Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај за работењето на АД Државна лотарија за 2024 година, во кој се утврдени значајни неправилности во финансиското работење и се изразува сомнеж за злоупотреба на парични средства во готово. Поради големиот обем на нелогични трансакции, записи без соодветна документација или поткрепени со неверодостојни документи, ДЗР се воздржа од изразување мислење за реалноста на финансиските извештаи и изрази неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива. Ревизијата утврдила дека вкупниот дневен пазар од продажба на игри на среќа во 10 сопствени продажни места, во износ од 46 милиони денари (околу 747.000 евра), не бил редовно уплатуван на сметките на друштвото, иако законската регулатива наложува уплата најдоцна до следниот работен ден. Утврдено е дека двете уплати на име „дневен пазар“ во текот на годината се всушност трансфери на готовина меѓу сметки на самата Лотарија, а не уплата на примените средства од дневниот промет. Оваа состојба е овозможена поради неводење посебна книга на благајна и недостиг на внатрешни контроли, при што едно лице (директорот на Секторот за финансии) извршувало најголем дел од активностите за ракување и евидентирање на готовина. Ревизорите утврдиле нерегуларности и при исплатата на аванси за мали добивки кон деловните соработници во износ од 13 милиони денари. Поголем дел од овие трансакции се поткрепени со неуредни, невалидни или непостоечки документи. За евидентираните одливи и приливи на готовина по основ на дадени и вратени аванси во сопствените продажни места, ДЗР утврдил дека документацијата е спорна и неверодостојна, а вработени лица во изјави негирале дека ги примиле или вратиле наведените износи, што директно упатува на сомнеж за злоупотреба на парични средства. Вкупниот износ на нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции надминува 122 милиони денари (околу 1,98 милиони евра), што исто така буди сомнеж за злоупотреба на јавни средства. Дополнително, евидентираниот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63 милиони денари помал од оној во централниот систем, што го загрозува интегритетот на Лотаријата. Трошоците за реклама и промоција бележат 10-кратен раст во однос на 2020 година, достигнувајќи 220 милиони денари (околу 3,58 милиони евра) за 2024 година. Утврдени се неправилности во постапките за јавни набавки на маркетинг услуги во износ од 73 милиони денари, како што е недостаток на докази за реализација на услугите и сомнеж во оправданоста на трошоците, вклучително и за настанот „Фан Зона Еуро 2024“. За 2024 година, Државна лотарија склучила договори за дело со 195 лица, од кои 75 лица воопшто не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи. За нив, незаконски и ненаменски се исплатени 14 милиони денари (околу 242.000 евра). Заводот за ревизија констатираше бројни неправилности и нелогичности и во набавката на опрема, управувањето со објекти земени под закуп (вклучувајќи и плаќање за неискористен деловен простор и скапи реновирања), како и кај трошоците за службени патувања. ДЗР ги извести надлежните органи за утврдените неправилности и сомнежи за незаконско работење за понатамошно постапување. На 15 декември полициски службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Виница приведоа пет лица поради основано сомнение за сторено кривично дело „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни ресурси“, казниво по член 265 од Кривичниот законик. Од слобода се лишени И.А.(61) и С.А.(63), двајцата од село Јакимово, виничко, Д.Т.(66) од Кочани, како и М.И.(62) и Ј.М.(30), двајцата од Виница. Акцијата следеше по пријава, при што на патот во атарот на с.Калиманци се сопрени патничките возила „Фиат Браво“ и „Опел Вектра“. Во возилата биле пронајдени и одземени метален детектор и алат. Во соработка со кустоси од Музеј „Теракота“ Виница, е констатирано дека пријавените во периодот од 13 до 15 декември извршиле нелегален ископ во с.Калиманци. По наредба на Основен суд Виница, извршени се претреси во домовите на дел од приведените, при што биле пронајдени и одземени шест метални детектори, кутија со 43 златни и сребрени монети со различна големина, како и друг алат. По целосно документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава. Стриминг платформата Netflix објави дека постигнале договор за купување на медиумскиот гигант Warner Bros. Discovery (WBD) за проценета вредност од 72 милијарди долари. Со преземањето, Netflix добива контрола врз студијата, стриминг бизнисот и архивите на WBD, вклучувајќи ги највредните брендови како HBO, DC Comics (Batman, Superman), франшизата „Harry Potter“ и „Game of Thrones“. Зделката, која доби согласност од одборите на двете компании, предвидува WBD да го одвои својот оддел за традиционални кабловски мрежи (вклучувајќи ги CNN, TBS и TNT) во посебен субјект. Сепак, аналитичарите нагласуваат дека зделката ќе се соочи со строга антимонополска контрола од регулаторните тела во САД и ЕУ поради големата концентрација на содржина и моќ во рацете на Netflix. Netflix се обврза да го задржи кино-дистрибутерскиот бизнис на Warner Bros. и да продолжи прикажувањето на нивните филмови во кино. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска изврши увид во откупот на тутун во прилепскиот регион и информираше дека откупот на тутун од годинешната реколта е во полн ек, при што најголем дел од компаниите веќе започнале со откуп. Според најновите податоци, досега се откупени 1,7 милиони килограми тутун низ државата, со просечна откупна цена од 419 денари по килограм. Ова претставува зголемување за 19 до 20 денари во однос на минатогодишната просечна цена која изнесувала 400 денари. „Од тие над еден милион килограми (според податоците од претходните денови), околу 967.000 килограми се откупени како прва категорија, а многу мала количина како втора и трета категорија.“ - изјави министерот Трипуновски. Од пријавените 320 откупни пунктови низ државата, заклучно со вчерашниот ден, отворени се 207. Министерот нагласи дека очекува оваа откупна сезона да заврши навремено и со правилно вреднување на класите на тутунот. Тој додаде дека тутунарите оваа година добија државна поддршка за зелена нафта со значајна литража, што сериозно влијае на намалување на производните трошоци. Министерството ќе го следи целиот процес на откуп, а крајниот рок за завршување на откупот е крајот на февруари. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која 1 јануари 2026 година се намалуваат надоместоците за користење на електродистрибутивниот и преносниот систем. Надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција ДООЕЛ се намалува за 3,64%, надоместокот за користење на преносниот систем на МЕПСО се намалува за 2,67%, а намалување има и кај цената на МЕМО од 3,40%. „Со денешната одлука, сите елементи кои ја сочинуваат крајната цена се познати: цена и количина по која е набавена електричната енергија, услугите на мрежните оператори, затворени се и набавките за загуби. Сега останува универзалниот снабдувач - ЕВН ХОМЕ, под наш надзор да направи пресметка и да се објават финалните цени по блокови.“ - изјави директорот Бислимоски. Делот од крајната цена што го регулира РКЕ има влијание од околу 36%. Во структурата на цената, надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем учествува со околу 33%, додека надоместокот за преносниот систем учествува со околу 4%. Цената на МЕМО има незначително учество од околу 0,19% во крајната цена. Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против шест лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Струмица, К.К. (35), за сериозни злоупотреби при постапката за јавна набавка на електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“. Поранешниот градоначалник К.К. се сомничи за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, додека другите пет пријавени лица: Д.П.С.(61), К.Б.(37), Л.Ј.(63), Л.Ѓ.(62) и Г.П.(58) се сомничат за „несовесно работење во службата“ и помагање во извршување на кривичните дела. Според МВР, поранешниот градоначалник К.К., во својство на одговорно лице, ги повредил правилата на постапката за набавка на 10 електрични автобуси, чија вкупна вредност изнесува околу 430 милиони денари. Ова го сторил со ангажирање на пријавениот Г.П. како одговорно лице задолжено за технички прашања и надзор, иако тој не ги поседувал потребните стручни квалификации и потребната Лиценца А за надзор од областа на електротехниката. Покрај тоа, пријавениот К.К. свесно ги повредил прописите со договарање на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси. Директорот на ЈСП, Д.П.С., постапил несовесно и пропуштил должен надзор над целокупната постапка и имплементацијата на јавната набавка, потпишувајќи го Договорот во кој учествувало лице без потребните стручни квалификации. Исто така, претседателот и членовите на комисијата за јавни набавки (К.Б., Л.Ј. и Л.Ѓ.) го определиле Г.П. за одговорно лице за следење на реализацијата, иако тој не бил квалификуван за тие работни задачи.