Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“, официјално донесе одлука за проширување на својата инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2. Првичната инвестиција на компанијата, која веќе ја гради својата втора фабрика во зоната, се зголемува од 126 милиони евра на 140 милиони евра. Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, оствари средба со менаџментот на „Гересхајмер“ за да разговара за досегашниот напредок и плановите за проширување. Димовски истакна дека ова зголемување на инвестицијата претставува позитивен сигнал за успешноста на политиките на Дирекцијата и Владата. Тој посочи дека зголемената доверба од инвеститорите е потврда дека државата нуди стабилна, предвидлива и конкурентна бизнис клима, клучна за реализација на долгорочни високотехнолошки проекти кои ќе донесат висока додадена вредност за целата економија. Томас Мартинс, директор на фабриката на „Гересхајмер“ во Скопје, изрази големо задоволство од соработката со ДТИРЗ и Владата, нагласувајќи дека токму стабилната поддршка и отворената комуникација биле клучни фактори во одлуката за проширување. Мартинс истакна дека оваа проширена инвестиција ќе генерира пошироко индустриско и економско влијание врз регионот, вклучувајќи повисоки технолошки стандарди, зајакнати мрежи на добавувачи и очекувано зголемување на просечниот годишен раст на продажбата на локацијата, при што се очекуваат и нови високо платени работни места. Од ТИРЗ најавија дека продолжуваат активно да работат на унапредување на деловната клима, со цел привлекување нови странски директни инвестиции и поттикнување на постоечките инвеститори за проширување на своите проекти, зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како атрактивна локација за странските инвеститори. Уставниот суд денеска излезе со соопштение контра премиерот Мицкоски, информирајќи ја јавноста дека не е донесена конечна одлука во врска со предметот У.бр.13/2025, со кој е оспорен членот 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој го регулира линеарното зголемување на пензиите. Судот појаснува дека на седницата одржана на 19.11.2025 година, со мнозинство гласови, е изразен сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Сепак, ова претставува само прва фаза од постапката. „Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука. Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање“, се вели во одговорот од Уставниот суд. Во однос на прашањето дали ќе се преиспитуваат линеарните покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите (зголемувањата по 2.500 денари исплатени во септември 2024 и март 2025 година), Судот информира дека нема да ги преиспитува овие одредби. На седницата од 19 ноември, Судот ја отфрлил иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 од Законот кои го регулираа ова прашање. Причината за отфрлањето е фактот што овие одредби биле од темпорален карактер и повеќе не се дел од правниот промет. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпа (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%. Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР (БС-95) - 75,00 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 77,00 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 70,50 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1 ЕЛ-1) - 67,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 34,865 (денари/килограм). Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени. Премиерот Христијан Мицкоски, денеска на собраниската седница за пратенички прашања, остро ја критикуваше одлуката на Уставниот суд за укинување на линеарното зголемување на пензиите. Тој ја посочи судијката Добрила Кацарска како потписник на одлуката која ќе доведе до намалување на примањата за најголем дел од пензионерите. „Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. Тоа значи дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд.“ - рече Мицкоски. Премиерот нагласи дека ваквата одлука, иако фискално може да го намали товарот за Буџетот, претставува неправда за пензионерите. Тој објасни дека ниските пензии (од 8.000 до 12.000 денари) се резултат на процесите на транзиција и разграбување на македонското стопанство, а целта на линеарното зголемување била да се намали сиромаштијата и да се подобри стандардот. „Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и обвинителите. Значи на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии кои се незадоволни со 2.500, 3.000, 4.000 евра ќе треба да им се одмрзнат платите. Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите.“ - изјави Мицкоски. Премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања во Собранието, истакна дека капиталните инвестиции ќе бидат главниот фокус на Владата за следната година и се очекува да бидат клучен двигател на економијата. Како крајна цел е поставен реален раст на бруто домашниот производ (БДП) од над 4%. Мицкоски посочи дека Владата и оваа година покажала резултати, наведувајќи го растот на БДП од 3% на 3,4%, а за третиот квартал очекува уште повисоки бројки, со оглед на растот од над 34% во реализацијата на капиталните и приватните инвестиции само во градежништвото. „Нашата цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4% и повеќе во услови на ваква криза, посебно во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички консталации и да дојдеме до номинален раст на БДП помеѓу 7,5% и 8%.“ - изјави Мицкоски. Тој додаде дека номиналниот раст веќе се движи во тој правец, со 7,5% во првиот и 7,8% во вториот квартал, што претставува амбиција на Владата, истовремено да ги намали јавниот и државниот долг. Премиерот истакна дека јавниот долг е помал за речиси 2,8%, а државниот за 3,5% во однос на крајот на 2024 година, со однос на додадената вредност спрема задолжувањата од 2 спрема 1. Мицкоски нагласи дека Владата е насочена кон реализација на сите капитални инвестиции. Вкупниот обем на капитални инвестиции кои се финансираат од централната влада (вклучувајќи ги и општинските проекти и програмите преку министерствата) достигнува половина милијарда евра, со очекување дека 75% до 80% од овие капитални инвестиции ќе бидат завршени. Што се однесува до патната инфраструктура, премиерот очекува автопатот Кичево-Охрид да биде завршен најдоцна до првиот квартал на 2027 година, иако постои проблем со проектирањето на косините за стабилизација на земјиштето. Мицкоски најави огромен напредок во реализацијата на Коридорите 8 и 10д и завршување на капитални проекти во други сегменти, како и отпочнување на нови. Министерството за финансии денеска го објави Проспектот за издавање на нова Граѓанска обврзница. Оваа емисија е објавена на износ од 100 милиони денари и им нуди на граѓаните можност за инвестирање со атрактивна каматна стапка. Каматната стапка на обврзницата е фиксна и изнесува 4,5%, а рочноста е две години. Минималниот износ за запишување е 10.000 денари, колку што изнесува вредноста на една обврзница. Граѓаните ќе може да доставуваат понуди за запишување на обврзници во деловните банки во земјава до 10 декември 2025 година. Аукцијата за обврзницата ќе се одржи два дена подоцна, на 12 декември. Датумот на достасување на обврзниците е 19 декември 2027 година. Исплатата на каматата ќе се врши еднаш годишно: првата исплата достасува на 19 декември 2026 година, а втората исплата на каматата заедно со главницата е на 19 декември 2027 година. Ова е трета емисија од инструментот „Граѓанска обврзница“ кој Министерството го издава со цел да им овозможи на граѓаните директно да инвестираат во државни хартии од вредност. Двете претходни емисии беа исклучително успешни, со вкупно запишан износ од 41,1 милион евра, кои веќе се исплатени заедно со каматата за двете години. Првата емисија изнесуваше 23,5 милиони евра, а втората 17,6 милиони евра. Вчера во 01:30 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Гостивар спроведоа акција во угостителски објект во селото Добри Дол, општина Врапчиште. При извршените проверки, затекнати биле вкупно 13 женски лица, од кои девет државјанки на Колумбија и четири македонски државјанки. Поради злоупотреба на туристичкиот престој, деветте странски државјанки, П.Ц.Д.М. (32), Д.Ј.Ј.Р. (28), Х.М.М.Л. (23), О.К.Е.(34), З.М.А.М. (24), Х.Б.К.В.(20), Ј.Н.В. (26), Л.С.Ј.Р. (26), и П.М.М.М. (32), сите од Колумбија, се лишени од слобода. Против нив се поднесени соодветни пријави, а по одлука на Основниот суд Гостивар, на странските државјанки им е изречена мерка забрана за влез во Македонија во траење од една година, како и парична казна. Полициски службеници од Единицата за финансиски криминал приведоа пет лица поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Приведени се: Н.Р. (51) од Куманово, поранешен директор на ЈП „Агро Берза“ Скопје; Р.А. (61) од Тетово, поранешен директор на Агенцијата за стоковни резерви; Т.К. (55) од Скопје, поранешен раководител во Агенцијата за стоковни резерви; Т.Д. (58) од Куманово, поранешен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и државен советник; и М.П. (68) од Скопје, ангажирано вешто лице. Во акцијата биле извршени и претреси на пет локации во Скопје, Куманово и Тетово, а против лицата е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје. Кривичното дело е сторено со злоупотреба на службената должност, при што Н.Р., Р.А., Т.К. и Т.Д., во својство на овластени лица, доставиле неточни податоци и информации до Владата. Имено, иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба и за настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во ЈП „Агро Берза“ за периодот од 2019 до 2021 година, тие постапиле спротивно на Законот за стоковни резерви. Пријавените во 2022 година изготвиле записник со кој предложиле прифаќање отпис на кусок во количина од 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен, знаејќи дека овој кусок всушност се однесува на долг период од 2007 до 2021 година, иако немало законска основа да се земе предвид тој период. Причината е што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираните житни култури, а во претходните годишни надзори не бил констатиран кусок. Ангажираното вешто лице, М.П., постапил спротивно на Законот за процена и договорот за услуга, изготвувајќи вешт наод со внесени невистинити податоци, при што не ја зел предвид целокупната документација од Агенцијата за стоковни резерви и ЈП „Агро берза“. Овој вешт наод бил приложен кон информацијата која Владата ја прифатила, со што Агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на житните култури. Со ова, на државниот Буџет му е нанесена штета од 473 илјади евра (според цените во моментот на отписот, вредноста достигнала 780 илјади евра).