Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,26% во однос на претходната пресметка од 15.09.2025 година. Оваа промена ќе се одрази на цените на дизелот, екстра лесното масло и мазутот, додека цените на бензините остануваат непроменети. Според последната пресметка, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар покажуваат мешан тренд. Бензините поевтинуваат за 0,368%, додека цените на дизелот, екстра лесното масло и мазутот се зголемуваат. Така, дизелот бележи зголемување од 2,18%, екстра лесното масло за 1,48%, а мазутот за 1,69%. Дополнително, ослабувањето на курсот на денарот во однос на доларот за 0,6675% има влијание врз цените на нафтените деривати. Од 23 септември 2025 година, од 00:01 часот, максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе бидат: - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 – 75,50 денари/литар. - Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 – 77,50 денари/литар. - Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 69,50 денари/литар. - Масло за горење Екстра лесно (ЕЛ-1) – 69,00 денари/литар. - Мазут М-1 НС – 36,947 денари/кг. Сите други нафтени деривати, освен дизелот и мазутот, ќе останат на исти цени. Малопродажната цена на дизелот ќе се зголеми за 0,50 ден/лит, додека мазутот ќе поскапе за 0,207 ден/кг. РКЕ нагласува дека овие цени претставуваат максимални износи и дека трговците на големо и мало со нафтени деривати и горива за транспорт имаат право да ги формираат цените и пониско од утврдените максимуми. Министерството за внатрешни работи објави тендер за нови униформи и за замена на старите, непрактични и нефункционални униформи со нови, модерни, квалитетни и функционални по терк на европските полиции. Министерството оствари технички дијалог со 13 заинтересирани компании при што беа земени во предвид сите сугестии и предлози. Министерството апелира на тендерот да се јават сите заинтересирани компании и во утврдените рокови, да може да се промовира новата, модерна, квалитетна и функционална униформа за оние кои се грижат за безбедноста на македонските граѓани. Новата униформа во себе ќе содржи елементи како виндјакна, теренска јакна, летни и зимски теренски панталони, кошули со кратки и долги ракави, капи, маички, чевли со потенок и подебел ѓон и високи зимски и летни тактички чизми. Тендерот е објавен на електронскиот систем за е-набавки и на него можат да учествуваат сите заинтересирани компании. Управата за јавни приходи (УЈП) објави јавен повик до угостителите и трговците на мало, потсетувајќи ги на нивните обврски да ги коригираат даночните пријави и да го пријават скриениот промет. Според податоците на УЈП, од јануари до август 2025 година, извршени се над 3.700 теренски контроли, при што кај околу една третина од субјектите биле откриени неправилности, како што се неиздавање фискални сметки и непријавен готовински промет. Во рамките на оваа акција, УЈП испратила известувања до повеќе од 1.000 даночни обврзници кои претходно биле санкционирани. Тие се повикани да ги коригираат своите даночни пријави, да го пријават скриениот промет и да го платат данокот што го должат. „Ако не се испочитуваат повиците, УЈП ќе ги примени сите механизми за процена на скриениот промет, наплата на данокот и други санкции“, изјавија од Управата. Оттаму додаваат дека оваа акција не е „лов на грешки“, туку има за цел воспоставување ред и намалување на сивата економија. УЈП го нагласува сериозниот карактер на повикот и апелира сите обврзници да ги исполнат своите даночни обврски во дадениот рок. Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потвди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед. Во својот извештај, „Фич“ нагласува дека кредибилните и доследни макроекономски политики, долгогодишната политика на фиксен девизен курс и подобрите показатели за управување во однос на земјите со слична оценка остануваат клучни фактори што ја поддржуваат стабилноста. Во првата половина од 2025 година, реалниот БДП порасна за 3,2%, поддржан од силна приватна потрошувачка и зголемен извоз. Економските изгледи за следниот период се позитивни. „Фич“ очекува економијата да оствари раст од 3,2% за целата 2025 година и просечно 3,4% во периодот 2026–2027, што е над потенцијалниот долгогодишен раст од околу 3%. Посветеноста кон процесот на евроинтеграции е дополнително препознаена како сидро за спроведување на структурни реформи и зајакнување на институциите. Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции по рекордните 7% од БДП во 2024 година, тоа главно се должи на недостиг на работна сила и глобалната неизвесност во автомобилската индустрија. Според Фич, ограничувачки фактори за економскиот развој се негативните демографски трендови како и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок. „Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, заради инвестициските активности и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60% од БДП на среден рок. Потврдата на кредитниот рејтинг на „BB+“ со стабилен изглед е значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека РС Македонија успешно ја зачувува економската стабилност во услови на глобални предизвици.