Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Најнови

Од полноќ поевтинува дизелот за еден денар, цената на бензините останува иста
Од полноќ поевтинува дизелот за еден денар, цената на бензините останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,1% во однос на одлуката од 27.11.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,2%, кај дизелот за 3,3%, кај екстра лесното масло за 2,3% и кај мазутот за 4,4%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0096%. Од 2.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 75,00 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 77,00 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 69,50 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 66,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 33,963 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот (М-1 НС) се намалува за 0,902 ден/кг и сега ќе изнесува 33,963 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 2.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Бројот на работници во индустријата е намален за 2,8% во октомври
Бројот на работници во индустријата е намален за 2,8% во октомври
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека бројот на работници во индустријата во октомври е намален за 2,8% во споредба со истиот месец лани. Овој негативен тренд е забележан во секторот Рударство и вадење на камен кадешто намалувањето изнесува 2,8%, во секторот Преработувачка индустрија има пад од 2,9%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има намалување за 1%. Според главните индустриски групи, најголем пад во бројот на работниците во однос на октомври лани е регистриран во групата Капитални производи со намалување од 5,6%, потоа следат Нетрајни производи за широка потрошувачка со 3,1%, Енергија со 2,1% и Интермедијарни производи, освен енергија со 0,3%. Зголемување на бројот на работници има во групата Трајни производи за широка потрошувачка за 4,6%. За периодот јануари-октомври, бројот на работниците во индустријата бележи намалување од 3,6% во однос на истиот период претходната година.
Славески го посети трезорот на Банката на Англија кадешто Народната банка ги чува резервите во монетарно злато
Славески го посети трезорот на Банката на Англија кадешто Народната банка ги чува резервите во монетарно злато
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари значајна работна посета на Банката на Англија во Лондон, со цел засилување на билатералната соработка и размена на експертски искуства со една од најстарите и највлијателни централни банки во светот. Во текот на својот престој, гувернерот Славески оствари серија високи работни средби, меѓу кои и со гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли. Дел од агендата е фокусиран на управувањето со златните резерви, при што беше организирана посета на трезорот на Банката на Англија, каде што Народната банка ги чува своите резерви во монетарно злато. Славески изврши увид во оперативните процедури за чување, сигурносната заштита и можностите за пристап до пазарот за злато во Лондон, кој е најголем светски пазар преку шалтер. Гувернерот одржа и работни средби со главниот економист на Банката на Англија, Хју Пил и со заменик-гувернерката Сара Бриден. На овие средби се разговараше за актуелните предизвици во спроведувањето на монетарната политика и за технолошките иновации во секторот на финансии. Посетата беше организирана од страна на Центарот за студии од областа на централното банкарство (CCBS) при Банката на Англија.
Општина Центар продолжува со уривање на дивоградби, отстранета нелегална доградба на улицата „Орце Николов“
Општина Центар продолжува со уривање на дивоградби, отстранета нелегална доградба на улицата „Орце Николов“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави дека е отстранета уште една нелегална доградба на улицата „Орце Николов“, како дел од засилените активности на општината за воспоставување ред и заштита на јавниот простор. Урната е нелегално изградената доградба на деловен објект лоциран на ул. „Орце Николов“ бр. 139. Како што информира Општина Центар, објектот бил изграден без соодветно одобрение за градење и директно узурпирал простор наменет за граѓаните. „Општина Центар продолжува со засилени инспекциски контроли и со активности за расчистување на бесправно изградени и нелегално поставени објекти. Целта е јасна – заштита на јавниот интерес и враќање на јавниот простор на сите граѓани.“ - изјави градоначалникот Герасимовски.
ТАВ Македонија инвестираше 3,8 милиони евра во модернизација на Меѓународниот Аеродром Скопје
ТАВ Македонија инвестираше 3,8 милиони евра во модернизација на Меѓународниот Аеродром Скопје
ТАВ Македонија во текот на 2025 година реализираше инвестиции во вкупен износ од 3,8 милиони евра на Меѓународниот Аеродром Скопје. Целта на инвестициите е значително подобрување на ефикасноста, квалитетот на услугите и зголемување на удобноста на патниците, следејќи ги највисоките светски стандарди. Повеќето од средствата се наменети за подобрување на аеродромските услуги, комерцијален развој и технолошка модернизација. Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, истакна дека инвестициите се водени од четирите стратешки столба на матичната компанија - гостопримство, почит, дигитализација и одржливост, со цел да се создаде функционален, модерен и пријатен аеродром. ТАВ воведе многу новитети во областа на заминувањата, вклучувајќи работни катчиња со станици за полнење и бесплатен Wi-Fi, нови столици и фотељи за одмор, подобрени информативни знаци, нови големи монитори, интерактивни киосци, нов ресторан Need Stop на BTA (на 320 м²), нова бестселер продавница на ATU (на 125 м² со локални брендови), ново детско катче и станици за вода за пиење. Покрај овие подобрувања видливи за патниците, Курт ги нагласи и инвестициите во надградби на техничките системи и опремата за земјени операции, кои се клучни за оперативната ефикасност. Меѓу нив се набавка на најсовремено противпожарно возило, разна опрема за земјените операции, нови паркомати за самоплаќање, возило за брза помош и проширување и адаптација на чекалната пред пасошка контрола. ТАВ Македонија најавува продолжување на фокусот кон подобрување на услугите и на аеродромот во Охрид.
Спречен канал за илегално внесување на ловечка муниција
Спречен канал за илегално внесување на ловечка муниција
Координирана акција на македонската полиција, царинските службеници и Фронтекс резултираше со пресекување на канал за илегално внесување на ловечка муниција на ГП „Стар Дојран“. На 28 ноември се приведени тројца грчки државјани, поради основано сомнение за сторено кривично дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи” по член 396 од Кривичниот законик. Во три одделни случаи, при извршена гранична контрола за влез во Македонија, царинските служби и полициските службеници од Фронтекс, пронашле и одзеле околу 200 патрони непријавена ловечка муниција. Во првиот случај околу 10:20 часот, при контрола на патничко моторно возило со грчки ознаки управувано од Х.С.(38), пронајдени се над 130 патрони сокриени на повеќе места во возилото. Потоа, околу 11:20 часот, во патничко моторно возило со грчки ознаки управувано од К.К.(76), пронајдени се 24 патрони ловечка муниција. Во последниот случај околу 16:30 часот, во патничко моторно возило управувано од Т.П.(62), пронајдени се над 40 патрони. Тројцата грчки државјани се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Индустриското производство во октомври се зголеми за 2,8%, најголем раст има кај снабдувањето со електрична енергија
Индустриското производство во октомври се зголеми за 2,8%, најголем раст има кај снабдувањето со електрична енергија
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека индустриското производство во октомври бележи раст од 2,8% во споредба со истиот месец лани. Позитивниот резултат е главно воден од секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација кадешто има раст од 26,5%, додека Преработувачката индустрија има мал пораст од 0,4%. Во исто време, секторот Рударство и вадење на камен забележа мало опаѓање од 0,2%. Порастот во Преработувачката индустрија е резултат на зголемено производство во одделите како што се Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Печатење, Производство на основни фармацевтски производи, Производство на производи од гума и пластични маси и Производство на електрична опрема. Според главните индустриски групи, значителен пораст е забележан кај Енергија со 25,9% и кај Интермедијарни производи, освен енергија со 10,5%, додека опаѓање има кај Капитални производи со 9,2% и Трајни производи за широка потрошувачка со 17,6%. Најголемо влијание врз вкупниот пораст на индустриското производство во октомври имаат одделите Производство на пијалаци со 11,8%, Производство на електрична опрема со 12,0% и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 26,5%. Во однос на кумулативните податоци, индустриското производство во периодот јануари – октомври 2025 година е зголемено за 2,4% во однос на истиот период лани.
Кривична пријава за даночно затајување во Струмица: Буџетот оштетен за над 158 илјади евра
Кривична пријава за даночно затајување во Струмица: Буџетот оштетен за над 158 илјади евра
Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против еден правен субјект од Струмица и неговиот сопственик и управител, А.З. (46) од Струмица. Тие се сомничат за сторено кривично дело „Даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот закон, извршено во три наврати. Според полицијата, пријавениот правен субјект и неговиот управител во текот на 2023 година ја избегнале законската даночна обврска со тоа што пријавиле помал излезен данок. Пријавениот износ на затаен данок на додадена вредност (ДДВ) изнесува 1.986.083 денари (околу 32 илјади евра). Понатаму, правното лице и управителот не пресметале и не уплатиле данок на личен доход во вкупен износ од 3.888.722 денари (околу 63 илјади евра). Дополнително, при извршената контрола од Управата за јавни приходи (УЈП) во финансиската документација, констатирани се непризнаени расходи, што довело до зголемување на даночната основа за данок на добивка за 2023 година за 3.889.072 денари (околу 63 илјади евра). Со овие дејствија, пријавените во 2023 година го оштетиле државниот Буџет во вкупен износ од 9.763.877 денари (околу 158 илјади евра).
Поскапува парното греење: РКЕ објави зголемување на цената на топлинската енергија од 1 декември
Поскапува парното греење: РКЕ објави зголемување на цената на топлинската енергија од 1 декември
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) соопшти дека од 1 декември настапува зголемување на цената на топлинската енергија за домаќинствата. За потрошувачите кои се снабдуваат преку најголемиот систем, односно ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство, зголемувањето е во просек за 5,9%. За корисниците на ЕСМ Енергетика корекцијата во просек изнесува 7,6%, а за Скопје Север – Енерџи Еко Линк просечното зголемување е 7,7%. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, појасни дека просечната месечна сметка за парно греење ќе се зголеми за околу 130 денари, од сегашните 2.200 на 2.330 денари. Бислимоски нагласи дека во периодот што претстои мора да се отпочне со долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа, со цел да се намалат дефектите, да се подобри квалитетот на снабдување и да се овозможи ширење на мрежата, што би влијаело врз зголемување на конзумот. Тој повтори дека и покрај корекцијата на цената, затоплувањето на парно останува најекономично, а анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи повторно се приклучат на системот, сметките ќе се намалат за околу 10%. Во моментов, со топлинска енергија се снабдуваат вкупно 65.000 потрошувачи.
Реплек отвори информативен центар за производите од медицински канабис
Реплек отвори информативен центар за производите од медицински канабис
Македонската фармацевтска компанија „Реплек“ го отвори КА Информативниот центар, специјализиран за едукација и информирање на јавноста за нивните производи на база на медицински канабис. Центарот функционира како подружница на компанијата и е наменет да ги приближи информациите за производите базирани на CBD до граѓаните. „Реплек“ е присутен на пазарот со производи на база на медицински канабис (CBD) уште од 2016 година. Моменталното портфолио вклучува три масла на база на CBD кои на пазарот се достапни под брендот Каноил (Kanoil) – Каноил 10%, Каноил 20% и Каноил 30%, како и вагитории под истиот бренд. Дополнително, портфолиото вклучува и пет различни кремови за лице на база на CBD под брендот Канабо (Canabo). За сите овие производи, потрошувачите отсега можат да се информираат во новиот КА Информативен центар, кој се наоѓа во Скопје на ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 36/1-4 (спроти трговскиот центар „Рамстор“) и е отворен секој работен ден од 09:00 до 17:00 часот.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk