Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Финансии

ССМ: Предлогот за плаќање по час е обид за намалување на работничките плати
ССМ: Предлогот за плаќање по час е обид за намалување на работничките плати
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) упати остри критики до Сојузот на стопански комори по иницијативата за воведување плаќање по час, оценувајќи дека зад ваквите барања не стои грижа за работниците, туку обид за дополнително намалување на нивните примања. Од синдикатот истакнуваат дека во период кога фокусот треба да биде ставен врз зголемување на платите, обезбедување достоинствен живот и подобрување на условите за работа, бизнис-секторот постојано бара начини за ревидирање на веќе стекнатите работнички права. Според ССМ, прекувремената работа и во моментот законски се пресметува и плаќа по час со додаток од 135 проценти за секој одработен час. Сепак, од синдикатот тврдат дека условот за соодветно исплаќање на прекувремените часови честопати се изигрува од страна на работодавачите, со што директно се оштетуваат и работниците и државниот буџет. Од синдикатот потсетуваат дека моменталната саатница во државата за работниците кои примаат минимална плата изнесува 155 денари во нето-износ. Поради тоа, ССМ смета дека иницијативите како кратењето на празниците или плаќањето по час претставуваат обиди за дефокусирање од клучната тема за раст на примањата, со што на работодавачите им се овозможува да ги задржат најниските плати во регионот. ССМ апелира до надлежните институции наместо промена на моделот да воведат поефикасни контроли на терен и механизми кои ќе гарантираат дека секој одработен час ќе биде прецизно евидентиран и соодветно платен, а од работодавачите бара доследно почитување на законите и колективните договори.
Народна банка: Кредитирањето порасна за 14,1 процент во септември
Народна банка: Кредитирањето порасна за 14,1 процент во септември
Паричната маса (монетарниот агрегат М3) во септември го задржа нивото од претходниот месец, додека на годишна основа забележа раст од 8,3 проценти, што го одразува зголемувањето на сите нејзини компоненти. Вкупните депозити во банкарскиот систем бележат месечен раст од 0,4 проценти и годишно зголемување од 9,2 проценти, коешто најмногу се должи на растот на депозитите кај домаќинствата. Во истиот период, кредитната активност оствари значаен напредок, при што на месечно ниво е забележано зголемување од 1,3 проценти, а на годишна основа растот достигна 14,1 процент. Зголемувањето на кредитите е присутно кај двата сектора, при што на месечна основа поголем придонес имаат домаќинствата, додека на годишно ниво придонесот е поизразен кај корпоративниот сектор. Депозитите на корпоративниот сектор остварија месечно зголемување од 0,4 проценти, а на годишно ниво се повисоки за 8,6 проценти, главно под влијание на зголемените средства на трансакциските сметки и долгорочно орочените депозити. Кај кредитите за претпријатијата е забележано забрзување на растот, кој изнесува 1,3 проценти во споредба со претходниот месец, односно 15,7 проценти на годишно ниво, а најголем дел од кредитирањето е реализиран во денари. Кај секторот домаќинства, депозитите бележат месечен раст од 0,3 проценти и годишно зголемување од 9,2 проценти, поттикнато од растот на трансакциските сметки и долгорочните депозити. Орочените заштеди на граѓаните бележат умерена експанзија, при што на месечно ниво е забележано зголемување од 0,8 проценти, додека на годишно ниво растот достигна 5,7 проценти, примарно водено од зголемувањето на долгорочните орочени влогови. Кредитирањето на населението исто така забрза, бележејќи месечен раст од 1,4 проценти и скок од 12,7 проценти на годишно ниво. Според намената, продолжува трендот на зголемување кај потрошувачките кредити, кои остварија месечен раст од 1,1 процент и годишен раст од 12,4 проценти, како и кај станбените кредити кои се зголемија за 1,5 проценти на месечно, односно за 16,1 процент на годишно ниво.
Во ноември започнува примената на новите стандарди во платниот промет: Сметките добиваат предзнак МК07
Во ноември започнува примената на новите стандарди во платниот промет: Сметките добиваат предзнак МК07
Во текот на месец ноември започнува примената на донесените регулаторни промени со кои се воведуваат нови стандарди во националниот платен промет, информираат од Македонската банкарска асоцијација (МБА). Промените опфаќаат воведување нови платни налози, стандардизирани ознаки за целта на плаќањето и нов начин на означување на платежните сметки. Од МБА нагласуваат дека за граѓаните и правните лица бројот на постојните платежни сметки останува непроменет. Главата промена се состои во тоа што сметките ќе се користат во IBAN-формат, односно со додавање на ознаката „МК07“ пред досегашниот број на сметката. Приспособувањето во електронското и мобилното банкарство ќе биде извршено автоматски од страна на банките. Новините произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти на Народната банка, со цел модернизација и стандардизација на платните системи во државата. Со почетокот на примената на новите стандарди ќе се воведат нови, стандардизирани платни налози кои во целост ќе ги заменат досегашните хартија и електронски обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53. Покрај тоа, се менуваат и шифрите за целта на плаќањето - досегашните нумерички ознаки се заменуваат со нови четиризнаковни кодови, што ќе овозможи попрецизно дефинирање на намената на трансакциите и подобра обработка на податоците. За компаниите што користат интегрирани сметководствени софтвери и автоматизирана размена на налози, банките дополнително ќе достават насоки за потребните технички приспособувања. Банкарскиот сектор веќе го привршува техничкото усогласување за транзицијата да се одвива непречено и без прекини во услугата.
Над 13 милијарди денари неплатени даноци и придонеси: УЈП ја објави најновата листа на должници
Над 13 милијарди денари неплатени даноци и придонеси: УЈП ја објави најновата листа на должници
Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата Листа на должници бр. 10/2026, која ги опфаќа сите даночни долгови доспеани до 30 јуни 2026 година, а кои останале неплатени до 30 септември 2026 година. Вкупниот нето-долг за даноци и придонеси за социјално осигурување објавен на оваа листа изнесува над 13 милијарди денари, а се евидентирани вкупно 4.537 должници. Според податоците од УЈП, од претходната листа бр. 09/2026 се повторуваат 4.443 должници. Кај 2.693 од нив е забележано зголемување на долгот за 269 милиони денари, 498 должници го намалиле својот долг за 259 милиони денари, додека кај 1.252 субјекти износот останал непроменет. На најновата листа се појавуваат и 94 нови должници со вкупен долг од 314 милиони денари, за кои даночната управа најави дека при следната објава ќе даде детални информации за преземените мерки за наплата. Во исто време, 797 должници од претходната листа, кои должеа вкупно 684 милиони денари, веќе не се наоѓаат на новата листа откако ги регулирале своите обврски или по друг основ им престанал долгот. Како дел од заложбите за поголема транспарентност, на оваа листа се објавени и конкретни информации за веќе преземените мерки за принудна наплата кај 462 даночни должници. Од УЈП посочуваат дека објавувањето на овие податоци е во целосна согласност со Законот за даночна постапка и не претставува даночна тајна.
Над 33 милиони денари поддршка за зелена нафта за земјоделците од кумановскиот регион
Над 33 милиони денари поддршка за зелена нафта за земјоделците од кумановскиот регион
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, оствари работна посета на Подрачната единица на Министерството во Куманово, каде што се сретна со вработените и со локални земјоделци од регионот. Во рамките на посетата беа свечено доделени првите картички за зелена нафта, кои се реализираат преку мерката 10 од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година. За подрачјето што го покрива оваа единицa, во кое влегуваат и општините Липково и Старо Нагоричане, предвидени се вкупно 3.641 картичка, со вкупна финансиска вредност од 33.227.969 денари. На државно ниво, за мерката за зелена нафта се обезбедени вкупно 564 милиони денари за 48.037 корисници. Висината на поддршката директно се утврдува врз основа на пријавените земјоделски површини и видот на културите, со износи што се движат од 3.200 до 12.000 денари по хектар. За време на средбата, заменик-министерот Хоџа ја нагласи важноста од ваквите мерки во услови на зголемени производствени трошоци. „Свесни сме дека трошоците во земјоделството се високи, затоа преку мерката зелена нафта настојуваме да им олесниме дел од производствените трошоци на нашите земјоделци. Им благодарам за нивниот секојдневен труд и посветеност, бидејќи домашното производство се темели токму на нивната работа“, истакна Хоџа, упатувајќи благодарност и до вработените во подрачната единица за нивниот професионален ангажман.
„Канди Инвест“ го зголеми уделот во „ЗК Пелагонија“ на 12,22 проценти
„Канди Инвест“ го зголеми уделот во „ЗК Пелагонија“ на 12,22 проценти
ЗК „Пелагонија“ АД Битола, согласно член 38 од Правилата за котација на Македонската берза за хартии од вредност, упати официјални известувања за прераспределба на акциите и промени кај квалификуваните сопственици кои поседуваат над 5% од вкупниот капитал на друштвото. Според објавените податоци, Друштвото за производство, трговија и услуги „Канди Инвест“ ДООЕЛ Скопје значајно го зголеми своето сопственичко учество во акционерското друштво. Компанијата „Канди Инвест“ ДООЕЛ Скопје, која претходно поседуваше 14.258 акции, односно 7,03% од вкупниот број акции на ЗК „Пелагонија“, стекна нови 10.536 акции. Со оваа трансакција, уделот на „Канди Инвест“ се искачи на вкупно 24.794 акции, со што компанијата сега поседува 12,22% од вкупниот број акции. Истовремено, има промена кај физичките лица со квалификувана сопственост. Досегашниот акционер Снежана Георгиева од Скопје изврши намалување на бројот на акции, со што повеќе не се води како сопственик на над 5% од вкупниот број акции во друштвото.
Општина Карпош започнува со субвенционирање филтри за оџаци
Општина Карпош започнува со субвенционирање филтри за оџаци
Општина Карпош го објави јавниот оглас со кој започнува спроведувањето на акцијата за субвенционирање на граѓаните за купување и инсталирање на нови филтри за оџаци во домаќинствата. Преку оваа мерка, локалната самоуправа ќе покрие 80% од цената за набавка и монтажа на филтерот, но најмногу до 10.000 денари по домаќинство. Право на учество во оваа акција има секое индивидуално домаќинство - куќа во Карпош, кое за затоплување користи цврсто или течно гориво, под услов филтерот да биде купен и монтиран по објавувањето на огласот. За остварување на правото на субвенција, сопствениците на имотите треба да достават пополнето барање, имотен лист, фотокопија од лична карта и трансакциска сметка, сертификат за квалитет на филтерот од производителот, како и нотарски заверена изјава со која се обврзуваат да го користат и одржуваат филтерот најмалку пет години. Покрај ова, задолжително се приложува и фискална сметка или фактура издадена по започнувањето на акцијата. Барањата со комплетна документација се поднесуваат во архивата на Општина Карпош. Акцијата трае 60 дена од денот на нејзиното објавување или до исцрпување на предвидените финансиски средства, а финансиските поддршки ќе се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“. По поднесувањето, апликантите писмено ќе бидат известени за исходот од нивното барање.
Започна распределбата на картичките за зелена нафта: Обезбедени 9,5 милиони евра поддршка за 48.000 земјоделци
Започна распределбата на картичките за зелена нафта: Обезбедени 9,5 милиони евра поддршка за 48.000 земјоделци
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна со распределба на картичките за зелена нафта за 2026 година, за кои се обезбедени вкупно 9,5 милиони евра државна помош. За поддршка на земјоделците при обработката на површините и подготовката за есенската сеидба подготвени се вкупно 48.037 картички кои од денеска им се достапни на корисниците ширум државата. Министерот Борче Серафимовски на средба со земјоделците во Битола лично ги врачи првите картички за зелена нафта. За земјоделците опфатени преку битолското подрачно одделение обезбедени се 3.858 картички, чија вкупна вредност надминува 57,5 милиони денари. Оваа финансиска помош е дел од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година и има за цел директно намалување на трошоците за гориво за механизацијата во периодот кога земјоделците имаат најголеми вложувања за семенски материјал и ѓубрива. Висината на поддршката се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар, во зависност од земјоделската култура. Поединечниот износ за секој корисник е утврден врз основа на пријавените површини и култури во барањата за директни плаќања од претходната година.
Инфлацијата во септември останува на исто ниво во однос на август, годишниот раст изнесува 2,7 проценти
Инфлацијата во септември останува на исто ниво во однос на август, годишниот раст изнесува 2,7 проценти
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември остана на исто ниво во споредба со август. Споредено со септември минатата година), индексот на трошоците на животот бележи зголемување од 2,7%, додека индексот на цените на мало бележи годишен раст од 1,7%. Индексот на цените на мало во септември, во однос на август, изнесува 98,7 што укажува на соодветно месечно намалување во оваа категорија. Анализирано по категории, во септември во однос на август е забележано намалување на трошоците на животот кај четири групи: рекреација, спорт и култура за 3,7%, транспорт за 3,4%, ресторани и услуги за сместување за 0,3% и информации и комуникации за 0,1%. Од друга страна, зголемување на трошоците е евидентирано кај поголем број категории. Покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување бележат раст од 1,3%, додека храната и безалкохолните пијалаци, како и личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги се поскапени за 0,5%. Услугите за образование бележат зголемување од 0,4%, облеката и обувките за 0,3%, здравствената заштита, домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива за 0,2%, а кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците е забележан раст од 0,1%. Трошоците на животот во групата осигурување и финансиски услуги остануваат непроменети во споредба со претходниот месец.
УЈП предупредува за лажни SMS пораки и обиди за измама кај граѓаните
УЈП предупредува за лажни SMS пораки и обиди за измама кај граѓаните
Управата за јавни приходи (УЈП) упати итно предупредување до граѓаните поради појава на лажни SMS пораки кои се испраќаат во име на институцијата. Во пораките лажно се наведува дека статусот на сметката за социјално осигурување е „абнормален“ и се бара итно решавање на проблемот преку приложен линк. Од УЈП апелираат до сите кои ќе добијат ваква порака воопшто да не го отвораат линкот и да не внесуваат лични, банкарски или други чувствителни податоци, со оглед на тоа што станува збор за фишинг обид за измама и злоупотреба на финансиските податоци на граѓаните. Управата ги повикува граѓаните сите информации и услуги поврзани со данските и социјалните сметки да ги проверуваат единствено преку официјалната веб-страница ujp.gov.mk, преку официјалните е-услуги или преку Инфо центарот на броевите 0800 33 000 и 02 3253 200. Институцијата повторно нагласува дека не треба да се клика на линкови од сомнителни SMS пораки и препорачува известувањето да се сподели со блиските со цел да се спречат дополнителни злоупотреби.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk