Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Економија

Цел до 2030 година: 38 проценти од енергијата во Македонија да биде од обновливи извори
Цел до 2030 година: 38 проценти од енергијата во Македонија да биде од обновливи извори
Македонија остварува значаен напредок во реализацијата на националните енергетски и климатски амбиции, потврди министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Министерството навреме ја исполни својата обврска кон Енергетската заедница со доставување на официјалниот Извештај за напредокот во спроведувањето на Националниот план за енергија и клима (НПЕК), при што остварените резултати добија позитивна оценка од оваа европска институција. Највисок раст е забележан кај секторот за обновливи извори на енергија, каде што развојот на новите производни капацитети веќе ги надминува првичните проекции утврдени во НПЕК. Овој позитивен тренд е пред сè резултат на забрзаната изградба и инвестиции во нови фотонапонски централи и хидроенергетски објекти низ државата. Министерката Божиновска нагласи дека зелената транзиција не е ограничена само на зголемување на капацитетите од обновливи извори, туку опфаќа паралелен развој на неколку клучни сегменти. Фокусот на Министерството останува насочен кон мерките за енергетска ефикасност, модернизацијата и зајакнувањето на дистрибутивната и преносната мрежа, како и воведувањето системи за складирање енергија, паметни мерни уреди и оформување енергетски заедници со активна улога на потрошувачите. Главниот стратешки ориентир на државата е до 2030 година да се постигне удел од 38 проценти на енергијата од обновливи извори во вкупната бруто финална потрошувачка. Преку спроведување на конкретни инвестициски политики, институциите работат на зголемување на домашното производство, зајакнување на енергетската независност и целосно усогласување на македонскиот енергетски систем со стандардите на Европската Унија.
Со челични конструкции длабоки до 28 метри се стабилизира најтешкиот дел од автопатот Кичево-Охрид
Со челични конструкции длабоки до 28 метри се стабилизира најтешкиот дел од автопатот Кичево-Охрид
Министерот за транспорт, Александар Николоски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, извршија увид во градежните активности на Секција 4 од автопатот Кичево-Охрид. На оваа локација, во близина на Ботун, во моментов со засилена динамика се работи на стабилизација на нестабилни косини со примена на современи инженерски техники кои претставуваат иновација во целиот регион. Специфичните теренски услови, одосно комбинацијата од црна графитна земја и големи количини подземни води, досега беа еден од најголемите предизвици за изградбата. Преку ангажман на домашни и странски експерти е дефинирано техничко решение со изведба на правоаголни противлизгачки колови со димензии од 3 на 2 метри, кои се копаат на длабочина од 20 до 28 метри. Во ископаните дупнатини со помош на 110-тонски кранови се спуштаат масивни арматурни кафези, при што секој кафез содржи околу 30 тона железо, по што следува нивно бетонирање. Проектот предвидува изградба на вкупно 250 вакви решенија на целата траса од автопатот, од кои дури 163 се лоцирани на најкритичната точка кај Ботун, а останатите ќе бидат поставени на другите нестабилни делници, вклучително и кај Кнежино во близина на Кичево. За реализација на оваа сложена операција на терен се ангажирани пет специјални машини, секоја со тежина од по 130 тона. Представниците на Владата и Јавното претпријатие за државни патишта потенцираа дека ова е инженерски најсложениот дел од целата автопатска делница. Со успешното поставување на масивните челични и бетонски конструкции трајно се решава проблемот со свлечиштата, со што се создаваат услови градежните работи да продолжат според предвидениот распоред и проектна документација.
Николоски: Потребни се фер услови за македонските компании и долгорочни визи за превозниците
Николоски: Потребни се фер услови за македонските компании и долгорочни визи за превозниците
Нелојалната конкуренција при распределбата на европските грантови и потребата од решавање на проблемот со австриските визи за македонските превозници беа во фокусот на обраќањето на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на денешниот македонско-австриски бизнис форум што се одржа во Стопанската комора на Македонија. Пред присутните бизнисмени и претставници на деловната заедница, Николоски посочи дека покрај тековните капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура, енергетиката и водоснабдувањето, од клучно значење е создавањето еднакви и фер правила за бизнисот. Тој отвори прашање за праксата преку која европските грантови и средства од даночните обврзници на Европската Унија завршуваат кај компании од трети земји надвор од ЕУ, додека македонските граѓани самостојно ги отплаќаат земените кредити и камати за инфраструктурните проекти. Како уште еден клучен предизвик за билатералната економска соработка меѓу Македонија и Австрија, вицепремиерот ја истакна состојбата со македонските професионални возачи. Тој потенцираше дека ограничувањето на престојот и броењето на деновите и часовите за превозниците претставува сериозна пречка за непречен извоз и увоз на стоки. Побара поддршка од австриските институции за постигнување билатерален договор за долгорочни визи, посочувајќи ги како успешен модел веќе потпишаните договори што Македонија ги има реализирано со Хрватска и Словенија.
Владата обезбеди 12 милиони евра за ликвидност на винариите: Над 54 милиони килограми грозје веќе се откупени
Владата обезбеди 12 милиони евра за ликвидност на винариите: Над 54 милиони килограми грозје веќе се откупени
Откупот на овогодишната реколта грозје во Тиквешијата и низ државата се одвива со континуирана динамика, при што досега се набрани и пласирани над 54 милиони килограми винско и трпезно грозје. Ова го потврдија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, за време на нивната заедничка теренска посета на неколку откупни пунктови и винарии во Кавадарци, меѓу кои „Тиквеш“, „Мовино“, „Бруно“ и пунктот „Југокомерц“. Според официјалните податоци на Министерството, домашните винарии и семејните визби досега преработиле над 43,5 милиони килограми грозје, додека над 10,5 милиони килограми се веќе извезени на странските пазари. За зачувување на стабилноста на секторот и одржување на откупната цена од 22 денари за килограм, Владата обезбеди 12 милиони евра преку Развојната банка на Македонија. Овие средства им се ставаат на располагање на винариите под исклучително поволни услови, односно со каматна стапка од 1 процент, грејс-период од 18 месеци и рок на отплата од 36 месеци, со цел зголемување на нивната ликвидност и редовна исплата кон лозарите. Паралелно со откупните активности, Општина Кавадарци презема мерки за проценка и обесштетување на штетите предизвикани од невремето и градот што неодамна го погодија овој регион. Формирани се две општински комисии кои веќе вршат проценка на терен, а по 1 октомври ќе биде објавен и дополнителен јавен повик за сите површини каде што грозјето останало необрано поради природни непогоди или сушење. Во меѓувреме, Државниот инспекторат за земјоделство спроведува секојдневни контроли на сите 19 откупни пункта низ државата со цел да се спречат евентуални неправилности при мерењето и класификацијата. Во рамки на долгорочното планирање, од ноември оваа година Владата и Министерството ќе отпочнат подготовки за реколтата во 2027 година, кои вклучуваат поддршка за извоз, ослободување на вишокот залихи и изградба на дестилерија за преработка на вишокот вино во дестилат. Министерот Серафимовски упати апел до лозарите да не подлегнуваат на политички конструкции и дезинформации, уверувајќи ги дека институциите остануваат целосно присутни на терен до целосното преземање и исплаќање на нивниот род.
Изминатата недела реализирани три капитални проекти: Когенеративна централа, ветерен парк и реконструиран аеродромот во Охрид
Изминатата недела реализирани три капитални проекти: Когенеративна централа, ветерен парк и реконструиран аеродромот во Охрид
Министерот за транспорт, Александар Николоски, преку својот официјален профил испрати порака дека Владата води долгорочна политика фокусирана на инвестиции во крупни, стратешки и капитални проекти кои обезбедуваат економски напредок и енергетска независност на земјата. Како клучен показател за позитивниот економски тренд, Николоски го посочи континуираниот раст на градежниот сектор, кој веќе 18 месеци по ред бележи позитивни резултати. Тој истакна дека изминатата седмица била одбележана со реализација и започнување на повеќе стратешки инвестиции, меѓу кои се новата когенеративна централа, изградбата на најголемиот ветерен парк во регионот, како и целосно реконструираниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Вицепремиерот подвлече дека овие капитални вложувања не претставуваат само физички објекти, туку директна инвестиција во создавање нови работни места, зајакнување на енергетската сигурност, подобра инфраструктурна поврзаност и зголемување на конкурентноста на македонската економија на долг рок.
Директорот на ТИРЗ во посета на „Витек“: Развојните планови и производствените капацитети во фокусот на средбата
Директорот на ТИРЗ во посета на „Витек“: Развојните планови и производствените капацитети во фокусот на средбата
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари работна посета на компанијата „Витек“, која функционира во рамките на ТИРЗ Скопје, каде што се сретна со директорот на компанијата, Чиријако Ло Конте. Во рамки на средбата, Димовски и Ло Конте разговараа за досегашните резултати од работењето на компанијата, тековните производствени активности, како и за идните планови и можности за нејзин понатамошен развој. За време на посетата беше извршена обиколка на производствениот погон, при што беше направен директен увид во работните процеси, начинот на функционирање на производството и капацитетите со кои располага овој инвеститор. Директорот Димовски посочи дека Дирекцијата за ТИРЗ продолжува со концептот на активна и транспарентна соработка и одржување постојан контакт со сите компании кои работат во зоните. Според него, целта на овие средби е подобро разбирање на тековните потреби на инвеститорите, навремено идентификување на предизвиците со кои се соочуваат и поддршка на нивните развојни планови за создавање услови за нови инвестиции.
Димитриеска-Кочоска: Економијата бележи раст од 4,3%, инвестициите ја движат државата напред
Димитриеска-Кочоска: Економијата бележи раст од 4,3%, инвестициите ја движат државата напред
Поддршката на инвестицискиот циклус мора да се одвива паралелно со спроведувањето на постепена фискална консолидација, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Регионалната конференција „Охрид 2026“. Таа истакна дека во десет последователни квартали во континуитет е забележана стапка на економски раст од околу и над 3 проценти, додека во последниот квартал е остварен раст од 4,3 проценти, што потврдува дека домашната економија се движи во позитивна насока. За време на панел-дискусијата посветена на фискалната отпорност и буџетските приоритети, министерката посочи дека балансирањето меѓу фискалната дисциплина и поддршката на капиталот било еден од најголемите предизвици при подготовката на последниот ребаланс на Буџетот. Според неа, Владата донела одлука за контролирано поместување на буџетскиот дефицит во нагорна линија, со цел најголем дел од тие средства да се насочат кон финансирање проекти што создаваат дополнителна вредност за економијата, притоа внимателно управувајќи и со приходната страна. Димитриеска-Кочоска нагласи дека фискалната консолидација останува приоритет поради нејзиниот директен ефект врз кредитниот рејтинг и идното ниво на каматните стапки, но подвлече дека постигнувањето на целите за дефицит под 3 проценти и јавен долг под 60 проценти од БДП не смее да оди на штета на инвестициите. Податоците за второто тримесечје покажуваат дека трговските и капиталните вложувања се главен двигател на бруто-домашниот производ, што претставува значајно подобрување во споредба со почетокот на 2024 година, кога стапката на раст изнесуваше 1,6 проценти. Во однос на приватниот сектор, министерката подвлече дека државата продолжува да ги поддржува компаниите преку Развојната банка и Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Таа најави можни измени во законската регулатива со цел дополнително зајакнување на домашните капацитети, истакнувајќи дека економијата не треба долговремено да се потпира исклучиво на странските инвестиции од минатото, а значаен поттик за севкупните реформи ќе даде и реализацијата на Планот за раст на Европската Унија.
Најбројни странски туристи се гостите од Турција, Србија и Германија: Во јули остварени речиси 800 илјади ноќевања
Најбројни странски туристи се гостите од Турција, Србија и Германија: Во јули остварени речиси 800 илјади ноќевања
Вкупно 223.711 туристи во јули 2026 година оствариле 795.083 ноќевања во сместувачките капацитети во државата, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во однос на структурата на гостите, од вкупниот број туристи во јули, 57 проценти биле странски посетители, додека 43 проценти се домашни туристи. Сепак, кај вкупниот број ноќевања најголем удел од 67,2 проценти оствариле домашните гости, додека на странските туристи отпаѓаат 32,8 проценти од реализираните ноќевања. Кумулативните податоци за периодот јануари-јули, во споредба со истиот период од минатата година, покажуваат раст на вкупниот број туристи за 1,5 проценти. Притоа, кај домашните гости е забележано зголемување од 1,8 проценти, а кај странските туристи за 1,3 проценти. Во истиот седуммесечен период, вкупниот број ноќевања бележи благ раст од 0,5 проценти, при што кај странските туристи има зголемување од 2,0 проценти, додека кај домашните е евидентиран пад од 1 процент. Анализирано според земјата на потекло, во јули годинава најбројни биле туристите од Турција со реализирани 50.955 посети. По нив следат гостите од Србија со 13.074 посети, од Германија со 5.393, како и туристите од Романија со 5.090 остварени посети.
Германската компанија „ВИК“ отвори нов производствен погон од 16 милиони евра во ТИРЗ Прилеп
Германската компанија „ВИК“ отвори нов производствен погон од 16 милиони евра во ТИРЗ Прилеп
Германската групација „ВИК“ (WIK Group) официјално го пушти во употреба својот нов производствен погон во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Прилеп, инвестиција вредна над 16 милиони евра. На свеченото отворање присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски. Со реализацијата на овој нов капитален проект се предвидува отворање на 300 нови работни места. Во новиот современ објект ќе се произведуваат електрични апарати за домаќинство, со што германскиот гигант дополнително ги проширува своите производствени и извозни капацитети во земјава. Премиерот Христијан Мицкоски по отворањето истакна дека оваа значајна инвестиција носи нов производен капацитет и значаен поттик за македонската економија. Тој потенцираше дека кога погонот ќе го достигне својот полн капацитет, новоотворените 300 работни места ќе дадат силен придонес кон развојот на целиот Пелагониски Регион. За време на настанот беше организирана обиколка на погонот, при што делегацијата одблизу се запозна со технолошкиот процес и современите услови за работа. На средбата со менаџментот на компанијата се разговараше за тековните активности, но и за идната стратегија и потенцијалите за дополнителни вложувања во зоната. Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, истакна дека ова проширување е директна потврда за довербата што странските инвеститори ја имаат во домашната деловна клима. Тој порача дека Дирекцијата останува посветена на обезбедување стабилни и предвидливи услови за сите компании што работат во индустриските зони. Групацијата „ВИК“ е еден од водечките светски производители на мали апарати за домаќинство со традиција од 1950-тите години. Заклучно со септември 2026 година, во фабриката во Прилеп се вработени 520 лица. Извозот на компанијата за 2025 година достигна 38 милиони евра, додека остварениот увоз изнесуваше 30,8 милиони евра.
Мицкоски: Привлековме 1,4 милијарди евра странски инвестиции, речиси двојно повеќе од претходната влада
Мицкоски: Привлековме 1,4 милијарди евра странски инвестиции, речиси двојно повеќе од претходната влада
Вкупното ниво на странски директни инвестиции во изминатите 24 месеци достигна околу 1,4 милијарди евра, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој потенцираше дека ова претставува речиси двојно повисок износ во споредба со првите две години од мандатот на претходната влада, кога биле забележани околу 750 милиони евра. Според изјавата на премиерот, правилното споредување на економските резултати е неопходно за да се оцени ефектот од новиот економски концепт што го понуди актуелната власт. Тој истакна дека разликата е очигледна и убедлива, без разлика дали економските показатели се пресметуваат по глава на жител или како вкупна вредност на вложениот капитал. Како клучни примери за економската активност, Мицкоски го посочи почетокот на изградбата на новиот ветерен парк во општините Радовиш, Штип и Карбинци со првична вредност од половина милијарда долари, кој според најавите на инвеститорот дополнително ќе се проширува. Тој го спомена и денешното пуштање во употреба на нов производствен погон на компанијата „ВИК“ во Прилеп, нагласувајќи дека фокусот останува врз привлекувањето како на странски, така и на домашни инвеститори.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk