Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Ноќна акција на Пелистер: Ренџерите и полицијата пресретнаа вооружени лица на над 2.000 метри надморска височина
Ноќна акција на Пелистер: Ренџерите и полицијата пресретнаа вооружени лица на над 2.000 метри надморска височина
Заедничка акција на ренџерската служба од Националниот парк „Пелистер“ и полициски службеници од СВР Битола заврши со лоцирање и приведување на вооружени лица кои влегле длабоко во заштитената зона на планината. Акцијата започнала на 12 август по 19:00 часот, врз основа на претходно прибрани информации од теренот. Во потрагата учествувале две патроли на паркот, предводени од директорот Иванчо Тошевски, заедно со полициски екипи, кои се движеле независно една од друга по исклучително тежок и непристапен терен на надморска височина од над 2.000 метри. Едната патрола пристапувала од правец на селото Велушина, додека другата се движела од кај Инфоцентарот за да ги опколат лицата од повеќе страни. По повеќе од три часа пешачење во ноќни услови, околу 23:30 часот вооружените лица биле лоцирани во близина на локацијата Голема Грива, во зоната на строга заштита. По нивното лоцирање, раководењето со акцијата го презеле полициските службеници. Целата операција завршила во раните утрински часови, околу 04:00 часот на 13 август, кога лицата биле спроведени во полициска станица. Од ЈУНП „Пелистер“ упатија јавна благодарност до СВР Битола за високата професионалност и континуираната поддршка во заштитата на природното богатство. Од установата посочуваат дека овој дел од планината е тежок за редовна контрола бидејќи шумските патишта, кои се клучни за противпожарна заштита и патролирање, со години биле оставени да пропаѓаат. Управата на паркот информира дека обновувањето на овие патни правци е високо на нивната агенда и веќе се работи на нивна санација, за подобро да се спречат идни обиди за незаконски активности во најзаштитените зони.
Започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“: Крај на деценискиот сообраќаен хаос
Започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“: Крај на деценискиот сообраќаен хаос
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека официјално започна поставувањето на првиот слој асфалт на булеварот „Борис Трајковски“, со што се става крај на долгогодишните сообраќајни метежи за над 100.000 граѓани кои секојдневно транзитираат низ овој дел од градот. Проектот се реализира со силно темпо, откако за нешто повеќе од три месеци беа надминати сите пречки што со години го кочеа неговото завршување. Клучниот чекор за ослободување на трасата е успешното решавање на деценискиот проблем со имплементацијата и експропријацијата на земјиштето. Градоначалникот упати благодарност до стопанствениците за нивниот коректен и домаќински пристап, со чија соработка се создадоа услови за непречена работа на градежната механизација. Според планот за градба, по завршувањето и асфалтирањето на едната страна, сообраќајот ќе биде пренасочен, по што веднаш ќе започне целосната реконструкција и поставувањето нов асфалт и на другиот дел од коловозот. Покрај површинското асфалтирање, на целата траса паралелно е изградена и соодветна нова атмосферска канализација. Со ова подземно решение се обезбедува правилно одведување на атмосферските води, поголема безбедност во сообраќајот за време на врнежи и долготрајност на новиот булевар за наредните децении.
Лишено од слобода лице од Бучим: Во возилото пронајдени 14.440 евра, одреден му е притвор
Лишено од слобода лице од Бучим: Во возилото пронајдени 14.440 евра, одреден му е притвор
Полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишиле од слобода 35-годишниот М.В. од село Бучим, радовишко, откако при преглед на неговото возило биле пронајдени над 14 илјади евра за кои немал доказ за потекло. Полицијата го забележала патничкото возило „ауди“ со радовишки регистарски ознаки на магистралниот пат кај крстосницата за Неготино. За возачот М.В. претходно била изречена мерка на претпазливост - забрана за напуштање на домот, поради сомнение за сторено кривично дело за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Возилото било запрено на магистралниот пат Радовиш-Штип, кај крстосницата за село Бучим. При извршениот преглед, полициските службеници пронашле 14.440 евра во различни апоени, за кои лицето не приложило никаков доказ за потеклото. За случајот веднаш е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а лицето било задржано во Полициската станица Радовиш. Судија од Основен суд Гевгелија му определил мерка притвор во траење од 30 дена, по што М.В. бил спроведен во Казнено-поправната установа „Затвор Скопје“. По насоки на јавниот обвинител, ОВР Радовиш презема дополнителни мерки и активности за целосно утврдување на сите факти и обезбедување докази. Истрагата е насочена кон обезбедување докази за сомнение за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 од Кривичниот законик.
Отворен првиот Дневен центар во Скопје за лица со попреченост над 14 години
Отворен првиот Дневен центар во Скопје за лица со попреченост над 14 години
Градот Скопје доби нов и значаен социјален сервис. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) официјално го отворија Центарот за дневен престој за лица со попреченост од 14 години и нагоре. Овој центар претставува значаен чекор напред кон градење на вистинска еднаквост и инклузивност во општеството, обезбедувајќи простор за сигурност, грижа и стручна поддршка за лицата на кои им е најпотребна. Во новиот Центар, корисниците ќе имаат можност да добиваат континуирана психолошка и професионална поддршка. Содржините опфаќаат учество во разни едукативни, креативни и рекреативни активности, преку кои лицата со попреченост ќе развиваат практични и животни вештини за зголемување на нивната самостојност и самодоверба. Покрај директната поддршка за корисниците, објектот има важна улога и за нивните семејства, родители и старатели. Центарот овозможува сигурно место каде што нивните најблиски се згрижени, почитувани и поттикнати да ги развиваат сопствените потенцијали и таленти. За време на отворањето беше истакнато дека главната цел на проектот е фокусот да се стави врз можностите и способностите на секој поединец, а не врз ограничувањата. Скопје треба да биде град каде што различностите не се пречка, туку мотив за поголема хуманост и меѓусебна поддршка. Овој дневен центар е замислен да функционира како повеќе од обичен простор за престој, односно да прерасне во место за учење, социјализација, градење нови пријателства и целосна интеграција во заедницата.
Општина Кисела Вода ќе спроведе трето вонредно прскање против комарци во Драчево
Општина Кисела Вода ќе спроведе трето вонредно прскање против комарци во Драчево
Центарот за јавно здравје во соработка со Општина Кисела Вода вечерва реализира трета вонредна акција за дезинсекција на подрачјето на Кисела Вода. Овој третман директно ќе ги опфати населбата и селото Драчево, а главната цел е заштита на здравјето на граѓаните и спречување на масовното размножување на инсектите во овој дел од општината. Теренските активности ќе се реализираат во периодот од 22:00 до 24:00 часот. За време на оваа акција, специјализирани возила ќе дејствуваат за уништување на возрасните комарци низ улиците и јавните површини. Оваа трета вонредна интервенција претставува продолжение на координираните активности кои започнаа кон крајот на минатиот месец со првото прскање против возрасни форми. Процесот продолжи и пред два дена кога екипите на терен вршеа ларвицидна дезинсекција. Во претходната фаза се третирани сите канали, застоени води и влажни подрачја со цел уништување на ларвите од комарци уште пред нивното излегување. Од Општина Кисела Вода упатуваат посебен апел до сите пчелари навремено да ги преземат ги сите потребни заштитни мерки за своите пчелни семејства со цел спречување какви било штетни последици од средствата за дезинсекција. Истовремено, се замолуваат сите жители од населбата и селото Драчево во периодот од 22:00 до 24:00 часот да ги држат затворени прозорците и вратите од своите домови за акцијата да се спроведе безбедно и ефикасно.
Запленети над три илјади игли и опрема за тетовирање на граничниот премин „Блато“
Запленети над три илјади игли и опрема за тетовирање на граничниот премин „Блато“
Царинските службеници на влез во државата на граничниот премин „Блато“ спречија обид за нелегален увоз на поголема количина опрема за тетовирање. Стоката била откриена при детална контрола на товарно моторно возило, со кое возачот се обидел непријавено да ја внесе во Македонија. Над три илјади парчиња игли за тетовирање, 60 пакувања со вкупно 7,2 литри мастило за тетовирање, како и 150 парчиња маст и други помошни алатки наменети за оваа дејност се запленети. Од Царинската управа потсетуваат дека опремата за тетовирање, а особено иглите, подлежи на посебни здравствени регулативи и бара задолжителна соодветна дозвола за увоз. Секој обид за нелегален шверц и трговија со ваква неконтролирана стока претставува директна опасност по здравјето на граѓаните. Царината упати апел до сите учесници во патничкиот и товарниот сообраќај доследно да ги почитуваат законските прописи, со предупредување дека сите обиди за загрозување на безбедноста и здравјето ќе бидат најстрого санкционирани.
Продолжува изградбата на Картинг центарот во Кавадарци: Инвестиција од над 35 милиони денари
Продолжува изградбата на Картинг центарот во Кавадарци: Инвестиција од над 35 милиони денари
Во Кавадарци интензивно продолжуваат градежните активности за реализација на новиот Картинг центар, сместен во месноста Моклиште. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека по официјалното поставување на камен-темелникот и воведувањето во работа, проектот преминува во следната фаза на изградба. Финансиските средства за овој проект во износ од 35 милиони денари се обезбедени преку вториот повик од Владата наменет за општински капитални проекти. Новиот спортско-рекреативен комплекс ќе се простира на површина од 2.700 квадратни метри. Покрај современата картинг патека изградена по сите стандарди, просторот ќе содржи и придружни објекти кои ќе овозможат комплетно спортско и рекреативно искуство за сите посетители. Централниот фокус на овој објект е создавање квалитетни услови за рекреативните возачи и љубителите на автомобилизмот, но и овозможување услови за организација на помали спортски натпревари и настани. Со изградбата на Картинг центарот, Кавадарци добива урбана и спортска содржина каква што досега недостасуваше во целиот регион. Проектот има за цел да го поттикне развојот на мотоспортот кај младите, но и дополнително да ја збогати туристичката и рекреативната понуда на општината, привлекувајќи посетители и љубители на адреналинските спортови од целата држава.
Две градинки во Општина Карпош ќе добијат фотонапонски централи
Две градинки во Општина Карпош ќе добијат фотонапонски централи
Советот на Општина Карпош на својата 16-та седница даде зелено светло за реализација на проектот „Karposh Sustainable Housing Lab“, кој има за цел да ја зголеми енергетската ефикасност и значајно да ги намали емисиите на јаглерод диоксид во општинските установи. Вкупната вредност на проектот е поддржана со грант од 3,3 милиони денари, при што Општина Карпош учествува со сопствени средства во износ од 350.000 денари. Со донесената одлука, фотонапонски електроцентрали за производство на струја од сонцето ќе бидат поставени на два детски објекти на територијата на општината. Првата фотонапонска централа со моќност до 13 kWp ќе биде поставена на објектот „Ѕвездички“ во склоп на ЈУОДГ „Орце Николов“ во населбата Карпош 2. Втората соларна централа со капацитет до 9 kWp ќе се инсталира на објектот „Виножито“ при ЈУОДГ „Распеана Младост“ во Бардовци. Покрај зеленото светло за соларните панели во градинките, општинските советници донесоа и повеќе други важни одлуки за заедницата. Советот изгласа хуманитарна помош во износ од 150.000 денари наменета за Општина Гостивар, а беше дадена и поддршка за процедурата за формирање Локално собрание на млади. На истата седница беа прифатени и неколку донации наменети за подобрување на условите во општинските основни училишта. Станува збор за донација за целосна санација на покривната конструкција во ООУ „Владо Тасевски“, како и донација за комплетно опремување на сензорна соба во ООУ „Лазо Трповски“.
Општина Центар организира јавна анкета и презентација за Нацрт ДУП-от за „Барутана“
Општина Центар организира јавна анкета и презентација за Нацрт ДУП-от за „Барутана“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати јавен апел до жителите на општината активно да се вклучат во јавната анкета за Нацрт Деталниот урбанистички план (ДУП) за локалитетот „Барутана“. Како што истакна тој, одлуките за идниот урбанистички развој на Центар треба да се носат заедно со граѓаните, преку поднесување конкретни предлози, мислења и забелешки за овој простор. Јавната анкета за Нацрт ДУП-от за Барутана официјално ќе трае од 13 август до 14 септември. Во овој период сите заинтересирани граѓани ќе можат да ги прегледаат плановите и да поднесат анкетни листови. Заинтересираните жители може да ги пополнат анкетните листови во просториите на основното општинско училиште „Кочо Рацин“ секој работен ден во периодот од 08:00 до 16:00 часот. Покрај физичкото присуство, овозможено е и електронско учество и пополнување преку официјалната веб-страница на Општина Центар (www.centar.gov.mk) или преку националниот портал e-urbanizam.mk. Во рамки на процедурата предвидена за овој Детален урбанистички план, ќе се одржи и јавна презентација за сите детали од Нацрт-планот. Презентацијата е закажана за 3 септември со почеток во 12:00 часот и ќе се одржи во просториите на Општина Центар. Герасимовски порача дека целта на локалната самоуправа е граѓаните да бидат директен дел од целиот процес со цел заеднички да се донесе најдоброто и најодржливото урбанистичко решение за идниот изглед на Барутана.
ЦУК предупредува: Речиси цела Македонија е под висок ризик од пожари на отворен простор
ЦУК предупредува: Речиси цела Македонија е под висок ризик од пожари на отворен простор
Според најновиот преглед на Македонскиот информациски систем за шумски пожари (МКФФИС), објавен денеска на 10 август, речиси целата територија на државата се наоѓа во зона со висок метеоролошки индекс за опасност од пожари. Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека единствено повисоките делови на Шара во моментов се надвор од оваа зона на висок ризик. Иако според мерењата во моментов нема регистрирани области со многу висок индекс, сепак постои сериозен ризик од брзо појавување и ширење на пожари на отворен простор, како и од избувнување шумски пожари со висок интензитет на целата територија на Македонија. Извештајот упатува на зголемена будност и внимателност на граѓаните на сите локации.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk