Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година. Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите. „За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“ - изјави Славески. Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката. „Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески. Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот. Регулаторната комисија за енергетика, донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,62 % во однос на одлуката од 9.09.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,075%, кај дизелот за 0,414%, кај екстра лесното масло за 0,058% и кај мазутот намалувањето е за 1,145%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3613%. Од 16.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 – 75,50 денари за литар. - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 – 77,50 денари за литар. - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 69,00 денари за литар. - Маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,00 денари за литар. - Мазут М-1 НС – 36,740 денари за литар. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,408 ден/кг и сега ќе изнесува 36,740 ден/кг. Од РКЕ истакнуваат дека намалувањето е резултат на пад на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и на понискиот курс на денарот во однос на американскиот долар. Претседателот на САД, Доналд Трамп, на својата платформа Truth Social објави дека поддржува странски компании да носат свои експерти во САД со цел да ги обучуваат американските работници. Според него, ова е неопходен чекор за да се привлечат големи инвестиции во земјата и да се обнови американското производство. Во својата објава, Трамп истакна дека кога странски компании инвестираат во САД за да произведуваат комплексни производи, треба да им се дозволи привремен престој на нивниот стручен кадар. Целта е тие да го пренесат своето знаење на американските работници, кои потоа ќе продолжат сами со производството. „Ако не го направиме ова, сите големи инвестиции никогаш нема да дојдат“, напиша Трамп. Тој како примери ги наведе чиповите, полупроводниците, компјутерите, бродовите и возовите, области каде според него, САД треба да учат од другите земји или да го обноват знаењето што го имале во минатото. Претседателот посебно се осврна на бродоградбата, наведувајќи дека во минатото САД граделе по еден брод дневно, а денес градат едвај еден годишно. Кинеското Министерство за трговија денеска објави дека започнува антидампинг истрага против Соединетите Американски Држави, поради мерките што Вашингтон ги воведе со чиповите. Оваа одлука доаѓа како одговор на серијата забрани и ограничувања кои, според Пекинг, го загрозуваат развојот на кинеската високотехнолошка индустрија. Портпаролот на Министерството изјави дека САД, со своите истраги и мерките за контрола на извозот, спроведуваат протекционистички практики кои имаат за цел да го потиснат развојот на Кина во области како што се напредните компјутерски чипови и вештачката интелигенција. „Овие практики не само што ги нарушуваат развојните интереси на Кина, туку и сериозно ја поткопуваат стабилноста на глобалниот синџир на снабдување и индустрискиот синџир на полупроводници“, изјави кинескиот портпарол. Истрагата ќе се спроведе во согласност со кинескиот Закон за надворешна трговија, со принципите на фер, непристрасност и отвореност. Министерството ги повика сите засегнати страни, вклучувајќи ги кинеските индустрии и претпријатија, активно да учествуваат. Кина нагласи дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити легитимните права и интереси на своите компании, најавувајќи дека ќе следат соодветни мерки против САД врз основа на резултатите од истрагата. Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска испрати порака до сите членки на НАТО преку неговата социјална мрежа „TruthSocial“. Тој изјави дека е подготвен да воведе сериозни санкции кон Русија, но само под услов сите нации од Алијансата да се согласат на истото и целосно да престанат да купуваат руска нафта. Трамп го критикуваше НАТО поради, како што вели, „шокантното“ купување руска нафта од страна на некои членки. Според него, ова ја ослабува преговарачката позиција на Алијансата со Русија и ја продолжува војната. „Подготвен сум да тргнам кога и вие ќе бидете. Само кажете кога?“, напиша Трамп, додавајќи дека војната во Украина не би почнала доколку тој бил претседател во тоа време. Тој, исто така, предложи НАТО да воведе царини од 50% до 100% на Кина, што би се повлекле откако ќе заврши војната. Трамп верува дека овие мерки ќе помогнат во брзото ставање крај на „оваа смртоносна, но смешна војна“. Претседателот ја заврши својата порака со јасен ултиматум: доколку НАТО ги следи неговите предлози, војната брзо ќе заврши, а животите ќе бидат спасени. Во спротивно, тој смета дека сојузниците само го губат времето, енергијата и парите на Соединетите Држави.