Велешката прехранбена компанија „ПИ Кристал 1923 АД Велес“ го заврши првото полугодие од 2026 година со негативен финансиски резултат, односно оствари нето-загуба во износ од околу 144.000 евра. За споредба, во истиот период од изминатата година компанијата работеше со добивка од 607 илјади денари.
Во периодот од јануари до јуни се остварени вкупни оперативни приходи од околу 7,03 милиони евра, што претставува пад од 3,6 проценти во споредба со истиот период минатата година. Поголемиот дел од реализираните приходи потекнуваат од домашниот пазар, додека приходите остварени од продажба на странските пазари забележаа пад од 3 проценти.
Главната причина за негативниот биланс е големиот скок на трошоците. Оперативните расходи во првите шест месеци достигнаа околу 5,02 милиони евра, што е зголемување за 18,2 проценти во однос на истиот период лани.
Од раководството на компанијата информираат дека во периодот јануари-јуни 2026 година немало исплата на дивиденда, а ПИ „Кристал 1923“ продолжува со активности за подобрување на производството, задржување на квалитетот и одржување на својата пазарна позиција. Винарската визба „Тиквеш АД Кавадарци“ ги објави финансиските извештаи за периодот јануари-јуни, бележејќи раст на сите клучни показатели на профитабилност. Вкупните приходи на компанијата пораснаа за 9 проценти во споредба со истиот период од минатата година, што во најголем дел е резултат на силниот скок на продажбата на странските пазари од 16 проценти, додека пласманот на домашниот пазар го задржа минатогодишното ниво.
Во првата половина од годината компанијата оствари бруто-добивка од околу 12,18 милиони евра, што претставува зголемување за 5 проценти. Истовремено, преку зголемена оперативна ефикасност, административните трошоци и трошоците за продажба и маркетинг се намалени за 6 проценти, а останатите оперативни расходи паднаа за 9 проценти. Ова овозможи оперативната добивка да порасне за дури 38 проценти и да достигне околу 4,06 милиони евра.
И покрај забележаните повисоки финансиски расходи во извештајниот период, добивката пред оданочување бележи раст од 29 проценти. Остварената нето-добивка по оданочување изнесува околу 2,76 милиони евра, што е за 28 проценти повеќе во споредба со првото полугодие лани.
Од компанијата посочуваат дека остварените резултати се целосно во согласност со планираните проекции. Во изминатите шест месеци се реализирани вложувања во материјални средства во вредност од околу 390.000 евра, при што не биле евидентирани значителни отписи ниту поголеми промени во кредитната задолженост на компанијата. Јавниот долг на Македонија во вториот квартал бележи намалување за 0,1 процентен поен или за 21 милион евра во апсолутен износ во споредба со претходниот квартал. Со тоа, нивото на јавниот долг се спушти на 58,8 проценти од БДП, односно изнесува 10,72 милијарди евра, соопшти Министерството за финансии.
Споредено со претходните години, ова е намалување за 2,6 процентни поени во однос на крајот на 2024 година и за 0,6 процентни поени во однос на крајот на 2025 година.
Според објавените податоци, намалување бележи и државниот долг кој заклучно со 30 јуни 2026 година изнесува 9,43 милијарди евра (51,7% од БДП), што е за 41 милион евра или 0,2 процентни поени помалку во споредба со мај.
Исплата на еврообврзницата и менаџирање со долгот
Во текот на вториот квартал од годинава се исплатени над 300 милиони евра за сервисирање на дел од Еврообврзницата од 2020 година која изнесуваше вкупно 700 милиони евра, додека нејзиниот поголем дел беше исплатен во првиот квартал.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласи дека при евентуални нови задолжувања е најважно парите правилно да се насочуваат кон капитални проекти што го поттикнуваат економскиот раст. Според неа, подобрувањето на животниот стандард не подразбира само повисоки плати, туку и подобри болници, патишта и железничка инфраструктура. Прилепската прехранбена компанија „Витаминка АД“ го заврши периодот јануаи-јуни со остварени приходи од околу 34,15 милиони евра, што претставува раст од 9 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Остварените приходи претставуваат 77 проценти од првично планираните 44,6 милиони евра. Од компанијата појаснуваат дека свесно одлучиле да не ги покачат продажните цени на готовите производи со цел да ја зачуваат конкурентноста и пазарниот удел, и покрај тоа што цените на одделни репроматеријали значајно пораснале.
Повисоки расходи за амбалажа и енергенси, но стабилен раст на нето-добивката
Вкупните единечни расходи во изминатите шест месеци достигнаа околу 33,68 милиони евра, што е за 13 проценти повеќе во однос на истиот период од лани. Растот на трошоците е резултат на зголемениот обем на производство, но и на повисоките цени на амбалажата, енергенсите, транспортот и логистиката.
И покрај ценовниот притисок врз производството, „Витаминка“ оствари нето-добивка по оданочување во износ од околу 488.000 евра, што претставува раст од 15 проценти во споредба со првата половина од минатата година.
Во однос на дивидендата, на Годишното собрание на акционери одржано на 27 мај 2026 година е донесена одлука целокупната добивка остварена во 2025 година да биде распределена во резервниот фонд на компанијата, со цел дополнително зајакнување на капиталната основа.
Вложувања во автоматизација, фотоволтаици и нови линии
Компанијата реализираше инвестиции во основни средства во вкупна вредност од околу 553.500 евра. Меѓу позначајните вложувања се набавката на автоматска линија за пакување меки кекси, нови пакувачки машини, купување недвижен имот за проширување на капацитетите, изградба на нова лабораторија, како и инвестиции во батериски системи за зелена транзиција и енергетска ефикасност.
Во однос на човечките ресурси, бројот на вработени е намален за 15 лица како резултат на автоматизацијата на процесите и организациската оптимизација, но и поради традиционалната сезонска динамика каде што потребата од работна сила е поголема во второто полугодие.
За втората половина од годината, раководството на компанијата најавува фокус врз зголемување на искористеноста на новите капацитети, јакнење на извозот и развој на нови производи, со посебно внимание врз ценовните движења на какаото, сончогледовото масло и енергенсите во глобални рамки. Градежното друштво „Гранит АД Скопје“ оствари одлични финансиски резултати во периодот јануари-јуни 2026 година. Вкупните единечни приходи на компанијата достигнаа околу 39 милиони евра, што претставува раст од 70 проценти во споредба со истиот период лани.
Приходите од продажба забележаа уште поголем скок од 83 проценти и изнесуваат над околу 34 милиони евра. Ваквото зголемување главно се должи на интензивирањето на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, како и на реализацијата на уште неколку поголеми инфраструктурни проекти.
Во истиот период, финансиските приходи скокнаа на околу 2,55 милиони евра, што е резултат на повисоката исплатена дивиденда од акциите што „Гранит“ ги поседува во Комерцијална банка АД Скопје.
Раст на расходите, влијание на берзата и надминување на планот
Следствено на зголемениот обем на градежни активности, вкупните расходи на компанијата пораснаа за 67 проценти и изнесуваат околу 34,02 милиони евра.
Првото полугодие од 2026 година компанијата го заврши со нето-добивка од околу 5,20 милиони евра. Сепак, вкупната сеопфатна добивка изнесува околу 2,24 милиони евра, поради евидентираната нереализирана загуба од намалувањето на пазарната вредност на портфолиото на акции што ги поседува компанијата на берзата.
Од компанијата посочуваат дека приходите од продажба се реализирани целосно во рамки на предвидениот бизнис-план за 2026 година, додека остварената добивка и финансиските приходи ги надминале првичните планирани износи за овој период.
Дивиденда за акционерите и идни очекувања
На Годишното собрание на акционери, одржано на 18 мај 2026 година, е донесена одлука за распределба на дивиденда за 2025 година во вкупен износ од 135,74 милиони денари (околу 2,21 милиони евра), односно 49 денари (0,80 евра) бруто по акција. Исплатата на дивидендата ќе се изврши најдоцна до 30 септември 2026 година.
Во однос на очекувањата за претстојниот период, раководството на „Гранит“ е фокусирано на побрзо завршување на тековните инфраструктурни проекти и обезбедување нови договори за градење преку учество на претстојните тендери во државата. Кондиторската компанија „АД Европа“ во периодот јануари-јуни оствари нето-добивка од околу 665.000 евра, што претставува раст од 56,4 проценти во споредба со истиот период минатата година. Ова значително зголемување на профитабилноста е пред сè резултат на кратењето и оптимизацијата на вкупните расходи.
Вкупните бруто-приходи во првите шест месеци достигнаа 7,56 милиони евра, бележејќи пад од 8,1 процент во однос на истиот период лани. Ова намалување, како и падот на вкупните приходи од продажба за 5,6 проценти, главно се должи на примената на стандардот МСФИ-15, според кој трошоците за дадени одобренија на купувачите се прикажуваат како намалување на приходите од продажба. Доколку се примени минатогодишната методологија, падот на оперативните приходи би изнесувал само 1,5 проценти.
Во однос на пазарите, приходите од продажба на сопствени производи на домашниот пазар забележаа силен раст од 14,2 проценти, додека извозот забележа пад од 11,4 проценти. Во исто време, забележан е раст кај останатите и кај финансиските приходи, што главно се должи на поголемата употреба на сопствена струја произведена од инсталираната фотоволтаична опрема, како и на приходите од камати.
Вкупните расходи на компанијата се намалени за 12,6 проценти, при што оперативните расходи паднаа за 12,7 проценти. Финансиските расходи и амортизацијата забележаа благо зголемување поради усогласувањето со стандардот МСФИ-16 за лизинг и средства под наем. Како клучна предност во финансиското работење се издвојува тоа што „АД Европа Скопје“ нема никаква кредитна задолженост во извештајниот период.
Во однос на реализацијата на бизнис-планот за првите шест месеци од 2026 година, планот за вкупна продажба е остварен со 93,8 проценти, додека планот за производство е реализиран со 89,5 проценти.
На Собранието на акционери одржано на 14 мај е одобрена и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во вкупен износ од 11,5 милиони денари (околу 187.000 евра), односно 50 денари (0,81 евро) бруто по акција. Компанијата „Пекабеско АД“ го заврши периодот јануари-јуни со остварени вкупни консолидирани приходи од околу 49 милиони евра, што претставува раст од 5 проценти во споредба со истиот период од минатата година. Речиси целиот приход е остварен преку продажба на готови производи, стоки и услуги.
Расходи и добивка
Остварените вкупни консолидирани расходи во првите шест месеци изнесуваат околу 47 милиони евра, што е зголемување за 4 проценти во споредба со минатата година.
Врз основа на остварените приходи и расходи, компанијата ја заврши првата половина од годината со консолидирана добивка од околу 1,76 милиони евра.
Инвестиции во автоматизација и број на вработени
Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства во изминатото полугодие изнесуваат околу 261.788 евра. Инвестициските активности се главно насочени кон набавка на производствена опрема, градежни објекти и компјутерска опрема, без да се вршат значителни отписи или продажба на материјални средства.
„Пекабеско“ во првото полугодие имаше 430 вработени, што е за 5 лица помалку во споредба со минатата година.
За следниот период, компанијата планира да продолжи со инвестиции во нова автоматизирана опрема за производство, како и ширење на реализацијата на домашниот и на странските пазари. Во услови на глобална нафтена криза и ценовен шок предизвикан од конфликтот меѓу САД и Иран и тензиите околу Ормутскиот теснец, „Макпетрол АД Скопје“ во првите шест месеци од 2026 година оствари вкупни приходи од околу 287,8 милиони евра. Ова претставува раст од 22,21 процент во споредба со истиот период минатата година.
И покрај екстремните осцилации на светските берзи и притисокот врз маржите, компанијата ја заврши првата половина од годината со добивка пред оданочување во износ од околу 8,97 милиони евра, што е за 8,72 проценти повеќе во споредба со првото полугодие од 2025 година.
Трговците под притисок на регулативата, сепак зголемен прометот
Од компанијата посочуваат дека се соочиле со силен притисок од домашната регулаторна рамка. Според нивното образложение, методологијата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за пресметка на малопродажните цени заснована на 5-дневен просек, како и намалувањето на признатиот трошок за работење преку склад за 30 проценти (на 1,20 денари за литар), привремено ги принудиле трговците да продаваат горива под набавната цена.
Сепак, преку оптимизација на трошоците и диверзификација на портфолиото, „Макпетрол“ ја зачува пазарната стабилност и оствари позитивни оперативни показатели:
- Количествен промет: Зголемување на прометот со деривати за 1,16 проценти.
- Малопродажба: Раст на приходите на мало за 17,4 проценти, поддржан од зголемениот асортиман на бензинските станици (раст од 13,7%).
- Големопродажба: Раст од 55 проценти, главно благодарение на зголемената продажба на млазно гориво.
- Извоз: Продажбата на странски пазар (главно млазно гориво) зазема 5,93 проценти од вкупните приходи.
Трошоци, дивиденда и нови инвестиции
Вкупните расходи во изминатиот период достигнаа 278,86 милиони евра, што е за 22,7 проценти повеќе од лани. Растот е главно резултат на повисоките набавни цени на дериватите на светските берзи (раст на набавната вредност за 25,31%), кои зафаќаат околу 88 проценти од сите приходи. Трошоците за вработени забележаа раст од 5,91 процент (достигнувајќи 861.626 евра).
Во текот на првите шест месеци компанијата реализираше и нов инвестициски циклус од околу 2,54 милиони евра, наменети за реконструкција и изградба на нови малопродажни и големопродажни објекти.
Во поглед на дивидендата, на Собранието на акционери одржано во мај е донесена одлука за исплата на дивиденда за 2025 година во бруто-износ од 467,28 милиони денари (7,6 милиони евра), односно 4.620 денари (75,1 евра) бруто по акција, која ќе се реализира најдоцна до 30 септември 2026 година. Фармацевтската компанија „Алкалоид АД Скопје“ го заврши периодот јануари-јуни 2026 година со остварени вкупни консолидирани продажби од околу 168 милиони евра, што претставува раст од 2 проценти во споредба со истиот период од минатата година.
Единечните продажби исто така бележат раст од 2 проценти и достигнаа 111,71 милиони евра. Изминатите шест месеци компанијата реализираше 43 нови вработувања во Македонија и силен инвестициски циклус.
Скок на продажбите во Казахстан, Чешка и Швајцарија
Од вкупните консолидирани продажби, 37 проценти се остварени на домашниот пазар, додека 63 проценти отпаѓаат на извоз. Растот на домашниот пазар изнесува 12 проценти, што во најголем дел се должи на обезбедувањето на современи ретки и специфични терапии за здравствениот систем.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 18-пати, потоа во Чешка, каде што се зголемени 3,7-пати, како и во Швајцарија каде што продажбите се зголемени 2,6 пати. Потоа следуваат оние во Велика Британија (раст од 97%), Грција (раст од 54 %), во Португалија (раст од 51 %), Полска (раст од 31 %), итн.
Раст на добивката и инвестиции во фотоволтаици
Консолидираната нето-добивка на достигна 14,48 милиони евра, што е раст од 4 проценти. Консолидираната ЕБИТДА изнесува 29,76 милиони евра и бележи зголемување од 8 проценти. Единечната нето-добивка порасна за 13 проценти, достигнувајќи 17,24 милиони евра.
Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства изнесуваат 13,62 милиони евра, што претставува раст од 69 проценти во споредба со лани. Дел од инвестициите се насочени преку „Алкалоид Енергетика ДООЕЛ“ за изградба на фотоволтаични централи кои започнуваат со пробна работа во јули 2026 година.
Плати, регрес и берзански податоци
Компанијата во моментов брои 3.030 вработени, од кои 2.221 во Македонија и 809 во странство. Просечната нето-плата во компанијата во јуни изнесува 1.100 евра (67.646 денари), а на вработените им е исплатен и регрес за годишен одмор (К-15) во нето-износ од 764 евра (47.000 денари).
Пазарната капитализација на компанијата на 30 јуни 2026 година достигна 563,25 милиони евра. Цената на акцијата во првото полугодие се движеше помеѓу 390 и 444 евра (од 24.010 до 27.300 денари), односно просечно 408 евра (25.101 денар). Изминатиот мај започна и исплатата на бруто-дивидендата од 11,7 евра по акција, односно 10,5 евра нето (720 денари бруто / 648 денари нето), што е за 14,3 проценти повеќе во споредба со минатата година.