Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Најнови

Изградбата на телекомуникациската кула на Водно е во завршна фаза
Изградбата на телекомуникациската кула на Водно е во завршна фаза
Претседателот на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов, објави дека телекомуникациската кула на Водно е во завршна фаза. Во рок од 10 дена, кранот кој се користеше за изградба треба да биде симнат. За успешно да се изведе оваа операција, пристигнати се и странски екипи. Остануваат уште неколку ситници, како и приклучокот за електрична енергија со ЕВН. Ротирачката платформа, која е дел од предвидениот ресторан, е веќе тестирана и работи. Брзината на вртење е отприлика еден час за еден цел круг. Телекомуникациската кула на Водно е висока 155 метри, што е околу два и пол пати повисоко од Милениумскиот крст. Изградбата на објектот започна во 2013 година, а основната идеја на проектот е да се изгради посебен антенски систем за контрола на радиофрекфенции.
ЈП „Национални шуми“ со финансиска поддршка од 48 милиони денари за набавка на нова механизација и опрема
ЈП „Национални шуми“ со финансиска поддршка од 48 милиони денари за набавка на нова механизација и опрема
Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски потпиша договор за финансиска поддршка со директорот на ЈП „Национални шуми”, Здравко Трајанов, за инвестициони вложувања за набавка на механизација и опрема во шумарството и заштита од природни непогоди во вкупен износ од 48 милиони денари. Финансиската поддршка се доделува во висина од 100% од вредноста за инвестициони вложувања за набавка на механизација и опрема во шумарството и заштита од природни непогоди но не повеќе од 48.000.000 денари со вклучен ДДВ. Со финансиските средства е предвидена набавка на: - Специјална опрема за гасење на шумски пожари – пумпи. - Градежни машини – Булдожери. - Дизел – компресор комплет за потребите при изградба на патишта. - Трактор со витло. Оваа директна инвестиција има за цел модернизација на ЈП „Национални шуми” во делот на заштитата на шумите и ефикасното справување со природните непогоди.
Исплатени над 407 милиони денари субвенции кон 8000 земјоделци
Исплатени над 407 милиони денари субвенции кон 8000 земјоделци
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната прес-конференција соопшти дека се исплатени над 407 милиони денари кон речиси 8.000 земјоделци. Исплатата е наменета за поддршка на градинарските култури и сточарскиот сектор. Според изјавата на министерот, 259 милиони денари се исплатени на 4.143 земјоделци кои предале градинарски култури во преработувачки капацитети во текот на мај-јуни и ноември-декември 2024 година, во рамки на Програмата за финансиска поддршка за 2024 година. Субвенциите изнесуваат 3 денари по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперката од сортата куртова капија, каде исплатата е 5 денари по килограм. Истовремено, извршена е исплата од над 147 милиони денари кон 3.686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Оваа поддршка се однесува на периодот јануари-март 2025 година, а висината на директните плаќања е 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко. Министерот истакна дека овие исплати ја потврдуваат посветеноста на Министерството кон развојот на македонското земјоделство. Од почетокот на мандатот, исплатени се над 11 милијарди денари кон земјоделците, што е доказ за континуираната поддршка на секторот.
Во Кавадарци ќе се гради дом за стари лица
Во Кавадарци ќе се гради дом за стари лица
Жителите на Кавадарци наскоро ќе добијат современ дом за стари лица, откако денеска беше потпишан договор меѓу Општина Кавадарци и Министерството за труд и социјална политика. Договорот за изградба на јавна општинска установа за вонсемејна социјална заштита на стари лица го потпишаа претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов и министерот Фатмир Лимани. Според договорот, објектот ќе биде во сопственост на општината, додека стопанисувањето ќе биде заедничко со Министерството за труд и социјална политика. По потпишувањето на договорот, Министерството треба да спроведе тендерска постапка, по што ќе започнат градежните активности. Новиот дом ќе има капацитет од 55 легла, а просториите ќе бидат современо уредени и опремени за достоинствен живот на корисниците. Локацијата се наоѓа во близина на споменикот на Киро Крстев, веднаш до паркот и Службата за итна медицинска помош, што обезбедува лесен пристап и мирна околина. Цената за престој ќе биде регулирана од надлежното министерство, со минимален надомест кој ќе обезбеди еднаков пристап за сите пензионери. Овој проект е дел од локалната стратегија на општината за унапредување на грижата за постарата популација, а неговата изработка е целосно дело на општинските служби.
ССМ поднесе барање до пратениците за зголемување на минималната плата на 500 евра
ССМ поднесе барање до пратениците за зголемување на минималната плата на 500 евра
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска официјално поднесе барање до пратениците во Собранието за итно зголемување на минималната плата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повика на вонреден раст на минималната плата на 500 евра, со цел да се овозможи исплата на повисоки плати веќе од август 2025 година. Трендафилов потенцираше дека ова барање е оправдано, неопходно и базирано на споредбите со другите земји во регионот и Европската Унија. Според него, Македонија е во ризик да има најниско платени работници, а истовремено највисоко платени функционери во споредба со останатите земји. „Бараме Собранието на Македонија и пратениците веднаш да пристапат кон законска процедура и да го прифатат предлогот на работниците“, истакна Трендафилов. Од ССМ очекуваат пратениците да покажат одговорност и да го прифатат предлогот, со што ќе се овозможи не само зголемување на минималната плата, туку и на сите останати плати кои се поврзани со нејзиниот раст. Трендафилов ја заврши изјавата со директна порака до пратениците: „Да видиме кој е за, а кој е против работниците!“
Apple ќе инвестира 600 милијарди долари во САД
Apple ќе инвестира 600 милијарди долари во САД
Технолошкиот гигант Apple објави нова, амбициозна инвестиција од 100 милијарди долари, што го зголемува вкупниот износ на планираните инвестиции во САД на 600 милијарди долари во следните четири години. Клучна компонента на оваа инвестиција е новиот Американски Производствен Програм, чија цел е да донесе нови компании од синџирот на снабдување на Apple, да ги зголеми инвестициите и да поттикне глобални компании да произведуваат клучни компоненти во САД. Според Apple, делови и компоненти произведени во САД се испорачуваат до клиенти низ целиот свет, при што околу две третини од компонентите направени во Америка се извезуваат. Компанијата во моментов соработува со илјадници добавувачи, поддржувајќи повеќе од 450.000 работни места. Во следните четири години, Apple планира директно да вработи 20.000 луѓе во САД. Најголем дел од новите вработени ќе бидат фокусирани на истражување и развој, развој на софтвер, вештачка интелигенција и машинско учење.
Сицилија ќе се поврзе со копнениот дел на Италија со мост кој ќе чини 13,5 милијарди евра
Сицилија ќе се поврзе со копнениот дел на Италија со мост кој ќе чини 13,5 милијарди евра
Италијанската влада даде конечно одобрување за изградба на мост над Месинскиот теснец вреден 13,5 милијарди евра, кој ќе ја поврзе Сицилија со копнениот дел на Италија. Проектот е дебатиран уште од крајот на 1960-тите, но беше стопиран поради огромната цена на чинење и трусното подрачје. Според проектот, мостот над Месинскиот теснец ќе има должина од 3,6 километри и ќе се протега меѓу две кули високи 400 метри, со две железнички линии во средината и по три сообраќајни ленти на двете страни. Министерот за транспорт Матео Салвини, истакна дека целта е мостот да се заврши меѓу 2032 и 2033 година. Тој исто така изјави дека мостот ќе отвори 120.000 работни места годишно и ќе донесе економски раст во јужниот дел на Италија. Министерот за транспорт Матео Салвини, истакна дека целта е мостот да се заврши меѓу 2032 и 2033 година. Тој исто така изјави дека мостот ќе отвори 120.000 работни места годишно и ќе донесе економски раст во јужниот дел на Италија. Мостот ќе биде граден од компании од Италија, Шпанија и Јапонија. Оваа недела еколошките здруженија поднесоа жалба до ЕУ, укажувајќи на сериозни ризици за локалната животна средина.
Ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата или потрошувачите-производители на 10 kW
Ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата или потрошувачите-производители на 10 kW
Ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата или потрошувачите-производители на 10 kW и истовремено ќе се скрати рокот за издавање на дозволи за инсталација на кровни фотоволтаици. За првпат во законската регулатива се предлага да се воведе законски рок за административната постапка за издавање на дозволи за поставување на кровни фотоволтаици за потрошувач – производител. Овие измени се предвидуваат во предлозите за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги објави на ener.gov.mk. Рокот од еден месец ќе се однесува на постапката за издавање дозвола за поставување соларна опрема со капацитет до 100 kW, како и за потрошувач-производител на обновлива енергија и за заедници на обновлива енергија. Со измените потрошувачите-производители добија повисоки прагови за своите електрани и тоа за домаќинствата лимитот е до 10 kW, а компаниите – 70 kW. Со предлог измените се поедноставува и постапка за приклучување на електродистрибутивната мрежа на потрошувач-производител кој користи ОИЕ. Доколку при анализа на условите за приклучување се утврди дека не е можно приклучување на предложената локација, операторот на електродистрибутивниот систем е должен во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето за приклучок, писмено да го извести барателот и да му предложи алтернативна точка за приклучување, врз основа на технички и безбедносни причини или некомпатибилност на компонентите на системот. Операторот на електродистрибутивниот систем е должен да го приклучи енергетскиот објект на електродистрибутивната мрежа во рок од еден месец од официјалното потврдување на комплетноста на поднесената документација. Доколку операторот на електродистрибутивниот систем не се произнесе во рокот од мрежните правила се смета дека согласноста за приклучување е дадена. Со ова предложено законско решение се прави решителен чекор кон енергетска независност и интеграција на обновливите извори на енергија, намалување на потрошувачката на енергија, емисиите на јаглерод диоксид, на азотни оксиди (NOx), неметански јаглеводороди и честички и усогласување со ЕУ стандардите.Пакетот мерки истовремено ја јакне енергетската ефикасност и создава стабилна рамка за обновливите извори на енергија со директни економски и еколошки придобивки за граѓаните и бизнисите. Документот е изработен по принципот енергетска ефикасност на прво место и со него се отвора јасен и практичен пат за побрза транзиција до почиста животна средина без да се загрози стабилноста на системот. Министерството предлага и 20-годишна стратегија за реновирање на станбени, јавни и комерцијални згради со енергетски ефикасни решенија. Односно, Владата, на предлог на МЕРМС донесува и долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради, со која овие градби и станбени и деловни објекти ќе ги трансформира во високо енергетски ефикасни објекти со речиси нулта потрошувачка, со можност за широка интеграција на обновливи извори на енергија (ОИЕ), како што се соларните системи. Со имплеметација на ОИЕ ќе се намалуваат стакленичките гасови и се штити животната средина и се постигнува и климатската неутралност. Тројно ќе се зголеми и заштедата во јавниот сектор, односно МЕРМС во соработка со Службата за општи и заеднички работи при Владата подготвува и предлог план за реконструкција на згради кои се користат во јавниот сектор, и тоа со реконструкција на најмалку 3% од корисната подна површина на зградите годишната заштеда на енергија се зголемува од 1% на 3%. Ова се однесува на објекти со вкупна корисна подна површина над 250 квадратни метри кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики, а кои се користат од страна на лицата од јавниот сектор на државно ниво. Инсталацијата на соларни колектори за топла вода во новите јавни објекти или при значајна реконструкција на објекти станува задолжителна, доколку е технички и економски изводливо. МЕРМС воспоставува и финансиски механизми, јавни повици и едношалтерски систем за поддршка на проекти за енергетска ефикасност и ОИЕ, овозможувајќи инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии, како механизми за постигнување на целите на Стратегијата за реконструкција. Јавниот сектор се обврзува да набавува производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди, вклучувајќи сертификати за енергетски карактеристики, промовирајќи технологии со низок јаглероден отпечаток. Измените влијаат и креирање можност за меѓуопштинска соработка за локален развој во општини со помалку од 15.000 жители. Тие можат да формираат заеднички тела за програми за енергетска ефикасност, и со усвојување на програма за енергетска ефикасност ќе добијат пристап и до Фондот за енергетска ефикасност.
УЈП затвори четири објекти, 30 проценти од контролираните се со неправилности
УЈП затвори четири објекти, 30 проценти од контролираните се со неправилности
Во периодот од 28 јули до 03 август 2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало. Контролите беа реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8%, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување). Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: - Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности. - Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид. - Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности. - Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар. - Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово. Од УЈП апелираат до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување.
Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет во 2026 година
Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет во 2026 година
Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет, кое ќе се одржи од 20 до 29 април 2026 година во Скопје. Овој значаен меѓународен спортски настан ќе се реализира во организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт на Македонија. Договорот за организација на првенството беше официјално потпишан од страна на министерот за спорт Борко Ристовски, претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска и претседателот на Светската федерација за училишен спорт, Жељко Танасковиќ. Министерот Ристовски истакна дека организацијата на ова првенство претставува признание за заложбите спортот да биде во секојдневието на младите преку училишниот систем. - Горд сум што Македонија ќе биде домаќин на еден ваков значаен светски спортски настан. Ова првенство е признание за нашата заложба спортот да биде составен дел од животот на младите. Овој настан е една поширока платформа која ги поврзува спортот, образованието, младинските политики и интернационалната соработка. Ваквите меѓународни првенства се силен поттик и инспирација за учениците да се вклучат во спортските активности, да се натпреваруваат, да негуваат вистински вредности и да растат како личности. Верувам дека нашите млади ракометари ќе го искористат овој момент како мотивација за уште поголеми спортски успеси – порача Ристовски. Претседателот на Светската федерација за училишен спорт, Жељко Танасковиќ ја истакна важноста на едно вакво големо спортско натпреварување во ракомет како спорт што е особено популарен во балканскиот регион. - Ракометот е најпопуларен спорт во Македонија. Идејата Скопје да биде домаќин на ова престижно првенство се роди за време на Светската гимназијада што се одржа на Златибор. Министерот Борко Ристовски и неговиот тим го посетија настанот и беа импресионирани од високото ниво на организација во училишниот спорт. Убеден сум дека ќе се создаде прекрасен амбиент и ќе се испрати јасна порака дека еден ваков настан гради мост меѓу образованието, спортот и културата – рече Танасковиќ. Посочувајќи го значењето, но и одговорноста да се организира ваков голем настан, претседателката на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска истакна дека Светско училишно првенство во ракомет ќе биде вистински спортски празник за градот и за државата. - Организацијата на Светско училишно првенство е огромен настан за нас како Федерација за училишен спорт и упатувам голема благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски за поддршката што ни ја дадоа да го добиеме и да го организираме овој училишен ракометен мундијал. Голема е важноста и одговорноста што ја носи организацијата на вакво натпреварување со толку млади спортисти, млади ракометари и идни ракометни ѕвезди. Верувам дека ова натпреварување ќе биде мотив за натпреварувачите, но воедно, мотив и за сите млади спортисти да продолжат да работат и да напредуваат – рече Мицковска. На првенството се очекува да настапат околу 1000 млади ракометари и ракометарки - средношколци на возраст до 18 години од целиот свет.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk