Авиокомпанијата Air Serbia денеска објави дека, по повеќе од три децении, повторно воспоставува директна авиолинија помеѓу Белград и Торонто. Директните летови ќе започнат од 23 мај 2026 година и ќе се одвиваат двапати неделно, секоја среда и сабота, со користење на авиони Airbus A330-200. Продажбата на билетите ќе започне на 16 октомври 2025 година. Торонто е третата дестинација на Air Serbia во Северна Америка, по веќе воспоставените линии кон Њујорк и Чикаго. Оваа рута има посебно значење, бидејќи последен пат ЈАТ (претходникот на Air Serbia) летал директно до Торонто во мај 1992 година. „Овој стратешки чекор го означува почетокот на ново поглавје во историјата на нашата компанија и претставува продолжение на економскиот, трговскиот и културниот развој на Србија. Значајноста на оваа директна линија ги надминува економските и комерцијалните размислувања, особено поради големата српска дијаспора во Торонто. Оваа рута не само што поврзува две земји, туку и две култури и две заедници“, изјави извршниот директор Марек. Марек додаде дека воспоставувањето силно присуство на северноамериканскиот пазар е клучно за остварување на визијата Белград да стане транзитен центар кој ги поврзува Европа и Северна Америка. Новата линија ќе им овозможи на патниците од Србија и целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија, многу полесно и побрзо да стигнат до своите семејства и пријатели во Канада. Државниот завод за статистика (ДЗС) објави зголемување на бројот на туристи во Македонија. Во август, бројот на туристите достигнал 226.179, кои оствариле вкупно 846.221 ноќевање. Според анализата на ДЗС, во август, 52% од вкупниот број туристи биле странски посетители, додека домашните туристи учествувале со 48%. Сепак, домашните туристи се задржуваат подолго – тие оствариле дури 73.4% од вкупниот број ноќевања, наспроти 26.6% од странските туристи. Податоците за периодот јануари – август 2025 година покажуваат дека вкупниот број на туристи е зголемен за 6.8% во однос на истиот период лани. Клучна улога во овој раст имаат странските туристи, чиј број се зголемил за 11.6%. Истовремено, кај домашните туристи е забележано мало намалување од 1.4%. Слична е состојбата и со ноќевањата во првите осум месеци од годината. Вкупниот број ноќевања бележи раст од 1.0%, при што ноќевањата на странските туристи пораснале за 8.1%, додека кај домашните има намалување од 4.0%. Во однос на земјите од каде што дошле најмногу странски туристи во август, листата е предводена од Турција со 49.093 посетители, Србија со 10.309 туристи, Романија со 5.202 туристи и Холандија со 5.075 туристи. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%. Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 73,00 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 75,00 (денари/литар). - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 68,00 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 67,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,661 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 14.10.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени. Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на спогодба со Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) против двајца државјани на Република Србија за кривично дело „Криумчарење“. Како што соопшти Јавното обвинителство, двајцата обвинети на 1 октомври влегле во земјава преку граничниот премин „Блаце“, избегнувајќи ја царинската контрола и пренеле 2.300 штеки (23.000 кутии) цигари со косовски бандероли. Вкупната вредност на непријавената акцизна стока изнесува 3.220.000 денари. Криумчарењето било извршено со товарно возило во сопственост на правно лице од Србија, при што цигарите биле скриени во импровизирани бункери во приколката. Криумчарената стока била откриена од полициски службеници на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, каде што го забележале и контролирале камионот. Во моментот на контролата, во истото возило биле товарани и цигари со македонски бандероли. Согласно постигнатата спогодба, која е потврдена од Судот: - На обвинетите им е изречена парична казна од по 4.000 евра за секој, која треба да ја платат веднаш. - Изречена им е и казна протерување од земјата во времетраење од пет години. - Дополнително, одземени се сите криумчарени цигари, камионот со приколка, 1.300 евра кои биле пронајдени кај нив, како и два мобилни телефони. Американскиот претседател Доналд Трамп објави на социјалната мрежа „Truth Social“ дека Соединетите Американски Држави ќе воведат 100% царина за Кина, како одговор на Пекинг за најавата на извозни контроли врз речиси сите производи. Според Трамп, Кина испратила писмо до државите во кое најавува воведување на големи извозни контроли, почнувајќи од 1 ноември 2025 година, за секој производ што го произведува, како и за некои производи што не се произведени од нив. Трамп го опиша потегот на Кина како агресивна позиција и нешто непознато во меѓународната трговија. Тој смета дека ова е план разработен од Кина пред неколку години и дека ги погодува сите земји, без исклучок. Како одговор на ова, Трамп најави: - Почнувајќи од 1 ноември 2025 година (или порано, во зависност од понатамошните дејствија на Кина), САД ќе воведат царина од 100% на Кина, која ќе биде дополнителна на сите веќе постоечки царини. - На истиот датум, САД ќе воведат контрола на извозот на секаков критичен софтвер. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, на митингот за локалните избори што се одржа во Валандово, го претстави планот за изградба на експресен пат кој стратешки ќе ги поврзе паневропските Коридори 10 и 11. „Еден проект којшто е визија, којшто лично премиерот го води, тоа е поврзување на Македонија со остатокот од светот преку паневропските коридори, коишто поминуваат низ Македонија,“ рече Николоски. Тој посочи на стратешката позиција на земјата, каде се сечат Коридорите 8 и 10 источно од Скопје, како и близината на Коридорот 11 (по реката Струма во Бугарија). „Планот е поврзување на коридорот 10 и коридорот 11. Тоа поврзување треба да се случи токму овде во Валандово, односно нашиот план е да се изгради експресен пат којшто ќе оди од Смоквица, преку Валандово, под Валандовско Брдо, ќе излегува на другата страна кај Куклиш, обиколница на Струмица, до Ново Село и на тој начин да се поврземе со Петрич и со другиот автопат којшто оди по реката Струма,“ објасни министерот Николоски. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) го означи почетокот на нов инвестициски циклус во енергетиката, издавајќи ги првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори. Лиценците се издадени на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2.600 kW. Овие системи се инсталирани во склоп на две веќе изградени и функционални фотонапонски електроцентрали (ФЕЦ). Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, истакна дека воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција кон создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. „Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар,“ посочи Бислимоски. Од РКЕ очекуваат голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на вакви системи за складирање, познати како „сториџи“. Дополнително, се очекува и интерес од компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Бислимоски нагласи дека складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите се зголемуваат, се очекува да влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот. Батериските системи, исто така, ќе можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на мрежата и одржување на параметрите во пропишани граници. Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредени во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци. Кандидатот за градоначалник на Скопје и актуелен градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вети дека општина Кисела Вода ќе добие нова, современа поликлиника во населбата Расадник, здравствен објект што ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за сите жители од овој дел на општината. Со години, жителите на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа во својата непосредна близина, па за секој лекарски преглед беа принудени да патуваат до други делови на градот. Обезбедена е градежна парцела за изградба на поликлиниката, а целосно е изработен и основниот проект, според кој новата зграда ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат. Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и достапна локација за сите жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории. Жителите на Кисела Вода ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат во други делови на градот, а истовремено ќе придонесе за растоварување на постојните здравствени установи во Скопје.