Основното јавно обвинителство Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство на Република Македонија, упати итно барање до надлежните органи на Република Србија за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК Битола против кое беше поведена истрага на 9 октомври. Од српските органи беше побарано да забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага. Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина. Поднесените барања се прифатени и српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на наведениот имот. Освен ова, од сметките на осомничениот и неговата фирма во државава, која исто така е опфатена со истрагата, по барање на обвинителството се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата. Мобилни екипи на царинската управа во изминатите денови спречија низа прекршочни дела на граничните премини и во внатрешноста на државата, при што е запленета разновидна стока, девизи и документи. Во акциите се откриени и спречени обиди за шверц на цигари, ветеринарни препарати, облека со ознаки на познати брендови, германски регистарски таблички и мигранти. На граничниот премин Деве Баир, при контрола на автобус на релација Скопје – Истанбул – Скопје, откриен е обид за шверц на 160 штеки цигари, кои биле сокриени во делови за вентилација, под седиштата и во багажот. Цигарите биле во сопственост на возачот, македонски државјанин, против кого е поведена прекршочна постапка. Значајна заплена е забележана и на Богородица, каде мобилен тим спречил нелегален внес на 100 килограми ветеринарни препарати и додатоци за исхрана за добиток, за чиј увоз е потребна посебна дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство. Производите биле пронајдени во кабината на камион, а против возачот е поведена постапка. Исто така, при контрола на стока во Царинската испостава Тетово, откриени се 1.512 метри квадратни теписи кои не биле опфатени со царинските документи. На граничниот премин Богородица, при контрола на камион со стока од Турција за Косово, запленети се 80 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки, поради сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. На Табановце, при личен претрес на македонски државјанин кој патувал за Берлин, пронајдени се непријавени седум илјади евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени две илјади евра, а останатите се задржани. На истиот премин запленети се и 665 парчиња гел за нокти кои се обидел да ги прошверцува возач на камион. На граничниот премин Блаце, пак, под седиштата на минибус пронајдени се непријавени очила за сонце со проценета вредност од околу 60.000 денари. Мобилната служба за скенер на Богородица откри обид за криумчарење на пет мигранти, државјани на Сиера Леоне, Египет и Екваторска Гвинеја, скриени во товарно возило. Лицата се предадени на МВР за понатамошна постапка. На граничниот премин Блаце, мобилен тим откри три комплети германски регистарски таблички и сообраќајни дозволи скриени во јакните на тројца македонски државјани. Тие се обиделе да воведат возила во слободен промет без плаќање на увозни давачки, а против нив е поведена соодветна постапка. Царинската управа најави продолжување на засилените контроли со цел спречување на сите облици на нелегална трговија. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 13.10.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,270%, кај дизелот за 3,247%, кај екстра лесното масло за 3,963% и кај мазутот намалувањето е за 3,144%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5468%. Од 21.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 73,00 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 75,00 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 67,00 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 36,047 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,047 (денари/килограм). Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,614 ден/кг и сега ќе изнесува 36,047 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.10.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска соопшти дека е завршена постапката за избор на изведувач за реконструкција на Универзалната сала во Скопје по принцип „Клуч на рака“, означувајќи го крајот на повеќе од една деценија застој во реализацијата на овој капитален проект. „По повеќе од една деценија застој, Скопје конечно ќе ја добие Универзалната сала во сјајот што го заслужува, ќе стане симбол на културата на нашиот град“, изјави министерот Љутков. Министерството донесе Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка, а по завршувањето на законските рокови и потпишувањето на договорот, се очекува веднаш да започнат градежните активности. Министерот Љутков истакна дека успеале да го откочат процесот, преземајќи ги сите потребни мерки, вклучувајќи изработка на нова проектна документација, измени на постојниот проект и обезбедување на предуслови за успешна реализација. Обновената Универзална сала, која досега беше домаќин на над 5.000 настани и ја посетиле над 5.800.000 граѓани, повторно ќе стане центар за културни настани и собирање на скопјани. Дополнително, најавено е дека објектот ќе биде дел од манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. СВР Скопје регистрираше уште една голема измама, каде што 71-годишна жена од Скопје била измамена за сума од 36.300 евра преку добро познатата шема со лажна сообраќајна несреќа. Измамата била пријавена вчера, на 16.10.2025 година, во 17:20 часот. Според пријавата, криминалците најпрво ја контактирале жената телефонски. Едно лице се претставило како полициски службеник и ѝ соопштило дека нејзината ќерка направила сообраќајна несреќа и дека е тешко повредена. Веднаш потоа, ѝ било кажано дека мора да плати одредена сума за да се изврши итна операција. Кратко потоа, жртвата повторно била контактирана телефонски, овојпат од лице кое се претставило како лекар. Ова лице ѝ дало прецизни инструкции каде да ги остави парите. Кратко потоа, жртвата повторно била контактирана телефонски, овојпат од лице кое се претставило како лекар. Ова лице ѝ дало прецизни инструкции каде да ги остави парите. Жената ги оставила парите, по што сфатила дека е измамена. Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите на оваа тешка измама. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов објави дека Дино Паркот, сместен во познатата шума во Бриони, е отворен и веќе стана новото омилено место за сите жители, посетители и љубопитни истражувачи. Паркот ја пренесува магијата на праисторискиот свет, нудејќи им на децата, семејствата и учениците можност да научат нешто ново на забавен начин. „Дино Паркот во Штип е новото омилено место за сите! Магијата на праисторискиот свет, пренесена во познатата шума во Бриони, веќе е отворена за сите деца, семејства, ученици, туристи и љубопитни истражувачи, кои ќе научат нешто ново на забавен начин!“, напиша Јорданов. Посетителите можат да ги видат репликите на најпознатите диносауруси, како што се Т-Рекс, Брахиосаурус, Стегосаурус и Птеранодонот, кои ги пречекуваат со нивната импозантна големина и реални животински крици. Градоначалникот изрази надеж дека паркот ќе стане симбол на детската љубопитност и имагинација. Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за првпат зеде учество на водечката финансиска конференција во регионот „Предизвикот на промените“, која се одржува во Ровињ, Хрватска, од 15 до 17 октомври годинава, во организација на Загрепската берза и Хрватското здружение на друштва за управување со пензиски фондови и пензиски осигурителни друштва. Мукаетов изјави дека Алкалоид е присутен во ЕУ веќе 18 години, но фактот дека доаѓаме од земја која не е членка на Унијата секогаш носи дополнителни специфичности. Со домашен пазар од само 2 милиони жители, наспроти европскиот пазар со 448 милиони чинители, растот и развојот се возможни само доколку деловните видици се насочени надвор од границите. „Во изминатите две децении ’Алкалоид’ постојано растеше, и тоа не само низ призмата на приходите и пазарната вредност, туку и во однос на сопствениот капацитет да се справува со предизвиците, да носи храбри стратешки одлуки и трпеливо да гради доверба на меѓународните пазари. Од моето преземање на раководната функција во компанијата на само 32-годишна возраст, што беше предизвик само по себе, до денешната глобализација на ’Алкалоид’ се одвиваа сложени процеси на развој и трансформација. Во изминативе 20 години ’Алкалоид’ остварува импресивен континуиран раст: шесткратно зголемување на приходите (од 53,1 милиони евра во 2005 до очекуваните над 330 милиони евра во 2025 година) и зголемување на просечната цена на акциите речиси за седумпати (од 62 евра на околу 416 евра во истиот временски период). Сиот овој изоден пат е резултат на тимска посветеност, визија и јасна стратегија. И ќе продолжиме со истиот пристап со решителност, дисциплина, квалитет и знаење.“ - истакна Мукаетов. Во делот од панелот наменет за предизвиците на регионалните берзи и за изнаоѓањето начини за нивно надминување, што може да поттикне промени во праксата и во регулативата, Мукаетов посочи: „Македонија претставува мал, но специфичен пазар, каде што неколку blue chip компании имаат доминантна улога во тргувањето на Берзата, носејќи со себе високи очекувања од страна на јавноста и инвеститорите. Сепак, ограничениот пристап до финансии и ниската ликвидност во тргувањето кај другите компании на Берзата укажуваат на потребата од поактивна улога на институционалните инвеститори, јасна и транспарентна регулатива. Регионално, консолидацијата на берзите во единствена платформа или ентитет би донела поголема длабочина на пазарот, ликвидност, стабилност и подобра меѓународна видливост на компаниите.“