Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%. Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 74,50 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 76,50 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 72,00 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 69,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,427 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, објави дека Унгарија добила изземање од американските санкции за увоз на руска нафта и гас. Орбан изјави дека постигнал договор за целосно изземање од санкциите што се однесуваат на рускиот гас испорачан преку гасоводот „Турски поток“ и нафтата преку гасоводот „Дружба“. Официјални претставници на Белата куќа потврдија дека Унгарија добива изземање на една година, поради тешката позиција на земјата без излез на море во однос на набавката на енергенси. Како дел од разговорите, Унгарија се обврза и на купување американски течен природен гас (ЛНГ) во вредност од околу 600 милиони долари, како и на соработка во нуклеарната енергија. Главна тема на средбата, покрај енергетските прашања, беше и војната во Украина. Орбан, кој го поддржува мировниот пристап на Трамп, истакна дека се разговарало за начините на кои може да се стави крај на конфликтот и ја повтори подготвеноста на Будимпешта да биде домаќин на евентуален самит меѓу претседателите Трамп и Владимир Путин. Трамп го пофали Орбан како голем лидер и особено ја истакна неговата цврста позиција за миграцијата, додека Орбан ја опиша обновената соработка со администрацијата на Трамп како отворање на ново поглавје во билатералните односи, тврдејќи дека претходната администрација им нанела штета на односите меѓу двете земји. Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека индексот на трошоците за живот во октомври 2025 година, во однос на истиот месец лани, бележи зголемување од 4,5%, додека индексот на цените на мало бележи годишно зголемување од 2,8%. Во однос на претходниот месец, е намален за 0,2%. Поевтинување има во групата Транспорт за 6,1%, како и помали намалувања кај Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,3% и Образованието, Рекреацијата и културата за 0,1%. Зголемување на трошоците за живот во октомври е забележано во групите Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, како и Облека и обувки за 1,2%, Комуникации, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3%, Домување, вода, електрика, гас и други горива, Ресторани и хотели за 0,2% и Здравје за 0,1%. Трошоците за живот во групата Разновидни стоки и услуги остануваат непроменети. Индексот на цените на мало во октомври 2025 година, во однос на септември, изнесува 98,7. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) алармира за економската состојба, предупредувајќи дека граѓаните тонат во сиромаштија поради драматичната разлика меѓу постојаниот раст на цените и стагнацијата на платите. На годишно ниво инфлацијата изнесува 4,5 проценти, но цените на храната и основните производи продолжуваат силно да го исцрпуваат семејниот буџет. Во споредба со октомври лани, цените на храната и безалкохолните пијалаци се зголемени за 7 проценти. Најголем удар има кај овошјето со скок од 21%, месото и маслото се поскапи за речиси 10%, лебот и житариците за 5,5%, а кафето, чајот и какаото – дури за 26%. Синдикалната минимална кошница за октомври достигнала 65.544 денари, што е зголемување од 7% во однос на истиот месец минатата година (61.249,00 денари), или за 4.295,00 денари повеќе, но без реално зголемување на платите оваа бројка е само уште еден доказ дека граѓаните тонат во сиромаштија. Од ССМ порачуваат дека „Крајно време е надлежните да сфатат дека со оваа скапотија тешко се живее! Работниците се исцрпени, платите не стигнуваат ниту за основни потреби. Наместо да бидеме пример во регионот, остануваме на дното!“. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, потенцира дека државата ризикува да биде на опашката во регионот: „Мислам дека можевме да бидеме лидери во регионот со зголемување на плати, веројатно ќе бидеме на опашката, бидејќи сите најавија драстично зголемување и на минималната и на сите останати плати во регионот“. Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, најави дека се бара ново, повисоко ниво на минимална плата: „Владата мора да се соочи со реалноста и да ја натера бизнис-заедницата да ги зголеми платите. И во јавниот и во приватниот сектор! Нашето барање за 500 евра минимална плата веќе е застарено – ќе излеземе со ново, повисоко барање кое ќе одговара на реалните трошоци на животот.“ Помалку од 48 часа откако ја презеде функцијата градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави значаен позитивен напредок во решавањето на транспортната криза во градот. По одржана средба со приватните превозници, градоначалникот најави дека со заедничка волја и добра координација е постигнат договор кој веднаш дава видливи резултати. Веќе од понеделник, низ скопските улици повторно ќе сообраќаат 55 автобуси, што претставува сериозен исчекор кон стабилизирање на јавниот линиски превоз. Ѓорѓиевски најави и дека овој позитивен тренд ќе продолжи, со цел целосна нормализација на превозот: „До Нова Година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран“, изјави градоначалникот. Но, плановите за надминување на сообраќајниот хаос се многу поамбициозни. Градоначалникот истакна дека ова не е крајот на мерките: „До март, во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт, ќе обезбедиме уште 80 нови автобуси“. Овие потези, како што нагласи Ѓорѓиевски, се само почеток на циклус на трајно решавање на проблемите со сообраќајот во Скопје, кој ќе биде поддржан и од веќе започнатата прва фаза на ремонт на Градскиот воз и долгорочниот проект за БРТ (Брз Автобуски Превоз). Царинските службеници и мобилните тимови на Царинската управа во спроведени активности во текот на вчерашниот ден, 6 ноември 2025 година, запленија разновидна стока, вклучувајќи скапоцености, девизи, електронска опрема, тутунски производи и парфеми. На Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на багаж на турски државјанин кој се подготвувал за излез од државата, пронајдени се вкупно 92 грама злато, составено од златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама. Вредноста на златото се проценува на 538 илјади денари. Во одделен случај на истиот аеродром, при контрола на багаж на македонски државјанин кој допатувал од Лондон, запленети се два лаптопи и еден мобилен телефон од брендот „Apple“. Мобилните царински тимови информираа дека се запленети вкупно 37.500 евра во два одвоени инциденти на граничниот премин Табановце при влез во државата. Во првиот случај, при личен претрес на српски државјанин во неговото возило со српски таблички, откриени се непријавени 24.000 евра во џебовите од јакната. По постапката, на патникот му биле вратени законски дозволените 10.000 евра, додека останатите 14.000 евра се привремено задржани. Во вториот случај, на граничниот премин Блаце при излез од државата, во фиоката пред совозачкото седиште на автомобил со македонски таблички, откриени се непријавени 25.500 евра возило на македонски државјанин. Од оваа сума, на возачот му се вратени законските 2.000 евра за износ што резидент може слободно да го изнесе, а 23.500 евра се привремено задржани. Дополнително, на граничниот премин Ново Село се откриени и други обиди за криумчарење. Во првиот случај, во багажникот на автомобил со бугарски таблички, пријавен за влез, пронајдени се 96 кутии цигари без акцизни маркички заедно со 10 ремени за прицврстување товар. Во вториот случај на истиот премин, во багажникот на автомобил со македонски таблички, пријавен за влез, откриени се уште 24 ремени за прицврстување товар. Царинската управа наведе дека била запленета и стока како парфеми и детска облека со заштитени трговски марки. Премиерот Христијан Мицкоски денеска направи увид во градежните работи поврзани со проектот градски воз. На увидот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП „Железници инфраструктура“ Синиша Ивановски и новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Првата фаза веќе е започната и опфаќа целосен ремонт на траса долга околу 25 километри. Оваа делница започнува од Зелениково, поминува низ станиците Јане Сандански и Драчево, продолжува кон Лисиче и завршува на главната железничка станица во Скопје (Транспортен Центар). На оваа траса се предвидени вкупно седум железнички станици. Директорот на ЈП „Железници инфраструктура“, Синиша Ивановски истакна дека патниците од најодалечената станица во Зелениково до центарот на градот ќе патуваат за околу 25 минути, додека патувањето од Драчево ќе трае од 11 до 13 минути. Финансиската рамка за оваа прва фаза, која опфаќа 24,5 километри изнесува 5,7 милиони евра. Се очекува да биде завршена за шест месеци, по што следува испитување на трасата, а градскиот воз ќе биде целосно во функција до мај или јуни следната година. За 2026 година е планирано завршување на проектирањето за втората фаза и почеток на реконструкцијата. Линијата ќе започне од Волково, преку Ѓорче Петров и Скопје Север, се до централната железничка станица. Во однос на третата фаза, планирана за периодот 2026-2027 година, ќе ја поврзе околината со центарот преку станиците Миладиновци и Илинден, исто така завршувајќи на централната железничка станица во Скопје. Компанијата „Гунвор Груп“ ја повлече својата понуда за купување на меѓународните средства на рускиот енергетски гигант „Лукоил“, откако Министерството за финансии на САД јавно го блокираше договорот, нарекувајќи ја компанијата „марионета на Кремљ“. Американското Министерство за финансии, кое е клучно за издавање дозволи за трансакции поврзани со санкционирани субјекти, напиша на социјалната мрежа „X“: „Претседателот Трамп беше јасен дека војната мора да заврши веднаш. Сѐ додека Путин продолжува со бесмислените убиства, марионетата на Кремљ, Гунвор, никогаш нема да добие дозвола да оперира и да профитира.“ Од „Гунвор Груп“, чиј ко-основач во минатото беше близок соработник на Владимир Путин, реагираа веднаш, отфрлајќи ги обвинувањата: „Изјавата на Министерството за финансии на САД за Гунвор е дезинформација. Гунвор е и отсекогаш бил отворен и транспарентен во врска со своето сопствеништво и бизнис, и повеќе од една деценија активно се дистанцира од Русија, престана да тргува во согласност со санкциите, продаде руски средства и јавно ја осуди војната во Украина. Ја поздравуваме можноста да се осигураме дека ова јасно недоразбирање е исправено. Во меѓувреме, Гунвор го повлекува својот предлог за меѓународните средства на Лукоил.“ Руската компанија „Лукоил“, најголемиот приватен производител на нафта во Русија, беше цел на нови, сеопфатни американски санкции минатиот месец. Овие санкции, кои требаше да стапат на сила на 21 ноември 2025 година, во суштина го оневозможија меѓународното работење на компанијата. Поради овие рестриктивни мерки, „Лукоил“ одлучи да го продаде целиот свој имот надвор од Русија, кој вклучува: рафинерии во Европа (Бугарија и Романија), мрежа од околу 2.000 бензински пумпи низ Европа и удели во нафтени и гасни проекти во Централна Азија, Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка. Полициски службеници од ОВР Кавадарци вчера, на 6 ноември 2025 година, извршија апсење на две лица поради сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик. Станува збор за Н.С. (59) и неговиот син Р.С. (34), двајцата од Кавадарци. Според информациите од МВР, случајот датира од јуни 2023 година, кога 71-годишен маж од Неготино позајмил од осомничените околу 80.000 денари. Договорот предвидувал враќање на заемот со неделни рати од по 20.000 денари. Меѓутоа, бидејќи заемопримачот не успеал да ги отплати ратите на време, двајцата осомничени започнале со континуирано пресметување на непропорционално високи камати, со што постојано го зголемувале долгот. За првично позајмените 80.000 денари, оштетениот во периодот на задолжувањето на осомничениот Н.С. му исплатил вкупна сума која надминува 700.000 денари. По добиена судска наредба, извршен е и претрес во домот на уапсените, при што пронајдени се предмети за кои постои основано сомнение дека се директно поврзани со извршувањето на кривичното дело. Јавниот обвинител е известен за настанот, а по целосното документирање на случајот, на Н.С. и Р.С. ќе им биде поднесена соодветна кривична пријава. Македонија бележи значителен напредок во енергетската транзиција, вклучувајќи во просек скоро по еден нов мегават (MW) обновлива енергија секој ден во последните четири години, објави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, на Регионалната конференција за зелена трансформација на Западен Балкан што се одржа во Тирана. Заклучно со октомври 2025 година (сметано од октомври 2022 година), во земјата се изградени нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 1.200 MW. Иако бројките се охрабрувачки, Бислимоски посочи дека периодот што претстои е полн со предизвици, од кои најголем е балансирањето на електроенергетскиот систем поради големиот прилив на електрична енергија од обновливи извори. „Мораме во оваа фаза да делуваме и поттикнуваме инвестиции во енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија. Секако и употребата на батериите има своја улога, но неопходно е да е реализираат инвестиции со кои ќе се замени производството на струја од јаглен со гас или биомаса,“ посочи Бислимоски. На Панелот посветен на формирање зони за побрза реализација на зелените инвестиции, беше истакната потребата од дигитализација на административните процеси за добивање дозволи.