Bosch објави нови намалувања на работните места, како дел од напорите да се затвори големиот финансиски јаз. Одлуката доаѓа во време кога глобалниот автомобилски пазар продолжува да покажува забавен развој, дополнет со одложувања во прифаќањето на нови технологии, како што се електричната мобилност, автоматизираното возење и водородните решенија. Bosch веќе долго време се соочува со глобален финансиски јаз од околу 2,5 милијарди евра на годишно ниво во својот автомобилски сектор, што е резултат на големите ценовни притисоци, конкуренцијата и значителните инвестиции потребни за идни технологии. И покрај овие предизвици, компанијата е посветена на намалување на трошоците низ сите свои операции, со акцент на подобрување на продуктивноста преку користење на вештачка интелигенција, оптимизација на снабдувачките синџири и намалување на материјалните и капиталните трошоци. Меѓутоа, овие напори подразбираат неизбежни структурни и персонални прилагодувања. Bosch потврди дека околу 13.000 работни места ќе бидат укинати глобално, со посебен фокус на локациите во Германија. Локацијата во Фојербах ќе биде најтешко погодена, со предвидени намалувања на работни места од околу 3.500 до 2030 година. Ова вклучува затворање на фабриката за Power Solutions, која се соочува со проблеми поради глобалниот пад на побарувачката за дизел мотори и спорото воведување на водородни технологии. Друга погодена локација се Швибердинген, каде ќе бидат укинати околу 1.750 работни места во различни оддели како што се Power Solutions, Electrified Motion и Mobility Electronics. Дополнително, Bosch планира да го укине производството на технологија за конектори во фабриката во Вајблинген до крајот на 2028 година, што ќе влијае на околу 560 работни места. Во Билх, Bosch очекува да ги намали работните места за околу 1.550 до 2030 година, со што ќе бидат погодени одделите за продажба, набавка, администрација, како и развој и производство на електрични погонски системи. Слично на тоа, локацијата Хомбург ќе има намалување на работните места за околу 1.250 до 2030 година, при што ќе се консолидираат оперативните активности на Power Solutions одделот во источниот дел на фабриката. Турскиот национален авиопревозник, Turkish Airlines, потпиша договор со Boeing за набавка на вкупно 75 нови авиони од моделите Boeing 787-9 и 787-10, кои ќе бидат доставени помеѓу 2029 и 2034 година. Компанијата продолжува со преговори за набавка на мотори од Rolls-Royce и GE Aerospace, а по успешните преговори со CFM International, се очекува да бидат потпишани и договори за 737-8/10 MAX авионите. Како дел од својата „Vision 2033“, која ја нагласува 100-годишнината на авиокомпанијата, Turkish Airlines има за цел да ја прошири својата флота на над 800 авиони, при што ќе го зголеми уделот на авиони од следната генерација на 90% до 2033 година и на 100% до 2035 година. Ова дополнително ќе ја зајакне оперативната ефикасност, додека ќе се одржи просечен годишен раст од 6%. Новиот договор ќе помогне во понатамошното зајакнување на Истанбул како стратешки хаб за патнички и товарни летови, а истовремено ќе ги прошири можностите на Turkish Airlines за понуда на повеќе дестинации и за привлекување на туристи. Од почетокот на годината до август, новите регистрации на автомобили во Европската Унија бележат минимален пад од 0.1% во споредба со истиот период во 2024 година. Според податоците на Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA), уделот на батериски електрични автомобили (BEV) во вкупниот пазар достигна 15.8%, што претставува пораст во однос на 12.6% од минатата година. Сепак, ова сеуште е под темпото што е потребно за успешна транзиција кон електрични возила. Најпопуларна категорија остануваат хибридните електрични автомобили, кои продолжуваат да имаат најголем пазарен удел од 34.7%. Во првите осум месеци од 2025 година, во ЕУ се регистрирани вкупно 1.132.603 нови батериски електрични автомобили и сочинуваат 15.8% од пазарот. Големите пазари како Германија (+39.2%), Белгија (+14.4%) и Холандија (+5.1%) бележат раст во продажбата на електрични автомобили, додека Франција бележи пад од 2%. Регистрациите на хибридни електрични автомобили продолжуваат да растат, со вкупно 2.485.069 единици во првите осум месеци на 2025 година. Голем раст е забележан во Франција (+30.5%), Шпанија (+29.3%), Германија (+10.1%) и Италија (+9.4%). Овие автомобили сочинуваат 34.7% од вкупниот пазар на автомобили во ЕУ. Регистрациите на плуг-ин хибридни електрични автомобили (PHEV) продолжуваат да растат, достигнувајќи 631.783 единици во истиот период. Пазарниот раст е највисок во Шпанија (+99.9%), Германија (+61.2%) и Италија (+62.6%), што доведе до зголемување на уделот на оваа категорија на 8.8%, во споредба со 6.9% во 2024 година. Во исто време, продажбата на бензински и дизел автомобили продолжува да опаѓа. Бензинските автомобили бележат пад од 19.7%, сите големи пазари забележуваат намалување: Франција (-33.5%), Германија (-25.2%), Италија (-17.6%) и Шпанија (-13.1%). Во целокупниот пазар, уделот на бензинските автомобили падна на 28.1% од 34.9% минатата година. Дизел автомобилите имаат удел од 9.4% во 2025 година. Промените на годишно ниво покажуваат пад од 16.3% на бензинските автомобили и 17.5% на дизел автомобилите. Во август 2025 година, годишната инфлација во еврозоната изнесувала 2,0%, што е стабилно во споредба со јули. За разлика од тоа, пред една година, стапката на инфлација била 2,2%. Во Европската унија, годишната инфлација исто така се задржала на 2,4% во август 2025, што е исто така стабилно во споредба со претходниот месец. За споредба, и пред една година, инфлацијата во ЕУ била на истото ниво од 2,4%. Според податоците на Евростат, најниски годишни инфлациски стапки се забележани во Кипар (0,0%), Франција (0,8%) и Италија (1,6%). Од друга страна, највисоки инфлациски стапки се забележани во Романија (8,5%), Естонија (6,2%) и Хрватска (4,6%). Во однос на месечните промени, споредено со јули 2025, инфлацијата паднала во девет земји-членки на ЕУ, останала стабилна во четири, а пораснала во четиринаесет земји. Најголемиот придонес за годишната инфлација во еврозоната доаѓа од услугите (+1,44 процентни поени), потоа следуваат храна, алкохол и тутун (+0,62 процентни поени), независни индустриски производи (+0,18 процентни поени), додека енергијата има негативен придонес (-0,19 процентни поени). Германската компанија Rheinmetall постигна договор со групацијата Lürssen за преземање на воената бродоградба Naval Vessels Lürssen од Бремен, заедно со сите нејзини подружници. Официјалното финализирање на договорот се очекува наскоро, а целосното затворање на трансакцијата е планирано за почетокот на 2026 година, по добивање на одобрение од надлежните регулаторни органи. Со оваа значајна стратешка аквизиција, Рајнметал го проширува своето портфолио и влегува во бродоградбата, дополнително зајакнувајќи ја својата позиција како водечки снабдувач на одбранбена технологија во Германија и Европа. „Создаваме бродоградбен гигант во Германија,“ изјави Армин Папергер, извршен директор на Rheinmetall AG. „Во иднина ќе бидеме релевантен играч на копно, вода, воздух и во вселената.“, додаде тој. NVL, поранешна Lürssen Defence, е приватна бродоградбена група со четири бродоградилишта во северна Германија и неколку меѓународни локации. Во 2024 година компанијата остварила приходи од околу 1 милијарда евра и вработува околу 2100 лица ширум светот. NVL има повеќе од 150 години традиција и досега испорачала околу 1000 бродови на повеќе од 50 поморски сили и крајбрежни стражи низ светот. Папергер нагласи: „Оваа аквизиција не нè прави само производител на бродови, туку комплетен интегриран поморски системски снабдувач. Во иднина, ќе нудиме сеопфатни решенија преку партнерската мрежа.“ Двете компании не ја открија вредноста на трансакцијата.