна финансиска поддршка од Европската Унија, конкретно преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC. Тој е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација, а носител на проектот е ФИНКИ. „Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија. Со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница,“ истакна министерот Андоновски. Центарот ќе функционира како придружна единица на европската ВИ фабрика „Pharos“ со седиште во Грција. Оваа врска ќе им овозможи на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи директен пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори. Проектот „Везилка“ има јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на вештачката интелигенција во пет клучни области: - Јазик и култура: Системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство. - Здравство: Анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги. - Енергетика: Оптимизација на производството и потрошувачката на енергија. - Јавна администрација: Автоматизација на процеси и зголемена транспарентност. - Земјоделие: Примена на паметни технологии за современо и одржливо производство. Покрај истражувачката функција, „Везилка“ ќе биде и центар за обука и развој на човечки капитал преку организирање тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на ВИ.