Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Најнови

ССМ со истражување: Кога растат платите, расте и бројот на нови фирми
ССМ со истражување: Кога растат платите, расте и бројот на нови фирми
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излезе со истражување користејќи податоци од Централниот регистар, кадешто тврдат дека зголемувањето на платите и минималната плата не придонесува за затворање на компаниите, туку создава услови за развој и отворање нови компании и работни места. Според ССМ, тврдењата дека фирмите ќе се затворат ако се зголемат платите се целосно невистинити, а податоците од Централниот регистар го докажуваат спротивното: - Во 2022 година, кога минималната плата (покачена преку протести и штрајкови) се зголеми од 15.194 на 18.000 денари, беа основани 7.062 нови фирми, додека избришани или затворени беа 5.694. - Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а бројот на избришани фирми значително се намали на 3.372. - Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, наспроти само 2.891 затворена. ССМ нагласува дека овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата. Тие ги побиваат ставовите на газдите, владините претставници и одредени експерти кои беа гласни во обидот да спречат раст на платите. Сојузот на синдикатите смета дека ова е причина повеќе да не се сопира процесот за зголемување на платите и бара континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати. ССМ испрати порака дека работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, потенцирајќи дека Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците.
Откриена група на крадци и помагачи - Вработен во обезбедување помагал во кражба на опрема од рудникот „Бучим“
Откриена група на крадци и помагачи - Вработен во обезбедување помагал во кражба на опрема од рудникот „Бучим“
Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица откри и разби група од четири лица, вклучувајќи и вработен во обезбедување, кои се сомничат за кражба на предмети од рудникот „Бучим“ во Радовиш и нивна понатамошна продажба на нелегален отпад. Акцијата започнала на 18.11.2025 година во 09:00 часот, на стариот магистрален пат Струмица-Радовиш, во близина на село Владевци. Полициски службеници од СВР Струмица ги лишиле од слобода А.Д.(31) и К.И.(19), двајцата од Струмица, откако при преглед на товарно возило „форд“ со струмички регистарски ознаки, пронашле делови од генератор. Истиот ден, во 12:30 часот во близина на село Воиславци, радовишко, лишен од слобода е и Е.У.(45) од Струмица, кој управувал друго товарно возило „форд“, во кое биле пронајдени генератор, алат и други украдени предмети. Врз основа на судска наредба, извршен е претрес во домот на А.Ш., при што во негова близина е пронајдена голема количина складиран отпад и стари возила. Инспектор за животна средина утврдил дека А.Ш. и Е.Д. неовластено тргуваат со овој отпад, со што извршиле кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 од Кривичниот законик. Во врска со настанот, од слобода е лишен и В.А.(32) од Радовиш, вработен во агенција за обезбедување на рудникот. Тој се сомничи дека за одреден паричен надомест им дозволувал на крадците преку спореден влез да влегуваат во кругот на рудникот и да ги одземаат предметите. Лицата се задржани во полициските станици во Струмица и Радовиш, а за случајот е запознаен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот, против сите лица ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Пратките до 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат - Собранието ги изгласа измените на Законот за ДДВ
Пратките до 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат - Собранието ги изгласа измените на Законот за ДДВ
Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), со што се укинува досегашното ослободување од ДДВ за онлајн пратки од странство чијашто вредност е до 22 евра. Министерството за финансии истакнува дека спроведувањето на овие измени се очекува да има директни позитивни ефекти врз работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, средствата кои во одредени периоди достигнуваат околу 4 милиони денари месечно (колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи) се очекува да се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените. Дополнително на поддршката на домашната конкурентност, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем овозможуваше можни злоупотреби, односно увоз на стоки ослободени од ДДВ кои потоа неконтролирано се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса, обезбедувајќи пофер и контролирана пазарна средина. Од Министерството за финансии потенцираат дека трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи. Главната цел на мерката е да обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници.
Запленети 84.000 евра на Табановце: Српски државјанин фатен во обид за нелегален износ на девизи
Запленети 84.000 евра на Табановце: Српски државјанин фатен во обид за нелегален износ на девизи
Царинската управа соопшти дека вчера на граничниот премин Табановце, царинските инспектори од мобилните тимови на Секторот за контрола и истраги спречиле обид за нелегално изнесување на голема сума девизи од државата и привремено заплениле 84.000 евра. Во текот на деталната контрола, извршена врз возило управувано од српски државјанин, царинските службеници пронашле вкупно 94.000 евра за кои патникот не поседувал соодветен документ за потекло и не ги пријавил, иако при претходната изјава навел дека со себе носи помалку од 1.000 евра. Поради сомневање во изјавата на патникот, царинските инспектори пристапиле кон детален претрес на возилото. Притоа, на совозачкото седиште, под машка јакна во црна рачна торбичка, биле пронајдени 44.000 евра, а во багажниот простор на возилото, во црна кожна ташна, биле пронајдени дополнителни 50.000 евра. Вкупната непријавена сума изнесувала 94.000 евра. Согласно Законот за девизно работење, на нерезидентот му е вратена дозволената сума од 10.000 евра која може да се изнесе од државата без пријавување. Останатиот износ од 84.000 евра е привремено одземен. Против српскиот државјанин ќе биде поднесена соодветна пријава за сторен девизен прекршок. Царинската управа апелира до граѓаните да ги почитуваат законските одредби за прекуграничен промет на парични средства и задолжително да ги пријават износите кои ја надминуваат законски дозволената граница.
Јапонската премиерка смета дека воена интервенција врз Тајван од страна на Кина може да го загрози опстанокот на Јапонија
Јапонската премиерка смета дека воена интервенција врз Тајван од страна на Кина може да го загрози опстанокот на Јапонија
Односите помеѓу Кина и Јапонија се најдоа на најниско ниво во последните години, откако јапонската премиерка Санае Такаичи јавно проговори за можна воена интервенција во случај на напад врз Тајван од страна на Кина. Според Такаичи, кинеска воена акција против Тајван би можел да го загрози опстанокот на Јапонија. Кинеската амбасада во Јапонија издаде предупредување до своите граѓани да избегнуваат патувања во земјата, наведувајќи зголемени ризици за личната безбедност. Големите кинески авиокомпании, вклучувајќи ги Air China и China Southern, понудија целосно враќање на средствата или бесплатни промени на сите резервации за Јапонија до крајот на годината. Акциите на јапонските туристички и малопродажни компании забележаа пад, со оглед на тоа што кинеските туристи се едни од најбројните потрошувачи во Јапонија. Тензиите не се ограничени само на Тајван. Кинеската крајбрежна стража ја засили својата активност околу спорните острови во Источното Кинеско Море, испраќајќи бродови во водите контролирани од Јапонија, што Токио го смета за директна провокација. Јапонските власти истакнаа дека позицијата на Токио за Тајван останува непроменета и испратија висок дипломат во Пекинг за да се обиде да ја деескалира ситуацијата. Министерството за надворешни работи на Кина ја осуди изјавата на Такаичи и предупреди на жесток одговор доколку некој се обиде да се меша во процесот на обединување на Кина со Тајван.
Орбан ја критикува ЕУ за барањето повеќе средства за Украина, прави споредба со давање вотка на алкохоличар
Орбан ја критикува ЕУ за барањето повеќе средства за Украина, прави споредба со давање вотка на алкохоличар
Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати критика кон Европската комисија и нејзината претседателка, Урсула фон дер Лајен, поради барањето до земјите членки да издвојат повеќе финансиски средства за Украина. Орбан потврди дека добил писмо од Фон дер Лајен, во кое таа наведува дека финансискиот јаз на Украина е значителен и бара од земјите членки да испратат повеќе пари. „Во време кога стана јасно дека воена мафија ги испумпува парите на европските даночни обврзници, наместо да бара вистински надзор или да ги суспендира плаќањата, претседателката на Комисијата предлага да испратиме уште повеќе.“ - напиша Орбан. Тој ја спореди ситуацијата со обид да се помогне на алкохоличар со давање на вотка, нагласувајќи дека Унгарија го нема изгубено здравиот разум. Орбан го обвини Брисел дека турка воена економија, додека тој ќе остане фокусиран на националните интереси, а не на финансирање туѓ конфликт.
Општина Бутел затвори нелегално градилиште во Визбегово, следува отстранување
Општина Бутел затвори нелегално градилиште во Визбегово, следува отстранување
Општина Бутел денеска започна постапка за отстранување на нелегална градба во Визбегово. Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, информираше дека градилиштето е веќе затворено од страна на градежен инспектор, а во наредниот период ќе следи негово отстранување. „Денеска започнавме постапка за отстранување на дива градба во Визбегово, моментално од страна на градежната инспекција објектот е затворен. Покрај постапката за отсранување на овој објект ќе следи и соодветна пријава за дивоградба и узурпација на државно земјиште.“ објави градоначалникот Костовски. Костовски беше дециден во пораката дека никој не смее да биде над законите. Овој потег е дел од заложбите на општинската администрација за справување со нелегалните градби на територијата на општина Бутел.
Од Скопје до Атина за пет часа: Николоски најави дека изградбата на Коридорот 10д ќе го скрати патувањето за три часа
Од Скопје до Атина за пет часа: Николоски најави дека изградбата на Коридорот 10д ќе го скрати патувањето за три часа
Вицепремиерот Николоски на Економскиот форум во Виена ги претстави амбициозните планови на Македонија за капитални инвестиции во транспортната инфраструктура, најавувајќи дека земјата започнува со најголемите проекти на главните европски Коридори 8 и 10. Во однос на патната мрежа, Николоски најави дека се работи на изградба или завршување на автопати на целиот Коридор 8 – од границата со Албанија до границата со Бугарија. Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на Коридорот 8 ќе достигне околу 1,5 милијарди евра, а истовремено се реконструираат и надградуваат граничните премини. Дополнително, се гради и Коридорот 10д, најголемиот автопат некогаш изграден во државата, кој ќе го скрати патувањето меѓу Скопје и Атина за околу три часа. „Го развиваме и коридорот 10д – коридорот кој го крати растојанието меѓу Атина и Скопје. Ако во моментов се патува осум до осум и пол часа, со ова ќе се скрати на пет до пет и пол часа.“ - изјави Николоски. Како најголем предизвик и шанса, Николоски ја наведе изградбата на брзата железница на Коридорот 10. Овој мега-проект, проценет на околу 2 милијарди евра, ќе овозможи патнички возови да возат со 250 км/ч, а товарни со 140 км/ч, користејќи ги најдолгите можни возови во Европа. Со поврзувањето на Белград-Ниш-Скопје-Солун, ќе се скрати времето за снабдување на Европа од Атина и Солун, од 21-24 дена преку северните пристаништа. За реализација на оваа брза пруга, е потпишан договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Почетокот на изградбата се очекува на пролет следната година, со цел целосно завршување на двојната пруга до 2031 година, а се очекува годишен приход од транзит од околу 120 милиони евра. На Коридорот 8 се работи и на железничко поврзување со Бугарија. Минатата недела е потпишан договор за заедничко спојување, а со вкупна инвестиција од двете земји од околу 2 милијарди евра ќе се оствари сонот на многу генерации за поврзување на Скопје и Софија. Воедно, се работи и на плановите за развој на западното крило на железницата за поврзување со Албанија и Јонското Море.
Царинската управа во повеќе акции заплени фотоапарати, дрога, цигари, автоделови и фалсификувана стока
Царинската управа во повеќе акции заплени фотоапарати, дрога, цигари, автоделови и фалсификувана стока
Мобилните тимови на Царинската управа во текот на изминатите две недели открија повеќе обиди за криумчарење и привремено задржаа широк спектар на стока, меѓу кои дрога, цигари, технолошка опрема, автоделови, облека и фалсификувани производи. - 2 употребувани фотоапарати SONY и CANON со објективи од 50мм кои при контрола на автобус кој сообраќал на редовна линија Брисел-Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце, биле пронајдени сокриени во ќеса над првите седишта. Вредноста на апаратите е проценета на 87.300 денари, а избегнатите давачки се во износ од 20.864 денари. - При контрола на стока со потекло од Кина наменета за фирма од Скопје, а пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија, откриени се 662.4м2, керамички плочки кои не биле опфатени со царинските документи. - Во друг случај, во делот за товар на возило пикап кој бил запрен за контрола во близина на граничниот премин Блаце, биле пронајдени 20 употребувани делови за BMW X5 (хауба, браник, поткрила, полуосовини, зглобови, амортизери, врата, халогенки, фар, воздушно пернилче и друго). - Автобус со турски регистарски таблици е запрен на наплатната рампа Петровец и однесен до царинската испостава Скопје 4 со цел да се изрши детална контрола. Притоа е откриено дека внатрешноста на компресорот за климатизација е празна и прилагодена за криумчарење стока. - При личен претрес на сопатничка во автомобил на влез во државата на граничниот премин Табановце, пронајдени се 2 грама кокаин завиткани во најлонска кесичка. - 1.632 играчки со ознаки на заштитена трговска марка, биле пронајдени при контрола на стока со потекло од Кина сместена во јавен царински склад и пријавена за увозно царинење. Играчките се задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. - 39 парчиња облека и 3 женски чанти се пронајдени во две кутии кои биле сместени на седиштата на патничко комбе кое се пријавило за влез во државата на граничниот премин Табановце. Вредноста на производите изнесува 137.000 денари а избегнатите давачки се во износ од 52.773 денари. - Царински инспектори од Службата за мобилни скенери на влез во државата на граничниот премин Богородица откриле непријавени 11 штеки цигари без акцизни маркички под возачкото седиште, на задното седиште и во багажникот на автомобил. Вредноста на цигарите изнесува 12.262 денари, а избегнатите давачки се во износ од 21.830 денари. Во два одвоени случаи од страна на царински службеници на граничниот премин Ново Село се откриени: - 45 М-ТАГ апарати за плаќање патарина кои биле сокриени во багажникот на автомобил пријавен за влез во државата. Вредноста на апаратите изнесува 69.255 денари а избегнатите давачки се во износ од 9.676 денари. - 1 турбина марка BorgWarner 14G25-0037 е пронајдена во багажникот на автомобил пријавен за влез во државата. Вредноста на турбината изнесува 69.255 денари, а избегнатите давачки се во износ од 15.436 денари. На граничниот премин Богородица во два одвоени случаи откриение се 240 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка и 59 машки џемпери. - Во првиот случај, при контрола на камион кој бил пријавен за влез во државата, пронајдени се 240 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка. Стоката е задржана поради сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост. - Во вториот случај, во внатрешноста и во багажникот на автомобил, пријавен за влез во државата, биле пронајдени непријавени 59 машки џемпери. Царински службеници на влез во државата на граничниот премин Дојран, открија 134 текстилни производи и 232 парчиња бижутерија. Стоката била пронајдена во ќеси кои биле сместени на задните седишта и во багажникот на автомобил. Вредноста на непријавените производи изнесува 47.270 денари, а избегнатите давачки се во износ од 17.882 денари. На граничниот премин Табановце пронајдени се 57 парчиња облека во две патни торби кои биле сместени во багажникот на автомобил пријавен за влез во државата. Вредноста на непријавената стока изнесува 98.500 денари, а избегнатите давачки се во износ од 35.946 денари.
Сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти
Сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираше за успешна координирана полициска операција, спроведена на 16.11.2025 година, со која беше сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти и изнуда. Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции и Одделот за криминалистичка полиција, ја спровеле акцијата врз основа на претходно добиени оперативни сознанија. При преземањето на мерките, во местото викано Ресуљка, во близина на граничната линија со Република Србија, беа откриени два импровизирани кампови. Во нив се пронајдени вкупно осум илегални мигранти, од кои двајца државјани на Пакистан и шестмина од Авганистан, меѓу кои и две деца. Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против пет лица, сите државјани на Авганистан: З.Х.(20), Џ.Д.(31), В.Х.(34), А.Ш.(37) и едно 15-годишно лице. Тие се осомничени за сторено кривично дело „Криумчарење мигранти“ по членовите 418-а и 418-б од Кривичниот законик. Според полициските информации, пријавените во повеќе наврати ги прифаќале и илегално пренесувале мигранти од Грција до импровизираните кампови, дејствувајќи како водичи. Откако ги засолнувале, осомничените З.Х. и Џ.Д. со употреба на сила и закана, од мигрантите изнудувале парични средства за да им овозможат понатамошно префрлање на територија на Србија, а со крајна дестинација земјите од Европската унија.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk