Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Финансии

Мицкоски одбива покачување на платите на судиите и обвинителите
Мицкоски одбива покачување на платите на судиите и обвинителите
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска изјави дека не гледа причина за зголемување на буџетот, а со тоа и на платите на судиите и обвинителите, потенцирајќи ја одговорноста на Владата за трошењето на народните пари. Мицкоски посочи дека правосудниот систем во Македонија веќе добива значително повисоки средства од буџетот во споредба со повеќето земји членки на Европската Унија. „Јас навистина не гледам потреба зошто овој процес на сила да го буткаме. Македонија како држава одвојува од буџетот пари за правосудниот систем, повеќе од 75 проценти од земјите членки на ЕУ.“ изјави Мицкоски. Мицкоски се повика на анализа финансирана од Советот на Европа (податоци од 2022 година), според која Македонија издвојува 0,39% од својот БДП за правосудниот систем, што е над европскиот просек (медијана од 0,21%). Тој ја отфрли идејата за покачување на буџетот за судството на 0,8% и за обвинителството на 0,5% (вкупно 1,3% од БДП), што би изнесувало околу 260 милиони долари годишно. Наместо тоа, тој предложи прифатлива бројка од 0,35% од БДП (0,25% за судови и 0,1% за обвинители). „Ќе повторам, има претседатели на судови кои што имаат месечни примања од околу 180.000 денари, отприлика 3.000 евра месечно. Јас како премиер, мојата плата заедно со стажот е 155.000 денари, значи од прилика 2.500 евра. Не мора да е многу подолу, иста нека биде на претседател на суд. Судиите немаат под 100.000 денари.“ - додаде Мицкоски. Мицкоски ја спореди и платата на судија почетник во Македонија (годишна бруто плата од околу 19.134 евра) со Словенија (34.000 евра), укажувајќи дека иако словенечката плата е 85% повисока, нивниот БДП е 350% поголем. Во однос на оперативната независност на судството, Мицкоски најави дека Владата ќе донесе закон со кој ќе им дозволи на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да ги одредуваат плановите за вработување и унапредување.
ССМ со истражување: Кога растат платите, расте и бројот на нови фирми
ССМ со истражување: Кога растат платите, расте и бројот на нови фирми
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излезе со истражување користејќи податоци од Централниот регистар, кадешто тврдат дека зголемувањето на платите и минималната плата не придонесува за затворање на компаниите, туку создава услови за развој и отворање нови компании и работни места. Според ССМ, тврдењата дека фирмите ќе се затворат ако се зголемат платите се целосно невистинити, а податоците од Централниот регистар го докажуваат спротивното: - Во 2022 година, кога минималната плата (покачена преку протести и штрајкови) се зголеми од 15.194 на 18.000 денари, беа основани 7.062 нови фирми, додека избришани или затворени беа 5.694. - Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а бројот на избришани фирми значително се намали на 3.372. - Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, наспроти само 2.891 затворена. ССМ нагласува дека овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата. Тие ги побиваат ставовите на газдите, владините претставници и одредени експерти кои беа гласни во обидот да спречат раст на платите. Сојузот на синдикатите смета дека ова е причина повеќе да не се сопира процесот за зголемување на платите и бара континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати. ССМ испрати порака дека работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, потенцирајќи дека Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците.
Пратките до 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат - Собранието ги изгласа измените на Законот за ДДВ
Пратките до 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат - Собранието ги изгласа измените на Законот за ДДВ
Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), со што се укинува досегашното ослободување од ДДВ за онлајн пратки од странство чијашто вредност е до 22 евра. Министерството за финансии истакнува дека спроведувањето на овие измени се очекува да има директни позитивни ефекти врз работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, средствата кои во одредени периоди достигнуваат околу 4 милиони денари месечно (колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи) се очекува да се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените. Дополнително на поддршката на домашната конкурентност, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем овозможуваше можни злоупотреби, односно увоз на стоки ослободени од ДДВ кои потоа неконтролирано се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса, обезбедувајќи пофер и контролирана пазарна средина. Од Министерството за финансии потенцираат дека трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи. Главната цел на мерката е да обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници.
ССМ: Македонија со најниска минимална плата во регионот
ССМ: Македонија со најниска минимална плата во регионот
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излезе со компаративна анализа за состојбата со минималната плата во регионот, потенцирајќи ја драстично лошата позиција на македонските работници.Македонија е убедливо на дното со минимална плата од 397 евра, додека соседните земји најавуваат или веќе вовеле значително повисоки износи. ССМ ја истакнува разликата во пристапот кон минималната плата во земјите од Западен Балкан: - Косово: Минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази до јули 2026 година. - Албанија: Од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе достигне 500 евра, со државни субвенции за осигурување на приватниот сектор (барање што го имаше и ССМ). - Србија: Со одлука на Владата, минималната плата од октомври 2025 година изнесува 500 евра, а од јануари 2026 година ќе биде 550 евра. - Босна и Херцеговина: Минималната плата за 2025 година е 511 евра. Во Република Српска се воведува скалеста минимална плата, која се движи од 512 евра за неквалификувани до 743 евра за ВСС работници. - Црна Гора: Минималната плата е 600 евра за работници до средно образование и 800 евра за високо образование. ССМ ја обвинува Владата за игнорирање на барањата на работниците, посочувајќи дека според најавите, минималната плата во Македонија нема да се менува до март 2026 година, кога се планира само законско усогласување кое нема да надмине 1.600 денари (околу 26 евра). Од таму додаваат дека и покрај стагнацијата на работничките плати, функционерските плати остануваат зголемени за 78-79%. Тие го критикуваат фактот што за време на расправата за Буџетот за 2026 година, народните избраници со плати над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра добро живеат. ССМ потсетува дека веќе организираше низа протести за зголемување на минималната плата и најавува дека тие ќе продолжат. Предупредуваат дека работодавачите со нивниот игноратски однос ќе предизвикаат генерален штрајк.
ССМ спроведе анкета: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра
ССМ спроведе анкета: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги објави резултатите од дводневната анкета спроведена меѓу работниците и граѓаните, која јасно ја отсликува потребата од драстично зголемување на минималната плата во земјата. Со репрезентативен примерок од 1.613 испитаници, анкетата спроведена на 11 и 12 ноември, покажува дека огромното мнозинство работници бараат минималната плата да биде во опсег од 600 до над 700 евра. На прашањето колку треба да изнесува минималната плата, 45,2% од испитаниците сметаат дека таа треба да се зголеми на 600 евра, додека 42% одговориле дека износот треба да биде над 700 евра. Само 12,8% сметаат дека минималната плата треба да изнесува 500 евра. Потребата за итност е нагласена со фактот што дури 99,5% од анкетираните бараат минималната плата да се зголеми до крајот на тековната година. ССМ преку анкетата утврдил и висока подготвеност за синдикална акција доколку не се исполни нивното барање. Доколку не дојде до зголемување, 52,8% од испитаниците се подготвени да протестираат, а 47,2% се спремни да штрајкуваат. Заклучокот на синдикатот е дека сите испитаници сметаат дека треба да се преземат и протести и штрајкови. Во своето соопштение, ССМ заклучува дека барањето за раст на минималната плата не е желба на поединци, туку неопходна потреба на работниците во Македонија. Оваа анкета ќе послужи како основа за идните активности на ССМ во преговорите со социјалните партнери.
Министерството за финансии утре ќе исплати 18,48 милиони евра за втората емисија на граѓански обврзници
Министерството за финансии утре ќе исплати 18,48 милиони евра за втората емисија на граѓански обврзници
Министерството за финансии соопшти дека утре, 14 ноември, ќе изврши исплата на главницата и каматата од втората емисија на граѓански обврзници. Вкупно 18,48 милиони евра ќе бидат слеани на сметките на граѓаните кои инвестираа во овој финансиски инструмент. Исплатата се однесува на обврзниците издадени на 7 ноември 2023 година со рок на достасување од две години и годишна каматна стапка од 5%. Утре ќе бидат исплатени главницата во износ од 17,6 милиони евра и каматата во износ од 880 илјади евра, колку што изнесуваше и исплатата на каматата за првата година. Граѓанската обврзница беше воведена во 2023 година со цел збогатување на понудата на финансискиот пазар и проширување на изворите за финансирање на економските политики на државата. Досега се издадени две емисии во вкупен износ од 41,1 милион евра, при што во првата емисија беа запишани 23,5 милиони евра, а во втората 17,6 милиони евра. Министерството за финансии информира дека по анализата на финансискиот пазар и трендовите, веќе се работи на подготовка на проспект за нова емисија на граѓански обврзници, во насока на диверзификација на понудата на финансиските инструменти за инвестирање.
Царинската управа со рекордни резултати: Во октомври слеани 196 милиони евра во Буџетот
Царинската управа со рекордни резултати: Во октомври слеани 196 милиони евра во Буџетот
Царинската управа во октомври повторно забележа рекордна наплата на приходи, соопшти директорот Бобан Николовски.Во државниот Буџет се слеани 12,05 милијарди денари (околу 196 милиони евра), што претставува зголемување од 11,4 милиони евра споредено со истиот период лани. Според Николовски, најзначаен раст е регистриран во наплатата на приходите од царина, кои бележат зголемување од импресивни 16,6 проценти. Како причини за ваквите високи резултати, тој ги истакна засилените контроли, поголемата институционална соработка и партнерскиот однос со компаниите. Приходите од наплата на давачки при увоз на возила се зголемени за 11 проценти. „Од почетокот на годинава, заклучно октомври, наплативме приходи од 1,77 милијарди евра, за 89,4 милиони евра повеќе споредбено со лани.“ - изјави Николовски. Царинската управа интензивно работи и на спречување на криминалот. Заклучно со октомври, Управата поднела вкупно 174 кривични пријави. Од нив, 89 кривични пријави се однесуваат на сторени кривични дела поврзани со возила.
Од полноќ бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Од полноќ бензините поскапуваат за половина денар, дизелот за еден денар
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%. Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-95) - 74,50 (денари/литар). - Моторен бензин (ЕУРОСУПЕР БС-98) - 76,50 (денари/литар). - Дизел гориво (ЕУРОДИЗЕЛ БС Д-Е V) - 72,00 (денари/литар). - Масло за горење (Екстра лесно 1) - 69,50 (денари/литар). - Мазут (М-1 НС) - 36,427 (денари/килограм). Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг. Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Животните трошоци се зголемени за 4,5% во однос на минатата година
Животните трошоци се зголемени за 4,5% во однос на минатата година
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека индексот на трошоците за живот во октомври 2025 година, во однос на истиот месец лани, бележи зголемување од 4,5%, додека индексот на цените на мало бележи годишно зголемување од 2,8%. Во однос на претходниот месец, е намален за 0,2%. Поевтинување има во групата Транспорт за 6,1%, како и помали намалувања кај Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,3% и Образованието, Рекреацијата и културата за 0,1%. Зголемување на трошоците за живот во октомври е забележано во групите Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, како и Облека и обувки за 1,2%, Комуникации, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3%, Домување, вода, електрика, гас и други горива, Ресторани и хотели за 0,2% и Здравје за 0,1%. Трошоците за живот во групата Разновидни стоки и услуги остануваат непроменети. Индексот на цените на мало во октомври 2025 година, во однос на септември, изнесува 98,7.
ССМ: Цените со раст, платите во место – Минималната кошница достигна 65.544 денари
ССМ: Цените со раст, платите во место – Минималната кошница достигна 65.544 денари
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) алармира за економската состојба, предупредувајќи дека граѓаните тонат во сиромаштија поради драматичната разлика меѓу постојаниот раст на цените и стагнацијата на платите. На годишно ниво инфлацијата изнесува 4,5 проценти, но цените на храната и основните производи продолжуваат силно да го исцрпуваат семејниот буџет. Во споредба со октомври лани, цените на храната и безалкохолните пијалаци се зголемени за 7 проценти. Најголем удар има кај овошјето со скок од 21%, месото и маслото се поскапи за речиси 10%, лебот и житариците за 5,5%, а кафето, чајот и какаото – дури за 26%. Синдикалната минимална кошница за октомври достигнала 65.544 денари, што е зголемување од 7% во однос на истиот месец минатата година (61.249,00 денари), или за 4.295,00 денари повеќе, но без реално зголемување на платите оваа бројка е само уште еден доказ дека граѓаните тонат во сиромаштија. Од ССМ порачуваат дека „Крајно време е надлежните да сфатат дека со оваа скапотија тешко се живее! Работниците се исцрпени, платите не стигнуваат ниту за основни потреби. Наместо да бидеме пример во регионот, остануваме на дното!“. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, потенцира дека државата ризикува да биде на опашката во регионот: „Мислам дека можевме да бидеме лидери во регионот со зголемување на плати, веројатно ќе бидеме на опашката, бидејќи сите најавија драстично зголемување и на минималната и на сите останати плати во регионот“. Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, најави дека се бара ново, повисоко ниво на минимална плата: „Владата мора да се соочи со реалноста и да ја натера бизнис-заедницата да ги зголеми платите. И во јавниот и во приватниот сектор! Нашето барање за 500 евра минимална плата веќе е застарено – ќе излеземе со ново, повисоко барање кое ќе одговара на реалните трошоци на животот.“
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk