Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше за масовна акција во која по неколкугодишна негрижа, дефекти и запоставеност, во функција се вратени повеќе од 220 фонтани за пиење вода низ сите скопски општини.
Акцијата се спроведува со цел да им се овозможат основни услови за разладување на граѓаните во периодот кога главниот град се соочува со екстремно високи летни температури.
Проектот се реализира во директна координација со јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Градските тимови најпрво извршиле целосно мапирање на теренот, по што биле санирани сите дефекти на заборавените јавни чешми.
Според скопскиот градоначалник, оваа бројка од 220 функционални чешми не е конечна. Со оглед на големите потреби на терен, паралелно веќе се работи и на инсталирање на целосно нови чешми за пиење вода на повеќе фреквентни локации во Скопје, со што ќе им се олесни секојдневието на рекреативците, децата, повозрасните граѓани и туристите. Подната фонтана, која повеќе од една деценија беше надвор од употреба, запуштена и оштетена, наскоро повторно ќе профункционира на централниот градски плоштад, објави градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Овој простор веќе нема да биде зона каде што неконтролирано минуваат автомобили и тешки товарни возила, туку ќе се трансформира во уредено место наменето за прошетки, фотографирање и развој на туризмот.
Во моментов на терен интензивно се изведуваат градежните и техничките активности за санација на оштетувањата, а според најавите, подната фонтана целосно ќе заживее за само неколку дена.
Оваа обнова следува по серијата акции во кои неодамна во функција беа вратени и неколку други препознатливи обележја во центарот на Скопје, меѓу кои фонтаните „Лотосов цвет“ во Градскиот парк, „Воин на коњ“, „Филип II Македонски“, „Олимпија“, „Паднати борци“, фонтаната на плоштадот „ВМРО“, а повторно беше запален и Вечниот оган. Неодамна завршија археолошките истражувања на познатиот локалитет Велушка Тумба кај Породин, кои донесоа ексклузивни и меѓународно значајни откритија за животот на првите земјоделци во Пелагонија пред цели 8.000 години. Проектот се спроведува како плод на меѓународна соработка помеѓу Н.У. „Завод и музеј“ – Битола и Центрот за истражување на предисторијата, со активно учество на Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел. Со истражувањата раководат д-р Гоце Наумов и вишиот кустос Јасмина Гулевска, додека археоботаничките анализи се под координација на д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов.
Оваа неолитска населба функционирала континуирано во текот на неколку стотици години на почетокот на шестиот милениум пред новата ера. Низ вековите, куќите се граделе една врз друга, создавајќи тумба висока околу 4 метри со остатоци од десетина архитектонски слоеви. За време на овогодишната кампања, археолозите работеа на еден од овие објекти каде што открија ѕидови, подови, керамички садови и мноштво мелници за обработка на житото што се одгледувало во околните ниви.
Најголемиот куриозитет и европска ексклузивност на овие истражувања се двете огромни печки за леб во рамки на т.н. Градба 13, кои имаат аплицирани глинени сандаци за мелење на житото и месење на тестото. Поради своите монументални димензии, тие се вбројуваат меѓу најголемите неолитски печки досега пронајдени на европскиот континент. Врз едната од овие печки, научниците открија правоаголна структура во чиј јужен агол било погребано новороденче положено во превртен сад. Овој обред е исклучително редок во неолитска Европа и сведочи за длабока симболичка и духовна врска меѓу топлината на печката, домот (куќата) и садот со човечкото тело и новиот живот.
Покрај печките беа пронајдени и дваесетина керамички садови за готвење и јадење – дел од нив раскошно декорирани со бели орнаменти за церемонијален карактер – како и жртвеници, глинени модели на куќи, фигурини и разновидни алатки од камен и коска. Сите прибрани примероци во моментов се предмет на радиокарбон, археоботанички и геоархеолошки анализи во Германија и Швајцарија за да се утврди точната клима, исхрана и природна средина во тоа време. Резултатите наскоро ќе бидат објавени во реномирани европски научни списанија. Теренскиот дел е финансиран од нашето Министерство за култура и туризам, додека лабораториските анализи се покриени од Германскиот археолошки институт. Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави најновите податоци за органското производство во Македонија за 2025 година, кои покажуваат раст и позитивни трендови во овој земјоделски сектор. Според извештајот, обработливата површина под органско земјоделско производство во 2025 година, во однос на лани, бележи скок од 24,6%. Во текот на минатата година, со овој вид на одржливо земјоделство во државата активно се занимавале 931 производител.
Вкупно се регистрирани 5.145 хектари обработлива површина под органски култури, од кои 1.902 хектари отпаѓаат на површини кои моментално се наоѓаат во таканаречен „период на преод“ (транзиција кон сертифицирано органско производство). Житните култури зафаќаат најголем дел од вкупните органски ниви во Македонија – дури 47,5% или точно 2.444 хектари.
Кај органските житарки има годишен раст од 31,3% во споредба со 2024 година. Зголемување на обработливите површини е регистрирано и кај индустриските, фуражните култури, како и кај овошните насади, додека површините наменети за органски зеленчук и за грозје бележат благо намалување.
Во секторот за органско сточарство, исто така, се забележуваат позитивни поместувања. Вкупниот број на органски говеда достигнал 9.546 грла, што е за 1,1% повеќе од лани. Најизразен раст на стадата има кај органските овци чиј број се зголемил за 9,4%, додека кај органските кози зголемувањето изнесува скромни 0,3%.
Одлични резултати покажува и пчеларството, каде што производството на органски мед лани достигнало 69.658 килограми, што претставува скок од 13,1% во однос на 2024 година, и покрај тоа што вкупниот број на пчелни семејства во истиот даден период бележи благ пад од 2,6%. Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со претседателот на Општинскиот совет, д-р Стојанчо Рамов, и стручните служби од локалната самоуправа, извршија увид во завршните градежни активности на новиот затворен базен.
Овој капитален спортски објект, кој се гради на локацијата на поранешната „Ла Луна“, веќе ја помина клучната фаза со поставувањето на современиот систем за вентилација во април, а сега се работи на финализирање на преостанатите градежни детали пред неговото официјално пуштање во употреба.
Базенот е изграден со димензии 25 на 9 метри и фиксна длабочина од 1,20 метри. Иако неговата примарна намена е да им служи на учениците од сите основни и средни општински училишта за развој на училишниот спорт и правилен физички развој, објектот истовремено ќе биде комерцијално и рекреативно достапен за сите граѓани на Кавадарци.
Со заокружувањето на овој проект, заедно со новиот СПА центар кој се гради во непосредна близина, општина Кавадарци заокружува еден целосен, современ комплекс наменет за спорт, здравје и квалитетно време за сите генерации. Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со претседателот на Општинскиот совет, д-р Стојанчо Рамов, и стручните служби од локалната самоуправа, извршија теренски увид во градежните активности за изградба на новиот СПА центар во градот.
Овој проект претставува директно проширување на содржините на постојниот затворен базен, со што на граѓаните на Кавадарци и регионот им се нудат нови, современи можности за релаксација, велнес и рекреација.
Новиот спа комплекс се простира на вкупна површина од 240 метри квадратни и ќе биде опремен според сите модерни стандарди за ваков тип објекти. Според проектот, просторот ќе располага со парна бања, финска сауна, џакузи, специјални топли лежалки и клупи за одмор, како и посебен дел со тушеви и соблекувални. Дополнително, во рамките на центарот се градат посебни простории за масажа, предпростор опремен со тоалет и туш наменет за корисниците на масажите, како и неопходните технички простории за одржување на системите.
Изведувач на градежните работи на терен е компанијата „Жикол“, а проектот се очекува значително да ја збогати спортско-рекреативната понуда на општината.