Компанијата Тесла (Tesla) го заврши третиот квартал од 2025 година со рекордни испораки на возила и историско високо ниво во секторот за складирање енергија, иако финансискиот извештај, покажа остар пад на профитот наспроти очекувањата на Волстрит. Тесла успеа да ги надмине своите претходни достигнувања во однос на производството и испораката: - Произведени се вкупно над 447.000 возила (447.450). - Испорачани се рекордни 497.099 возила, што претставува највисока квартална бројка досега. Најголем дел од испораките (481.166) отпаѓаат на моделите Model 3/Y. - Компанијата исто така постави нов рекорд во делот за складирање енергија, со 12.5 GWh инсталирани производи. И покрај растот на производството и испораката, се појавија предизвици во однос на профитабилноста. Нето профитот на Тесла забележа остар пад од околу 37% на годишно ниво. Приходите на компанијата достигнаа околу 28,1 милијарди долари, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, делумно благодарение на напливот на продажби во САД. Оперативната маржа исто така се намали, што се припишува на пониските просечни продажни цени поради намалувањето на цените на возилата, како и зголемените трошоци. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, потпиша меѓудржавен Договор за авиосообраќај со министерот за воздухопловство на Велика Британија, Keir Mather. Според објавата на министерот Николоски, овој договор претставува значаен чекор во развојот на македонскиот авиосообраќај, отворајќи нови можности за економски развој и туризам. „Со Keir Mather, министерот за воздухопловство на Велика Британија, потпишавме меѓудржавен Договор за авиосообраќајот. Со овој договор создаваме услови за привлекување на бројни туристи од Велика Британија“, истакна Николоски. Како што посочи министерот, клучните придобивки од потпишувањето на Договорот се: - Отворање можност за воведување на нови директни авиолинии помеѓу двете земји. > Подобри конекции, нови дестинации и конкуретни цени за патниците. - Обезбедување голема безбедност и сигурност во авиосообраќајот. Потпишувањето на овој договор се очекува да го зголеми воздушниот сообраќај и да ги зајакне економските врски меѓу Македонија и Велика Британија. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО за ГОКК по обезбедени Наредби од Основниот кривичен суд Скопје, изврши претреси на повеќе локации низ град Скопје, при што лишени од слобода се 11 лица поради основано сомневање за сторени кривични дела "Лихварство" и "Перење пари и други приноси од казниво дело". МВР до ОЈО за ГОКК поднесена кривична пријава против Б.К.(35) кој во моментов е недостапен за органите на прогонот и против веќе лишените од слобода Љ.Љ.(29), Д.В.(29), А.Т. (29), Д.Љ.(32), М.В.(25), М.Н.(36), А.Т.(32), З.А.(42) за кои постои основано сомневање дека како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека М.К.(73), П.К.(41) и Г.С.(46) се осомничени за кривично дело "Перење пари и други приноси од казниво дело". Деветмина од осомничените од почетокот на 2022 година до денеска се организирале во криминална група што се занимавала со давање на пари со договор, притоа договарајќи несразмерна имотна корист во пари, средства или недвижен имот. Искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица им позајмувале пари со пресметување на камата од 5% или 15% месечно зголемување за секое задоцнување. Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица. Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица. Паричните средства кои во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што несразмераната имотна корист на различни начини ја внесувале во легалните финансиски текови, односно постои основано сомневање дека во истиот период дванаестмината осомничени и едно осомничено правно лице како организирана криминална група за перење на пари се стекнале со противправна имотна корист изразена во парични средства од 125.033.527 денари прибавена со кривичното дело "Лихварство". Дел од прибавените пари кои осомничените во повеќе наврати од повеќе физички лица ги примиле на своите сметки или им биле дадени на рака, со цел да се добие привид дека средствата се легално стекнати ги пуштале и користеле за реализирање на трансакции кон сметки на правни и физички лица, дел ги презеле на сопствени сметки и со нив вршеле плаќање на своите животни потреби, со дел купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина. Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека вчеравечер, на 21.10.2025 година, полициски службеници од Полициската станица за гранични премини и гранична контрола Дојран спречиле обид за криумчарење мигранти и уапсиле две лица. Околу 22:10 часот, кај местото викано „Дубрава“, полицијата забележала патничко возило „опел“ со велешки регистарски ознаки, кое превезувало мигранти. Возилото било управувано од 17-годишник од Струмица, а сопатник бил Ф.М. (18) од Богданци. Возилото е запрено пред Богданци, по што двете лица се лишени од слобода. При службен разговор, тие го признале делото и изјавиле дека превезувале вкупно осум мигранти – шест државјани на Египет и двајца од Сирија. По преземени мерки, мигрантите се пронајдени и спроведени во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија. Осомничените Ф.М. и малолетникот се задржани во полициска станица. МВР најави дека по целосно документирање на случајот, против приведените ќе биде поднесена соодветна пријава за криумчарење мигранти. Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека е потпишан Меморандум за разбирање со американско-британската компанија „Бурсток“, со кој се најавува голема инвестиција во наменската воена индустрија во Македонија. Според објавата на премиерот, почетната инвестиција од страна на „Бурсток“ ќе достигне до 150 милиони долари и ќе овозможи отворање на 1.000 нови, високоплатени работни места. „Денеска потпишавме меморандум за разбирање со Американско-британската компанија Бурсток којашто ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари, ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места и ова е само почеток,“ истакна Мицкоски. Премиерот, исто така, најави дека ова е само почеток на соработката, со очекувања инвестициите во воената наменска индустрија да достигнат повеќе од една милијарда долари. Компанијата „Бурсток“ има долгогодишно искуство во областите на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето, како и во обуката, консултантски услуги и управување со проекти. Како што информираше Мицкоски, таа е специјализирана и во поморскиот и воздухопловниот комерцијален сектор. Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврди дека Македонија преку Mинистерството за економија и труд целосно и успешно ја спроведе реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“. Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство. Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија. Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година. Притоа се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200% во однос на претходните години. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализира 669 инспекции, што е 40% повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите. Овие постигнувања е резултат на спроведување на пристап заснован на проценка на ризик при планирањето на инспекциските активности, со приоритетно насочување кон секторите најпогодени од неформална економија – градежништво, туризам и земјоделство. Двете институции применуваат методологии за управување со ризик и активно користат дигитални алатки за подобрување на ефективноста и транспарентноста во своето работење. Европската комисија во својата оценка нагласува дека Македонија ја реализирала реформата „целосно и успешно“, без утврдено двојно финансирање и со целосна усогласеност со европските стандарди. По поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 16 физички и 7 правни лица, додека уште девет други лица се осомничени за дела кои се гонат во скратена постапка. Тие се осомничени за кривични дела – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в, како и Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Со пријавата се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството исто така ги испитува. Постои основано сомнение дека осомничените, како соизвршители, учествувале во дејствија со кои свесно ги повредувале прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Прилеп со намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на болницата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија. Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ од 42.726.978 денари. Основното јавно обвинителство Прилеп до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за останатите 19 физички лица се предложени мерки на претпазливост. Според најновите податоци објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС), просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август 2025 година изнесува 45.310 денари. Овој е годишен раст од 10,3% во споредба со просечната нето-плата исплатена во август 2024 година. Истиот процент на зголемување, од 10,3%, е забележан и кај просечната месечна бруто-плата, која во август 2025 година изнесува 68.180 денари. Најголемо влијание врз годишното зголемување на просечната нето-плата имаат секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита со раст од 14,6%, Образование со зголемување од 14,5%, Административни и помошни услужни дејности со раст од 14,1%. Во однос на претходниот месец, зголемување на нето-платата е забележано кај: Уметност, забава и рекреација за 5,2%, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 4,7%, Рударство и вадење на камен за 4,5%. Денеска во раните утрински часови, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север и СВР Скопје спроведоа акција во скопската населба Чаир, при што приведоа шест странски државјани под сомнение за фалсификување службени документи и нелегален престој. Акцијата е спроведена околу 01:30 часот, кога се лишени од слобода четири лица од Турција – А.З. (30), З.А. (26), Е.С.О. (20) и А.У. (51), како и двајца државјани од Узбекистан – Н.А.Т. (39) и А.Д.М.У. (27). Претресот, извршен со судска наредба во домот на А.З. на подрачјето на Чаир, бил инициран поради сомневање за сторен прекршок по Законот за странци и член 378 од Кривичниот законик (фалсификување исправа). При претресот, петмина од затекнатите лица немале дозволи за престој, а биле пронајдени и одземени повеќе предмети за кои постои сомнение дека се користеле за криминални активности: дозволи за престој, пари, печати, лаптоп компјутери и турски патни исправи. Сите шест лица се задржани во полициска станица. Одделението за прекуграничен криминал и миграции работи на целосно документирање на случајот, по што против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави. Управата за јавни приходи (УЈП) упати апел до сите даночни обврзници навремено да ги поднесат ДДВ-04 пријавите и да го платат даночниот долг за изминатиот даночен период, имајќи предвид дека рокот е поместен поради неработен ден. Иако законскиот рок за поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавите (месечни и тримесечни) е 25 октомври (сабота), бидејќи тој е неработен ден, рокот се поместува за првиот нареден работен ден – понеделник, 27 октомври 2025 година. УЈП предупредува дека поради скратената работна недела, даночните обврзници имаат пократок период за подготовка и исполнување на овие обврски. Од УЈП апелираат до даночните обврзници, обврските да се исполнат навремено и да не го чекаат последниот ден од законски утврдениот рок, со цел да се избегне преоптоварување на системот и можни технички пречки во последен момент,“ се вели во соопштението на УЈП. Напоменуваат дека поднесувањето на пријавата без истовремено плаќање на долгот не ги исполнува законските обврски. Само со целосно точно и навремено поднесување на пријавата и плаќање на обврските, се избегнуваат дополнителни камати, санкции и непотребен стрес.