Индустриското производство во Македонија во август бележи намалување од 3.5% во однос на истиот месец во 2024 година, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика. Сепак, некои индустриски сектори покажуваат позитивни резултати. Секторот Рударство и вадење на камен забележал раст од 7.0%, додека во секторот Преработувачка индустрија има опаѓање од 1.4%. Најголем пад е забележан во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, кој е намален за 26.8%. Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, на намаленото производство во следните оддели: - Производство на прехранбени производи. - Производство на текстил. - Печатење и продукција на снимени медиуми (записи). - Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати. - Производство на метали. - Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема. - Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место. - Производство на мебел. Според главните индустриски групи, производството во август 2025 година, во однос на август 2024 година, бележи опаѓање кај Енергија за 23.7%, Капитални производи за 12.0%, Трајни производи за широка потрошувачка за 9.1% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.7%. Пораст е забележан кај Интермедијарни производи, освен енергија за 14.8%. Индустриското производство во периодот јануари – август 2025 година е зголемено за 2.2 % во однос на периодот јануари – август 2024 година. Со утринскиот лет што полета денеска во 6:25 часот од Меѓународниот Аеродром Скопје, авиокомпанијата Виз Ер официјално ја започна новата редовна авиолинија кон Штутгарт, Германија. Со ова, главниот град на Македонија добива уште една важна воздушна врска со еден од најразвиените германски градови, а ТАВ Македонија ја нагласи својата посветеност кон проширување на мрежата на дестинации. „Во соработка со Виз Ер и Владата, како ТАВ Аеродроми сме горди што ќе можеме да ги опслужуваме патниците на оваа нова редовна авионска линија. Оваа дестинација е од голема важност за дијаспората, бизнис секторот и сите граѓани кои имаат интерес во регионот на Штутгарт“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија. Авиокомпанијата ќе лета од Скопјe до Штутгарт 3 пати неделно, секој понеделник, среда и петок. Во текот на летниот распоред на летови на аеродромот во Скопјe, односно до 24 октомври, времето на полетување од Меѓународниот Аеродром Скопјe во понеделник и петок е 06:25 часот, додека времето на пристигнување во Штутгарт е 11:10 часот по локално време. Во среда, патниците ќе полетуваат во 06:30 часот, а ќе слетуваат во 11:10 часот по локално време. Во зимската сезона, патувањата ќе се одвиваат во понеделник, среда и петок, но сите летови со исти времиња на полетување и следување, односно 06:30 часот со 11:30 часот по локално време. Со додавањето на Штутгарт на мапата на рути на Меѓународниот Аеродром Скопјe, Виз Ер има вкупно 9 рути до 9 градови во Германија: Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,49% во однос на одлуката од 22.09.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,678% и кај дизелот за 0,070%, додека кај екстра лесното масло има зголемување за 0,278% и кај мазутот зголемувањето е за 1,867%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5170%. Од 30.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС 95 - 75,50 (денари/литар). - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС 98 - 77,50 (денари/литар). - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 69,50 (денари/литар). - Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 69,50 (денари/литар). - Мазут М-1 НС - 37,591 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менуваат. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,644 ден/кг и сега ќе изнесува 37,591 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.9.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени. Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, потпишаа важен договор за изградба на нова, ултра модерна поликлиника во општината. „Ви ветив и ќе остварам!“, изјави Костовски, истакнувајќи дека овој проект претставува историски момент за сите граѓани на Општина Бутел. Тој додаде дека со изградбата на новата поликлиника ќе се подобрат условите за здравствена заштита и ќе се обезбедат современи здравствени услуги за сите жители. Поликлиниката ќе се изгради на локацијата на старата амбуланта, согласно со усвоениот урбанистички план. Со оваа нова здравствена институција, жителите на Бутел ќе имаат пристап до широк спектар на здравствени услуги, без потреба да патуваат големи растојанија за да ги задоволат своите потреби. Градоначалникот се обрати до граѓаните, најавувајќи дека наскоро ќе започне изградбата и дека ќе ги извести сите за денот кога ќе биде поставен камен темелник на новата поликлиника. На 26.09.2025 година, во селото Страчинци, скопско, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишија од слобода 50-годишен жител на селото, С.И. Претресот е извршен по претходно забележаните гранки и стебла од канабис, кои се наоѓале под стреата на неговата куќа, сместени во саксии. По добивањето судска наредба, Единицата за недозволена трговија изврши претрес во домот на лицето, при што беа пронајдени 90 гранки од растението канабис, како и две ќеси со помали гранчиња. Сите пронајдени предмети беа одземени од страна на полицијата. Лицето е задржано во Полициска станица Гази Баба, а по комплетирање на истрагата и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава за кршење на законите за недозволена трговија со наркотични супстанци. Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска оствари работна средба со менаџментот на фабриката Баумер која работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1. На средбата се разговараше за досегашните активности на фабриката, како и плановите за во иднина и потенцијалната нова инвестиција, по што беше реализирана и обиколка низ производствениот погон. Димовски нагласи дека дирекцијата за ТИРЗ ја поддржува секоја нова инвестиција која ќе донесе поголем економски раст за државата и ќе отвори нови работни места. „Како институција активно работиме за уште поголем развој на постоечките компании во рамки на зоните, но и за нови потенцијални инвестиции кои дополнително ќе влијаат позитивно на националната економија. Оваа Влада, уште од самиот почеток како главни цели ги постави економскиот раст, новите инвестиции и новите работни места, а со досегашните резултати по повеќе од една година, верувам дека можеме уште повеќе.“ - изјави Димовски. Директорот на фабриката, Соња Стефановска, посочи дека според резултатите кои се постигнати од страна на компанијата во изминатиот период, постојат можности за потенцијално зголемување на производните капацитети и воведување на нови технологии со што ќе се отворат и нови работни места. Швајцарската компанија Баумер произведува напредна сензорска технологија, енкодери, мерни инструменти од областа на електрониката. Компанијата е присутна со 39 подружници низ 19 земји од светот, а во Македонија е присутна од 2019 година, кога официјално го отвори производствениот капацитет во ТИРЗ Скопје 1, каде се наоѓа и истражувачкиот центар во кој работат инженери од областа на електрониката, информатиката и машинската технологија. Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, најави дека од 1 октомври ќе започне исплатата на линеарното зголемување на пензиите, како дел од владината стратегија за поддршка на пензионерите во земјава. „Од 1 октомври ќе започне првата корекција на пензиите, односно линеарното зголемување. Потоа, дополнително ќе следи уште едно зголемување на пролет, со што ќе се заокружи инвестицискиот циклус за зголемување на пензиите“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавеното есенско зголемување на пензиите. Како што посочи премиерот, по овој процес, вкупното зголемување на пензиите за секој пензионер ќе достигне 7.000 денари, што, како што истакна, значително ги надминува претходните ветувања за зголемување на пензиите од 5.000 денари за време на кампањата.