Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, денеска, на прес конференција информираа дека е распишана јавна набавка за изградба на нова поликлиника во Бутел. Станува збор за инвестиција во вкупна вредност над 117 милиони денари. Новиот објект ќе се состои од приземје и кат од над илјада метри квадратни и ќе содржи ординации по општа медицина и стоматологија, детски оддел со ординација за педијатрија, превентивна здравствена заштита, специјалистичко-консултативни ординации за гинекологија, интерна медицина, невропсихијатрија, физикална медицина, рендген кабинет, аптека и биохемиска лабораторија. „Ова е значајна инвестиција за жителите на оваа општина и на околните населени места кои првпат ќе имаат поликлиника блиску до местото на живеење.“ - истакна министерот Алиу. Новата поликлиника ќе се гради на местото на постојната модуларна амбуланта. „Граѓаните најмногу бараат поликлиника и Општина Бутел денеска ќе распише тендерска постапка за нејзина изградба. Од обезбедените средства, 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од општина Бутел. Оваа поликлиника е пример за соработка меѓу централната и локалната власт.“ - изјави градоначалникот Костовски. Во рамки на тековните оперативни активности од областа на сузбивање на недозволената трговија со дрога, полициски службеници од различни полициски организациони единици во текот на месец септември, во повеќе различни случаи лишија од слобода над 100 лица, меѓу кои и неколку малолетници, кај коишто при извршени лични прегледи и прегледи на возила, биле откриени и запленети поголема количина на марихуана, бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, кафена прашкаста материја, МДМА таблети, амфетамин, хероин, дробилки. Исто така, врз основа на извршени претреси во текот на изминатиот месец, покрај откривањето и заплената на одредени количини марихуана, кокаин, хашиш, амфетамин и дробилки, во околу десеттина различни случаи беа лишени од слобода и беа поднесени кривични пријави против повеќе од 15 лица како осомничени за сторено кривично дело по член 215 од КЗ на РСМ. Воедно на Граничниот премин „Табановце“ во месец септември при влез во земјава, во неколку одвоени случаи, кај српски, унгарски, австриски и белгиски државјани, исто така беа откриени кокаин, амфетамин и марихуана. Исто така во текот на септември на регионалниот пат Битола-Прилеп полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Битола и САЕ Тигар од Бирото за јавна безбедност при МВР, во рамки на засилените активности во борбата против недозволена трговија со дрога, спречија транспорт на околу 35 килограми марихуана. Бројот на работниците во индустријата е намален за 2.6% во август во однос на истиот период лани, спорред податоците објавени од Државниот завод за статистика. Бројот на работниците во август 2025 година, во однос на август 2024 година, во секторот Рударство и вадење на камен се намалил за 1.7%, во секторот Преработувачка индустрија за 2.7%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0.6%. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во август 2025 година, во однос на август 2024 година, се намалил во групите Енергија за 1.8%, Капитални производи за 7.1% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2.2%, а се зголемил во групите Трајни производи за широка потрошувачка за 7.3% и Интермедијарни производи, освен енергија за 1.0%. Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – август 2025 година, во однос на периодот јануари – август 2024 година, се намалил за 3.8%. Во 2024 година, ЕУ го оствари најголемиот годишен извоз на хемиски производи кон земјите надвор од ЕУ во вредност од 560 милијарди евра, што претставува раст од 7% во споредба со 2023 година, објави Евростат. Увозот од земји надвор од ЕУ на овие производи благо опадна за 1%, на 322 милијарди евра од претходните 326 милијарди евра. Петте земји членки на ЕУ со најголем извоз кон надворешни пазари се: Германија (134 милијарди евра), Ирска (82 милијарди), Белгија (62 милијарди), Франција (54 милијарди) и Холандија (50 милијарди) евра. Најголемите дестинации за извоз надвор од ЕУ се: САД (170 милијарди евра), Швајцарија (64 милијарди), Обединетото Кралство (47 милијарди), Кина (36 милијарди) и Јапонија (18 милијарди) евра. Што се однесува до увозот, најголеми увозници на хемиски производи во ЕУ се: Германија (56 милијарди евра), Белгија (45 милијарди), Холандија (43 милијарди), Италија (34 милијарди) и Словенија (29 милијарди) евра. Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја промовираше новата петгодишна програма за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), нагласувајќи дека демографските предизвици се клучен приоритет за државата. Премиерот изрази загриженост поради континуираниот пад на наталитетот во земјава, истакнувајќи дека бројот на новородени деца во Македонија е намален од над 50.000 во 1950 година на околу 16.000 во 2024. Главни причини, според него, се иселувањето и опаѓањето на фертилитетот. „Реално присутното население не надминува 1,5 милиони жители. Ако продолжиме со ова темпо, за 20 години ќе бидеме држава под 1 милион жители. Тоа значи колапс за пензискиот и здравствениот фонд,“ предупреди Мицкоски. Како дел од мерките што веќе се преземени, тој ги наведе економскиот раст, шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, изградбата на нови градинки, бесплатните учебници, како и економската и социјалната поддршка за семејствата. „Без разлика на етничката или верската припадност, многудетното семејство значи иднина. Времето е сега – иднината е во нашите деца,“ порача премиерот. Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи. На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од Управата за хидрометеоролошки работи. Од ЕСМ апелираат да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот. Ги повикуваат сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.