Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Економија

Бројот на издадени одобренија за градење во јули е намален за 8,5 проценти
Бројот на издадени одобренија за градење во јули е намален за 8,5 проценти
Во јули се издадени вкупно 367 одобренија за градење, што претставува намалување од 8,5 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Предвидената вредност на објектите според издадените одобренија изнесува околу 130 милиони евра, што е за 74,8 проценти помалку во споредба со јули минатата година. Од ДЗС појаснуваат дека ваквиот пад на вредноста се должи на високата споредбена основа од минатата година, кога во истиот период беше издадено одобрение за градба на голем ветерен парк за производство на електрична енергија во општините Штип, Радовиш и Карбинци. Структурата на издадените дозволи покажува дека најголем дел, односно 227 одобренија (61,9 проценти), се наменети за објекти од високоградба. За реконструкција се издадени 101 одобрение (27,5 проценти), додека за нискоградба се наменети 39 дозволи (10,6 проценти). Регионално гледано, најголем број одобренија за градење се издадени во Скопскиот Регион, каде што се евидентирани 109 дозволи. Како инвеститори на објектите во 209 случаи (56,9 проценти) се јавуваат физички лица, додека деловните субјекти се инвеститори на 158 објекти (43,1 процент). Со издадените дозволи во јули е предвидена изградба на вкупно 1.248 станови, со вкупна корисна површина од 100.440 квадратни метри.
Мицкоски: Инфлацијата во Македонија за јули и август е под нивото на Европската Унија
Мицкоски: Инфлацијата во Македонија за јули и август е под нивото на Европската Унија
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска изјави дека државата два месеци по ред успева да одржи ниво на годишна инфлација што е пониско од просекот на Европската Унија. Мицкоски посочи конкретни статистички податоци, истакнувајќи дека во јули домашната инфлација изнесувала 2,3 проценти наспроти 2,9 проценти во Европската Унија, додека во август нивото на инфлација во земјава било 2,6 проценти, споредено со 3,3 проценти на ниво на ЕУ. Премиерот се осврна и на претходните години кога двоцифрената инфлација се оправдуваше како увезена од странство, нагласувајќи дека со соодветно управување и знаење може да се постигнат подобри економски резултати.
Цената на храната и пијалаците во рестораните и кафулињата се зголеми за 3,7 проценти
Цената на храната и пијалаците во рестораните и кафулињата се зголеми за 3,7 проценти
Цените на угостителските услуги во август бележат зголемување од 0,6 проценти во споредба со претходниот месец, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Споредбено со истиот месец од изминатата година, угостителските услуги во август бележат раст од 3,7 проценти. Анализирано по одделни групи на месечно ниво, во август во однос на јули годинава, зголемување од 1,5 проценти е забележано кај алкохолните и безалкохолните пијалаци. Цените на храната во угостителските објекти бележат раст од 0,5 проценти, додека кај ноќевањата е евидентирано зголемување од 0,4 проценти. Во периодот од јануари до август 2026 година, во споредба со истиот период од минатата година, цените на угостителските услуги се зголемени за 3 проценти. Притоа, кумулативниот раст на цените во оваа дејност во август 2026 година во споредба со декември 2025 година изнесува 1,3 проценти.
Пуштена во употреба реконструираната терминална зграда на аеродромот во Охрид: Само од јануари до јуни аеродромот има опслужено над 240 илјади патници
Пуштена во употреба реконструираната терминална зграда на аеродромот во Охрид: Само од јануари до јуни аеродромот има опслужено над 240 илјади патници
На Денот на независноста, беше промовирана реконструираната терминална зграда со помошните простории на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кои истакнаа дека со оваа инвестиција, реализирана во соработка со концесионерот ТАВ Аеродроми, аеродромот добива целосно нов, современ лик и повисок квалитет на услугите за патниците. Министерот Николоски посочи дека терминалот се реконструира по точно 56 години, бидејќи последните поголеми интервенции биле направени во 1970 година. Тој нагласи дека паралелно се подобрува и патната инфраструктура, при што делот од автопатот од Охрид до аеродромот со новата клучка е веќе завршен и пуштен во употреба. Најтешката делница од автопатот Охрид-Кичево се очекува да се отвори во следните месеци, додека целосното отворање е предвидено за првото полугодие од следната година. Премиерот Мицкоски истакна дека аеродромот претставува значајна алка за развој на економијата и туризмот во Охрид, Струга и целиот регион. Тој посочи дека оваа година се бележат историски рекорди во авиосообраќајот, со остварени над 3.000 патници во еден ден и повеќе од 20 полетувања дневно. Владата најави дополнителна поддршка за концесионерот со цел овие бројки дополнително да се зголемат во претстојниот период. Новиот терминал е дизајниран во бела боја и содржи културно-историски елементи, меѓу кои се реставрираните мозаици од Плаошник и реплика на фреските од катедралната црква „Св. Софија“. Од почетокот на годината досега, преку охридскиот аеродром се опслужени над 240 илјади патници, а очекувањата се дека на ниво на целата држава вкупниот број патници до крајот на годината ќе достигне околу четири милиони.
Од полноќ нови цени на горивата: Бензините поскапуваат за 3 денари, дизелот надмина 100 денари
Од полноќ нови цени на горивата: Бензините поскапуваат за 3 денари, дизелот надмина 100 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,89 проценти во однос на претходната пресметка. Новите цени стапуваат на сила од 8 септември 2026 година, а полноќ. Корекцијата на цените се должи на зголемувањето на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, каде кај бензините е забележан раст во просек за 4,8 проценти, кај дизелот за 8,9 проценти, кај екстра лесното масло за 11,6 проценти и кај мазутот за 4,1 проценти. Дополнително, курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,54 проценти. Во оваа одлука продолжува примената на намалената акциза за бензините од 2 денари по литар и за дизелот од 4 денари по литар. Согласно новата одлука, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 3,00 денари по литар, со што ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по цена од 97,00 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 99,00 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 6,00 денари по литар и новата максимална цена ќе изнесува 101,00 денар за литар. Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за 8,00 денари по литар и ќе се продава по 105,00 денари за литар. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,591 денари по килограм и ќе изнесува 46,001 денари за килограм. Од РКЕ напоменуваат дека ова се утврдените максимални цени, а трговците на големо и мало можат да ги формираат цените и пониско од највисоките утврдени нивоа.
Годишната инфлација во август изнесува 2,6 проценти: Кои производи и услуги забележаа најголем раст?
Годишната инфлација во август изнесува 2,6 проценти: Кои производи и услуги забележаа најголем раст?
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во август 2026 година, во споредба со јули 2026 година, бележи благо зголемување од 0,4 проценти. На годишно ниво, односно во споредба со истиот месец од минатата година, индексот на трошоците на живот во август бележи раст од 2,6 проценти, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 2,3 проценти. Анализирано по категории, во август во однос на претходниот месец најголемо зголемување на трошоците е забележано во категоријата рекреација, спорт и култура за 3,1 процент, по што следуваат рестораните и услугите за сместување со раст од 2,5 проценти. Зголемување е евидентирано и кај личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки за 0,6 проценти, храната и безалкохолните пијалаци за 0,5 проценти, покуќнината и опремата за домаќинствата за 0,4 проценти, како и кај домувањето, водата, струјата и горивата за 0,2 проценти. Намалување на трошоците на животот на месечно ниво е забележано во секторот транспорт за 0,8 проценти и кај облеката и обувките за 0,3 проценти. Индексот на цените на мало во август во однос на јули изнесува 99,8. Трошоците за здравствена заштита, алкохолни пијалаци, тутун, информации и комуникации, образование, како и за осигурување и финансиски услуги остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Приливот на странски директни инвестиции достигна 1,38 милијарди евра за две години
Приливот на странски директни инвестиции достигна 1,38 милијарди евра за две години
Во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 1,38 милијарди евра, соопштија од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Оваа бројка претставува пораст од 86 проценти во споредба со анализираниот период од јуни 2017 до мај 2019 година. Паралелно со вкупниот раст, регистрирано е значително зголемување и кај приливот на странски инвестиции по глава на жител, кој од претходните 405 евра порасна на 752 евра. Од ДТИРЗ нагласуваат дека продолжуваат со активностите за унапредување на деловната клима, привлекување нови инвестиции и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонската економија со раст од 4,3% во вториот квартал, инвестициите скокнаа за 16,5%
Македонската економија со раст од 4,3% во вториот квартал, инвестициите скокнаа за 16,5%
Македонската економија во вториот квартал од 2026 година забележа реален раст од 4,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Растот е еден од најдобрите квартални резултати во изминатите две и пол години, а според Министерството за финансии, позитивниот тренд е поддржан од повеќе сегменти на економијата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека континуитетот на растот покажува оти економските политики даваат резултати, при што најави продолжување на инвестициите, капиталните проекти и поддршката за приватниот сектор. Бруто-инвестициите во вториот квартал се зголемиле за 16,5%, додека извозот на стоки и услуги е повисок за 10,4%. Најизразен раст е регистриран во градежништвото, кое во вториот квартал пораснало за 21,9%. Позитивни движења има и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот и угостителството. Растот од 4,3% е остварен во услови на умерена економска активност во Европа, глобални неизвесности и геополитички ризици. Според податоците наведени од Министерството за финансии, македонскиот економски раст во вториот квартал е значително над просекот на Европската Унија од 1,2% и еврозоната од 1%. Димитриеска-Кочоска посочи дека економијата постепено ја зголемува динамиката на раст, но оцени дека постигнатото не е доволно и дека фокусот треба да остане на инвестициите, капиталните проекти и создавањето услови за домашни и странски инвестиции. „Од раст од 1,6% во првиот квартал од 2024 година, денес сме на 4,3%. Тоа значи дека не зборуваме за еден добар квартал, туку за континуитет, за економија која расте и постепено добива сила“, истакна министерката за финансии.
Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор
Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор
Македонија го официјализираше своето приклучување кон Вертикалниот гасен коридор, со што направи значаен исчекор кон обезбедување посигурна енергетска иднина и диверзификација на изворите за снабдување со природен гас. Според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ова поврзување со нови извори и снабдувачки правци овозможува географската положба на земјата да се претвори во стратешка предност за целиот регион. Клачниот фокус на овој проект е ставен врз изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија. Овие нови инфраструктурни врски треба да овозможат поголема стабилност во снабдувањето и конкурентни цени за домаќинствата и за домашната индустрија. Со реализацијата на овие проекти, Македонија ја менува својата позиција од крајна корисничка точка на гасниот систем и прераснува во активен транзитен коридор и енергетска врска меѓу регионот на југ и земјите од Централна Европа. Оваа модерна инфраструктура овозможува привлекување нови инвестиции и ја зацврстува улогата на државата како сигурен и стабилен партнер на регионалниот енергетски пазар.
Божиновска: Македонија станува енергетски коридор меѓу југот и Централна Европа
Божиновска: Македонија станува енергетски коридор меѓу југот и Централна Европа
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска беше главен говорник на Шестиот самит во Солун во организација на „The Economist“. На самитот посетен од високи претставници од бизнисот и политиката во регионот, таа порача дека Македонија од пасивна крајна точка се трансформира во активен транзитен коридор на енергетската карта на Југоисточна Европа. На панелот посетен од меѓународни претставници, меѓу кои и специјалниот пратеник за енергетика на САД Џошуа Волц и министрите за енергетика на Грција и Бугарија, Ставрос Папаставру и Ива Петрова, Божиновска ја истакна важноста на приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, оценувајќи го како историски чекор кон прекин на 30-годишната целосна зависност од само една гасна рута. Во однос на конкретните инфраструктурни проекти, министерката информираше за динамиката на клучните енергетски врски: Интерконектор со Грција: Проектот со вкупна должина од 123 километри (68 километри на македонска територија) напредува според планот, а неговото пуштање во функција се очекува во 2027 година. Со ова се овозможува пристап до ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис. Врска со Србија: Со паралелниот развој на гасоводната линија кон Србија се креира западнобалкански крак кој го поврзува југот со Централна и Источна Европа. Електроенергетско поврзување: Во тек се активности за комплетирање на Коридорот 8 преку интерконекцијата Битола-Елбасан, како и развој на новата интерконекција со Бугарија и надградба на постојната со Грција. Новата гасна инфраструктура се дизајнира со можност за иден транспорт на водород, што е во согласност со европските цели за декарбонизација и поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk