Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Економија

Се намалува бројот на превезени патници во автобускиот превоз
Се намалува бројот на превезени патници во автобускиот превоз
Вкупниот број на превезени патници во патничкиот патен превоз забележа намалување од 6,4% во третото тримесечје во споредба со истиот период ланни, достигнувајќи вкупно 8,8 милиони превезени патници. Намалување на бројот на патници е регистрирано во сите видови на превоз. Најголем пад е забележан во меѓународниот превоз со намалување од 12,5%. Следи меѓуградскиот превоз со пад од 8,6%, потоа приградскиот превоз со намалување од 7,8%, додека во градскиот превоз намалувањето изнесува 4,6%. Вкупниот број на патничките километри е намален за 1,8% во однос на истиот период од претходната година, достигнувајќи 292 милиони километри. И покрај намалениот број патници, патничките километри во градскиот превоз се зголемени за 24,2%. Патничките километри во меѓуградскиот превоз се намалени за 4,5%, во меѓународниот превоз за 2,8%, а во приградскиот превоз за 1,3%.
Трамп ја одобри продажбата на борбени авиони Ф-35 на Саудиска Арабија
Трамп ја одобри продажбата на борбени авиони Ф-35 на Саудиска Арабија
Американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман вчера одржаа билатерална средба во Белата куќа, што е прва посета на принцот на Вашингтон по 2018 година. Главни теми во разговорите се однесуваа на одбраната и безбедноста. Претседателот Трамп ја потврди одлуката на неговата администрација за продажба на напредни борбени авиони Ф-35 на Саудиска Арабија. За време на вечерата, на која присуствуваа високи претставници и бизнис лидери како Илон Маск и Тим Кук, Трамп формално ја прогласи Саудиска Арабија за главен сојузник надвор од НАТО. Мохамед бин Салман најави дека Саудиска Арабија планира драстично да ги зголеми своите инвестиции во САД. Имено, претходно најавените инвестиции од 600 милијарди долари се очекува да пораснат на речиси 1 трилион долари, со фокус на стратешки сектори како вештачката интелигенција и енергетиката. Тема на разговорите беше и можноста за нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел. Претседателот Трамп изрази оптимизам, додавајќи дека добил позитивен одговор од саудиската страна.
Орбан ја критикува ЕУ за барањето повеќе средства за Украина, прави споредба со давање вотка на алкохоличар
Орбан ја критикува ЕУ за барањето повеќе средства за Украина, прави споредба со давање вотка на алкохоличар
Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати критика кон Европската комисија и нејзината претседателка, Урсула фон дер Лајен, поради барањето до земјите членки да издвојат повеќе финансиски средства за Украина. Орбан потврди дека добил писмо од Фон дер Лајен, во кое таа наведува дека финансискиот јаз на Украина е значителен и бара од земјите членки да испратат повеќе пари. „Во време кога стана јасно дека воена мафија ги испумпува парите на европските даночни обврзници, наместо да бара вистински надзор или да ги суспендира плаќањата, претседателката на Комисијата предлага да испратиме уште повеќе.“ - напиша Орбан. Тој ја спореди ситуацијата со обид да се помогне на алкохоличар со давање на вотка, нагласувајќи дека Унгарија го нема изгубено здравиот разум. Орбан го обвини Брисел дека турка воена економија, додека тој ќе остане фокусиран на националните интереси, а не на финансирање туѓ конфликт.
Од Скопје до Атина за пет часа: Николоски најави дека изградбата на Коридорот 10д ќе го скрати патувањето за три часа
Од Скопје до Атина за пет часа: Николоски најави дека изградбата на Коридорот 10д ќе го скрати патувањето за три часа
Вицепремиерот Николоски на Економскиот форум во Виена ги претстави амбициозните планови на Македонија за капитални инвестиции во транспортната инфраструктура, најавувајќи дека земјата започнува со најголемите проекти на главните европски Коридори 8 и 10. Во однос на патната мрежа, Николоски најави дека се работи на изградба или завршување на автопати на целиот Коридор 8 – од границата со Албанија до границата со Бугарија. Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на Коридорот 8 ќе достигне околу 1,5 милијарди евра, а истовремено се реконструираат и надградуваат граничните премини. Дополнително, се гради и Коридорот 10д, најголемиот автопат некогаш изграден во државата, кој ќе го скрати патувањето меѓу Скопје и Атина за околу три часа. „Го развиваме и коридорот 10д – коридорот кој го крати растојанието меѓу Атина и Скопје. Ако во моментов се патува осум до осум и пол часа, со ова ќе се скрати на пет до пет и пол часа.“ - изјави Николоски. Како најголем предизвик и шанса, Николоски ја наведе изградбата на брзата железница на Коридорот 10. Овој мега-проект, проценет на околу 2 милијарди евра, ќе овозможи патнички возови да возат со 250 км/ч, а товарни со 140 км/ч, користејќи ги најдолгите можни возови во Европа. Со поврзувањето на Белград-Ниш-Скопје-Солун, ќе се скрати времето за снабдување на Европа од Атина и Солун, од 21-24 дена преку северните пристаништа. За реализација на оваа брза пруга, е потпишан договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Почетокот на изградбата се очекува на пролет следната година, со цел целосно завршување на двојната пруга до 2031 година, а се очекува годишен приход од транзит од околу 120 милиони евра. На Коридорот 8 се работи и на железничко поврзување со Бугарија. Минатата недела е потпишан договор за заедничко спојување, а со вкупна инвестиција од двете земји од околу 2 милијарди евра ќе се оствари сонот на многу генерации за поврзување на Скопје и Софија. Воедно, се работи и на плановите за развој на западното крило на железницата за поврзување со Албанија и Јонското Море.
Украина купува 100 француски борбени авиони „Rafale“ и напредни системи за воздушна одбрана
Украина купува 100 француски борбени авиони „Rafale“ и напредни системи за воздушна одбрана
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот француски колега Емануел Макрон денеска во Париз потпишаа Договор за набавка на борбени авиони, значително зајакнувајќи ги долгорочните одбранбени капацитети на Украина. Зеленски потврди дека Киев започнува процес на набавка на 100 борбени авиони „Rafale“ од француската компанија Dassault. Покрај авионите, договорот вклучува и набавка на напредни системи за воздушна одбрана SAMP/T, радарски системи и муниција. Овој пакет е директен одговор на зголемените руски напади со беспилотни летала и ракети врз клучната украинска енергетска инфраструктура. Претседателот Макрон нагласи дека целта на договорот е да се зголеми француската воена индустрија во служба на одбраната на Украина и да ѝ се овозможи на земјата да ги набави системите неопходни за справување со Русија. Зеленски вчера во Атина потпиша договор за снабдување со гас од Грција, што треба да ги надомести загубите во украинското производство.
Тутунскиот комбинат Прилеп од утре започнува со откуп на тутун
Тутунскиот комбинат Прилеп од утре започнува со откуп на тутун
Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со директорот на Тутунскиот комбинат Прилеп, Александар Алексовски, на која се разговараше за почетокот на откупот на тутун од реколта 2025 година. „Знаете се наоѓаме на почетокот на откупната сезона на тутун од реколта 2025 година, согласно процедурите, мострите во текот на денешниот ден ќе бидат подигнати, што значи дека од утре ќе може да се почне со откуп на тутун”, истакна министерот Трипуновски од Прилеп. Според информациите добиени од директорот на Тутунскиот комбинат, на сите пунктови кои се веќе пријавени, во текот на утрешниот ден ќе започне откупот на тутун и ќе трае согласно законските рокови. Министерот Трипуновски посочи дека оваа година имаме тутун со одличен квалитет, со што се продолжува традицијата на квалитетно производство. „Минатата година знаете дека постигнавме сериозен успех, имаме околу 11% зголемени површини од пријавени земјоделски стопанства во делот на одгледувачи на тутун. Тоа значи дека веќе го враќаме овој стратешки производ на пиедесталот”, појасни министерот. Министерот посочи дека Министерството останува посветено и ќе го следи целиот процес на откупување на тутунот преку Државниот инспекторат за земјоделство, кој е надлежен за откуп на земјоделските производи. Министерот Трипуновски истакна дека се надева дека оваа година ќе имаме поуспешна откупна сезона на тутун.
Од полноќ бензините поскапуваат за еден денар, дизелот за половина денар
Од полноќ бензините поскапуваат за еден денар, дизелот за половина денар
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,23% во однос на одлуката од 11.11.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,628%, кај дизелот за 1,766%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,022% и кај мазутот има исто така намалување за 2,563%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5545%. Од 18.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 75,50 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 77,50 (денари/литар). (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 72,50 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 69,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 35,621 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,806 ден/кг и сега ќе изнесува 35,621 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 18.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
САД ги намалуваат царините за Швајцарија на 15%, во замена Швајцарија ќе инвестира 200 милијарди долари во САД
САД ги намалуваат царините за Швајцарија на 15%, во замена Швајцарија ќе инвестира 200 милијарди долари во САД
САД и Швајцарија постигнаа трговски договор со кој се става крај на високите американски царини. Договорот предвидува драстично намалување на американските давачки за швајцарскиот извоз во замена за масовен план за инвестиции од страна на швајцарските компании во САД. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир и швајцарската Влада потврдија дека е постигнат договор за намалување на царините за повеќето швајцарски стоки од досегашните 39%, на 15%. Оваа стапка го изедначува третманот на швајцарските извозници со оној што веќе го имаат земјите од Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја, и претставува големо олеснување за клучните швајцарски сектори како што се фармацијата, индустриските машини, часовниците и накитот. Како дел од договорот, швајцарската Влада објави дека швајцарските и лихтенштајнските компании планираат да инвестираат околу 200 милијарди долари во САД до крајот на 2028 година. Од Белата куќа информираа дека овие инвестиции ќе создадат илјадници добро платени работни места во сектори како: Фармација и медицински помагала, машини и напредно производство и инфраструктура. Според американските власти, овој потег ќе помогне да се намали трговскиот суфицит од 38 милијарди долари што Швајцарија го има со САД.
Геотермална енергија, модернизација на РЕК Битола и интеграција на пазарот на струја: Македонија и Унгарија ја зацврстуваат енергетската соработка
Геотермална енергија, модернизација на РЕК Битола и интеграција на пазарот на струја: Македонија и Унгарија ја зацврстуваат енергетската соработка
Министерството за енергетика денеска објави дека на петтата седница на Мешовитиот комитет за економска соработка со Унгарија е зацврстена стратешката енергетска соработка меѓу двете земји. Средбата ја потврдила посветеноста на Скопје и Будимпешта кон регионална енергетска стабилност, непрекинато снабдување со гас и поддршка на клучни инфраструктурни проекти. На билатералните средби со Петар Старај, претседавач на Мешовитиот комитет, и Петар Холица, заменик државен секретар на Министерството за енергетика на Унгарија, била потврдена заедничката заложба за размена на добри практики и експертиза. Државниот секретар на Министерството за енергетика на Македонија, Горан Јовановски, истакна: „Охрабрени сме од техничкиот дијалог за геотермална енергија, модернизацијата на РЕК Битола и продлабочената соработка помеѓу HUPX (Унгарската берза на електрична енергија) и MEMO (Македонскиот оператор на пазарот на електрична енергија), која ќе ја олесни интеграцијата на пазарите и размената на експертиза.“ Од Министерството потенцираат дека седницата јасно покажала оти соработката меѓу Македонија и Унгарија се базира на доверба и визија за одржлива енергетска иднина за целиот регион.
ДЗС: Прометот во индустријата е зголемен за 5.6% во септември
ДЗС: Прометот во индустријата е зголемен за 5.6% во септември
Вкупниот промет во индустријата во септември 2025 година забележа пораст од 5.6% во споредба со истиот месец минатата година, објави Државниот завод за статистика (ДЗС). Овој раст е дел од позитивниот тренд, бидејќи прометот во периодот јануари – септември 2025 година е повисок за 6.6% во однос на истиот период од 2024 година. Според главните индустриски групи, најголем пораст е регистриран кај Капиталните производи со 7.4% и кај Нетрајните производи за широка потрошувачка со 7.0%. Пораст бележи и групата Интермедијарни производи, освен енергија со 3.1%. Единствено опаѓање е забележано кај Трајните производи за широка потрошувачка за 7.2%. Најголемо влијание врз вкупниот пораст имаат одделите: Производство на моторни возила, приколки и полуприколки со раст од 28.9%, потоа Производство на прехранбени производи со 5.6% и Производство на текстил со 3.9%. Анализата на пазарите покажува различен раст. Прометот на домашниот пазар во септември 2025 година е зголемен за 10.4% на годишно ниво, додека на странските пазари е забележан пораст од 4.9%. Сепак, кумулативно, прометот на странските пазари во првите девет месеци од 2025 година (јануари – септември) има поголем пораст од 8.0%, наспроти растот на домашниот пазар од 0.5% во истиот период. Во однос на претходниот месец, прометот во индустријата во септември 2025 година во однос на август 2025 година бележи значителен пораст од 29.1%.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk