Владата донесе одлука со која се менуваат и дополнуваат условите за користење на средствата од компензационите фондови, со цел да се обезбеди финансиска поддршка за откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата „вранец“. Кредитната линија ќе се реализира преку Развојната банка пред почетокот на главниот откупен период.
Вкупниот расположлив износ на средства изнесува 793,48 милиони денари (околу 10,1 милиони евра). Од нив, 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, додека 553,48 милиони денари се издвоени за винското грозје „вранец“.
Целта на овој финансиски инструмент е да се создаде основа откупот да се одвива навремено, а предадениот род од земјоделците да биде исплатен во точно утврден рок. Барањата за користење на средствата ќе се разгледуваат според редоследот на пристигнување. Максималниот износ на кредитот за откуп на „вранец“ ќе изнесува до 130 милиони денари, додека за оризовата арпа е утврден лимит до 30 милиони денари.
За сите одобрени кредити е предвидена фиксна каматна стапка од еден процент годишно, без плаќање на еднократна провизија за управување со кредитот. Рокот на отплата за оризовата арпа е до шест месеци, а за грозјето до девет месеци. За двете намени е обезбеден грејс-период до три месеци со квартална отплата на обврските. Македонија забележува рекордна статистика во растот на туризмот преку авиосообраќајот во услови на светска криза, а овој успех е препознаен и нотиран во најновата анализа на Светска банка, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Со остварен раст од 40 проценти на годишно ниво кај патниците во пристигнување, Македонија е издвоена како најдобар пример и држава со најголем раст во регионот на Европа и Централна Азија.
Според Николоски, овој резултат е директна последица на мерката за субвенционирање на нови авиолинии, со што земјата се позиционира на врвот во привлекување странски туристи и поттикнување на економијата преку туристичкиот сектор.
Успехот на терен го потврдуваат и резултатите од Охридскиот аеродром, каде што во само еден ден се опслужени рекордно над 3.000 патници, што претставува огромен успех за аеродром од таков тип. Овој признат успех, како што истакна Николоски, служи како мотив за уште поголема работа и посветеност во следниот период. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати. Новите цени во просек се повисоки за 4,55 проценти во споредба со претходната пресметка од 20 јули.
Новиот ценовен скок е директна последица од растот на референтните цени на нафтените деривати на светските берзи. Во изминатиот период, бензините на светскиот пазар поскапеа во просек за 6,2 проценти, дизелот за 7,4 проценти, екстра лесното масло за 8 проценти, додека мазутот забележа најголемо зголемување од 8,1 процент. Во исто време, курсот на денарот во однос на доларот беше понизок за 0,0397 проценти.
Од ноќеска на полноќ (28 јули 2026 година од 00:01 часот), максималните малопродажни цени на горивата ќе ги достигнат следните нивоа:
- Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 3 денари по литар. Со ова зголемување, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по цена од 93 денари за литар (околу 1,51 евро), додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 95 денари за литар (околу 1,54 евра).
- Најголем скок бележат дизел горивото и екстра лесното масло за домаќинство. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 4,50 денари по литар и новата цена ќе изнесува 98,50 денари за литар (околу 1,60 евра). Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за 5,00 денари по литар и ќе чини 98,00 денари за литар (околу 1,59 евра).
- Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 2,726 денари по килограм и новата цена ќе изнесува 48,099 денари за килограм (околу 0,78 евра).
Од РКЕ напоменуваат дека утврдените износи претставуваат максимални цени на нафтените деривати. Според регулативата, сите трговци на големо и мало со нафтени деривати и горива за транспорт имаат можност да ги формираат своите малопродажни цени и на пониско ниво од максимално утврдените гранични вредности. Според Државниот завод за статистика, во мај вкупната бруто-произведена електрична енергија во Македонија достигнала 462.653 МWh. Со ова остварување, бруто-домашното производство задоволи дури 96,5 проценти од вкупната бруто-домашна потрошувачка на електрична енергија.
Во текот на истиот месец, вкупната потрошувачка на сите основни видови енергенти во државата изнесуваше: 479.603 МWh електрична енергија, 4,463 милиони кубни метри (нм³) природен гас, 264.997 тони јаглен и 78.468 тони нафтени продукти.
Притоа, статистичките податоци покажуваат дека дури 99,9 проценти од целокупната потрошувачка на јаглен во овој период била искористена за производство на електрична енергија во домашните капацитети.
Кај природниот гас е евидентиран раст на потрошувачката од 4,8 проценти, што главно се должи на работата на топлинските постројки кои во мај 2025 година не беа активни. Од друга страна, потрошувачката на сите нафтени продукти забележа намалување за 8,5 проценти. Висока бизнис делегација од Индија, составена од претставници на двете најголеми стопански комори во земјата, ASSOCHAM и FICCI, како и од сопственици и директори на водечки индиски компании, денеска ја посети Технолошко-индустриската развојна зона Скопје.
За време на посетата, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, пред индиските бизнисмени ги претстави инвестициските можности што ги нуди Македонија, поволностите за инвестирање во зоните, како и целокупната институционална поддршка што се обезбедува во текот на инвестицискиот процес.
Димовски истакна дека државата претставува стабилна и конкурентна дестинација со стратешка географска положба, квалификувана работна сила и поволна деловна клима, што ја прави атрактивна за компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европскиот пазар.
Членовите на индиската делегација се запознаа со условите за работење и успешните приказни на компаниите кои веќе оперираат во зоните. Во рамки на посетата беше организирана и обиколка низ производствените капацитети на компанијата „Џагатај Кабло“, каде што беа претставени активностите на овој капацитет како позитивен пример за успешна инвестиција во рамки на ТИРЗ.
Оваа посета претставува значаен чекор кон зајакнување на економската соработка со Индија и привлекување нови инвестиции и деловни партнерства со компании од меѓународниот пазар. Турската компанија „Sivriler Group“ разгледува можност за реализација на нова голема инвестиција во Македонија. Ова беше соопштено по денешната работна средба меѓу директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Гоце Димовски, и директорот на турската компанија, Ахмет Сиври.
За време на средбата, на гостите од Турција им беа презентирани условите за инвестирање во технолошко-индустриските зони, расположливите инфраструктурни капацитети, како и државната поддршка која ДТИРЗ ја нуди во сите фази од инвестицискиот процес. Како дел од посетата на ТИРЗ Скопје, претставниците на турската компанија направија директен увид во капацитетите на зоната.
Инвестицискиот проект на „Sivriler Group“ предвидува вложување од 25 милиони евра и отворање на повеќе од 100 нови работни места. Според првичниот план, новата фабрика ќе биде насочена кон воспоставување на модерен производствен капацитет кој ќе биде целосно извозно ориентиран.
Директорот Димовски потенцираше дека ДТИРЗ останува силно посветена на активното привлекување странски директни инвестиции и на обезбедувањето брза и ефикасна институционална поддршка за деловните субјекти. Според него, интересот од реномирани компании како „Sivriler Group“ е уште еден доказ дека земјата нуди конкурентни услови, стабилност и атрактивно деловно опкружување за долгорочен бизнис развој. Од своја страна, претставниците на турската групација изразија задоволство од понудените услови, посочувајќи дека оваа посета е клучен чекор во финалната евалуација на проектот пред неговата конечна реализација. Откупната цена за килограм винско грозје од сортата „вранец“ оваа година ќе изнесува 21.8 денари, додека за „смедеревката“ ќе изнесува 20 денари, соопшти денеска во Кавадарци министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Според министерот, овие цени се утврдени врз основа на реалните производствени трошоци на лозарите и законски предвиденото зголемување од 25 отсто. На овој начин се обезбедува фер, транспарентен и предвидлив процес со кој соодветно се вреднуваат трудот и вложувањата на македонските лозари.
Пресметката на производната цена за двете најзастапени сорти винско грозје ја изготви Земјоделскиот институт - Скопје, како независна научна институција избрана преку јавен конкурс, а согласно одредбите од Законот за виното и официјалната Методологија. Крајната бројка е добиена преку детални теренски истражувања, анкети и анализа на репрезентативен примерок на лозарски стопанства.
При пресметувањето беа земени предвид сите клучни параметри на производството, вклучувајќи ги трошоците за заштита и прихрана на лозјата, спроведените агротехнички мерки, ангажманот на работна сила, користењето механизација, набавката на репроматеријали, како и останатите фиксни и варијабилни трошоци на терен. Заради максимална транспарентност на целиот процес, анкетните листови што се користеа како база за пресметката се јавно објавени на веб-страницата на Земјоделскиот институт.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потенцираше дека продолжува со доследна примена на законските регулативи со цел создавање стабилен пазар и предвидливи услови за откуп, што е од заеднички интерес и за лозарите и за натамошниот развој на домашната винарска индустрија. Компанијата ВДЛ Бус Македонија започнува со третата фаза од својот инвестициски циклус, во рамките на која ќе започне производство на целосно нов модел на автобус во фабриката во ТИРЗ Скопје 2. Оваа нова развојна фаза беше во фокусот на денешната средба меѓу директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, и генералниот директор на ВДЛ Бус Македонија, Аврам Стојчевски. Новиот инвестициски чекор ќе тежи повеќе од 5 милиони евра, а со проширувањето на производствените капацитети планирано е отворање на 150 нови, висококвалификувани работни места во зоната Бунарџик.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, потенцираше дека растот и проширувањето на капацитетите на компаниите кои веќе работат кај нас е најсилен доказ за квалитетот на деловната клима во Македонија. Тој нагласи дека Дирекцијата останува посветен партнер кој преку брза институционална поддршка активно ќе ги следи потребите на инвеститорот со цел третата фаза да се реализира без никакви пречки. На средбата беше детално разгледан оперативниот план за воведување на новата линија за склопување на новиот модел на автобуси.
Ова проширување доаѓа по големата трансформација на компанијата, која во април годинава официјално го промени своето име. Како дел од поширокиот процес на реструктуирање, претпријатието кое претходно беше познато под името ВДЛ Ван Хоол Македонија, од април продолжи да работи како ВДЛ Бус Македонија. Оваа промена го означи почетокот на новата развојна стратегија на групацијата во земјава, насочена кон модернизација и зајакнување на конкурентноста. Новиот проект за производство на нов автобус се очекува не само да го зголеми извозот од зоните, туку и да донесе нови современи технологии и знаења за домашниот кадар. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Глобочица“, каде заедно со директорот на ХЕЦ „Црн Дрим“, д-р Гоце Божиновски, направи увид во работата на овој клучен енергетски капацитет и ги разгледа плановите за претстојниот голем инвестициски циклус.
ХЕЦ „Глобочица“ во првата половина од 2026 година испорача 120 GWh електрична енергија во системот, што е за речиси 19% повеќе од планираното за овој период. Со овој одличен резултат, централата веќе реализираше околу 80 проценти од своето вкупно годишно планирано производство.
Министерката најави дека ова лето започнува третата фаза од ревитализацијата на ХЕЦ „Црн Дрим“, каде најголемиот дел од инвестициите ќе бидат насочени токму кон „Глобочица“ и соодветната ХЕЦ „Шпилје“. Овие капитални зафати вклучуваат комплетна замена на генератори, ротори, лежишта и блок-трансформатори, како и модернизација на хидромеханичката опрема со цел да се зголеми работниот век и ефикасноста на постројките.
Паралелно со модернизацијата, веќе се разработуваат и идни развојни проекти. Меѓу нив се изградбата на втори фази „Глобочица 2“ и „Шпилје 2“, поставување на пловечка фотонапонска електрана на акумулацијата Шпилје, како и нов дигитален систем за автоматска контрола и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим.
ХЕЦ „Глобочица“ е пуштена во употреба во 1965 година и досега има произведено над 10.500 GWh струја. Преку претходните фази на модернизација нејзината моќност веќе е зголемена од почетните 34,5 на денешните 42,5 MW. Министерката Божиновска порача дека вложувањето во домашните капацитети директно ја намалува зависноста на државата од скап увоз на струја и ја зајакнува енергетската независност. Според Државниот завод за статистика, во мај земјава ја посетиле вкупно 131.723 туристи, кои оствариле 236.727 ноќевања. Странските гости соочинуваат дури 81% од вкупниот број туристи, додека домашните учествуваат со 19%.
Слична е структурата и кај остварените ноќевања, од вкупните 236.727 ноќевања, 75,8% им припаѓаат на странските туристи, а преостанатите 24,2% се од домашните посетители. Традиционално, најбројни меѓу странските гости во мај биле туристите од Турција (34.681), по што следуваат посетителите од Германија (9.578), Србија (7.605) и од Бугарија (4.858).
Во првите пет месеци од годинава (периодот јануари-мај 2026), во споредба со истиот период лани, вкупниот број на туристи бележи умерен раст од 2,6%. Овој раст во целост се должи на странските туристи, каде што е евидентиран скок од 4,9%, додека кај домашните туристи има пад од 4,4%. Кај вкупниот број на ноќевања во првите пет месеци е забележан минимален раст од 1%, при што кај странските гости ноќевањата се зголемени за 3,3%, а кај домашните се намалени за 4,1%.