Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денес остро ги осуди, како што ги нарече, „квази синдикатите“ и ги обвини за соработка со власта и работодавците, за притисоци врз работниците и за попречување на зголемувањето на платите. Во своето обраќање, тој директно се осврна на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСС), тврдејќи дека тие се главниот виновник за застојот во покачувањето на платите во јавниот сектор. Според Трендафилов, ССМ добил информации од работници дека „квази синдикатот“ САДУ, кој е дел од КСС, им се заканувал на вработените во име на владини и партиски функционери, пратеници, градоначалници и директори. „Им се заканувале на работниците да се приклучат кон некој си квази синдикат САДУ, во КСС, со нечовечки притисоци, со закани, со уцени по работни места“, изјави Трендафилов. Тој додаде дека ССМ има докази за ваквите состојби, вклучувајќи документи, комуникации, мејлови, па дури и фалсификувани пристапници и потписи на работници. Претседателот на ССМ ги обвини уценетите синдикалци дека работат против работничкото движење и правата на работниците со единствена цел - да не се зголемат платите. Трендафилов го истакна ставот дека КСС е главниот виновник за тоа што нема зголемување на платите по Општиот колективен договор за јавен сектор од 12,6%, колку што е порастот на просечната плата. Тој потсети дека КСС, заедно со СОНК, ги „продале работниците во образованието“ за покачување од само 7%. Дополнително, претседателот на ССМ ја обвини КСС дека намерно го минирала протестот за 1-ви мај, со тоа што организирала коктел за функционери и тврдела дека нема потреба од протест бидејќи нема за што да се протестира. Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за „Њузмакс Балканс“ истакна дека со одржливи стапки на економски раст од 5 до 6 отсто годишно, земјава може значително да го скрати времето потребно за економска конвергенција со Европската Унија – од неколку децении на 15 до 20 години. „Според сегашните податоци, БДП по глава на жител кај нас е на ниво од 42% од просекот на ЕУ. За побрзо затворање на тој јаз е потребен значително повисок раст од европскиот. Само со повисоки стапки на раст може да се движиме кон економска конвергенција“, нагласи гувернерот Славески. Тој појасни дека клучот е во структурните реформи и продуктивните инвестиции – особено во човечки капитал, технологија, образование, здравство и инфраструктура – што би овозможило раст над потенцијалот од околу 4% годишно. „Ако успееме да остваруваме раст од 5 или 6%, што е амбициозно, но остварливо, ќе можеме значително побрзо да ја постигнеме економската конвергенција со ЕУ“, изјави Славески. Гувернерот оцени дека, иако растот во првиот квартал бил предводен од потрошувачката, позитивните сигнали од инвестициите, извозот и индустриското производство укажуваат на можност за повисоки стапки на раст во следниот период, со напомена дека светските ризици и натаму се значаен фактор. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска официјално поднесе барање до пратениците во Собранието за итно зголемување на минималната плата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повика на вонреден раст на минималната плата на 500 евра, со цел да се овозможи исплата на повисоки плати веќе од август 2025 година. Трендафилов потенцираше дека ова барање е оправдано, неопходно и базирано на споредбите со другите земји во регионот и Европската Унија. Според него, Македонија е во ризик да има најниско платени работници, а истовремено највисоко платени функционери во споредба со останатите земји. „Бараме Собранието на Македонија и пратениците веднаш да пристапат кон законска процедура и да го прифатат предлогот на работниците“, истакна Трендафилов. Од ССМ очекуваат пратениците да покажат одговорност и да го прифатат предлогот, со што ќе се овозможи не само зголемување на минималната плата, туку и на сите останати плати кои се поврзани со нејзиниот раст. Трендафилов ја заврши изјавата со директна порака до пратениците: „Да видиме кој е за, а кој е против работниците!“ Во периодот од 28 јули до 03 август 2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало. Контролите беа реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8%, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување). Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: - Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности. - Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид. - Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности. - Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар. - Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово. Од УЈП апелираат до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година. Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега. По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима. Царинската управа на Република Македонија бележи историски успех, надминувајќи ја бројката од 12 милијарди денари во наплата, објави денеска директорот Бобан Николовски. Овој резултат претставува значајна пресвртница и континуитет во позитивните трендови на институцијата. Тој посочи дека во истиот месец минатата година (јули 2024), наплатата изнесувала 11 милијарди и 993 милиони денари, што било „само чекор до неа“. Годинава, пак, постигнат е раст од 5,4 проценти, што е еквивалентно на 10,5 милиони евра повеќе од рекордниот резултат остварен тогаш. Растот на наплатата на приходи е евидентен по сите основи, при што најзначајни зголемувања се забележани кај: Царина: раст од дури 21,6%, ДДВ при увоз: раст од 3,8%, Акцизи: раст од 4,5%, Акцизи: раст од 4,5%, Данок на моторни возила: раст од 10,4%. Целта на новото раководството не е само да се биде подобар од претходната администрација, туку да се надминуваат самите себеси. Бруто домашниот производ (БДП) на Германија забележа пад од 0,1% во вториот квартал од 2025 година во споредба со претходниот квартал, покажуваат најновите податоци објавени од Сојузниот завод за статистика (Дестатис). Овој пад доаѓа по ревидираниот раст од 0,3% забележан на почетокот на годината, во првиот квартал. Според прелиминарните податоци на Дестатис, намалувањето на БДП во голема мера се должи на пониските инвестиции во опрема и градби во вториот квартал. Спротивно на тоа, приватната и државната потрошувачка забележаа раст во истиот период. Во споредба со истиот квартал минатата година, БДП во вториот квартал од 2025 година остана на исто ниво (0,0%), иако имаше еден работен ден помалку. Сепак, прилагодено за цени и календарски ефекти, БДП е повисок за 0,4% во однос на истиот квартал лани. Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2025 година продажбите достигнуваат 6.754.023.385 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 10.113.230.177 денари, што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Во 2024 година остваривме импресивен раст од 15%, што значително ги надмина нашите првични проекции и претставуваше речиси двојно зголемување во однос на планираното за 2024 година. Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 %. Од вкупните консолидирани продажби 34 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 % од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Холандија, кои се зголемени 6,6-пати; потоа во Австрија, каде што се зголемени 5,3-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Јужна Африка, каде што се зголемени 3-пати, како и во Финска каде што продажбите се зголемени 2,8 пати. Потоа следуваат оние во Ирска (раст од 66%), Грузија (раст од 45%), Ерменија (раст од 23 %), во Грција (раст од 17 %), Босна и Херцеговина (раст од 14 %), Германија (раст од 14 %), во Словенија (раст од 10 %), Србија (раст од 10 %), Хрватска (раст од 9 %) итн. Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 16 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство бележат намалување во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од 8 %, хемија раст од 15 %, козметика пад од 7 %, а билкарство намалување од 17 %. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора. Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2025 година изнесуваат 615.183.731 денари. Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.614.311.178 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 941.846.091 денари и е зголемена за 7 %. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.699.523.384 денари и бележи раст од 9 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 855.738.395 денари е зголемена за 4 %.