Државниот завод за статистика објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2026 година изнесува 46.159 денари. Според официјалните податоци, забележан е значителен раст од 7,2% во споредба со истиот месец претходната година.
Овој годишен пораст главно се должи на повисоките примања во секторите за административни и помошни услужни дејности, каде зголемувањето изнесува 12,3%, по што следуваат рударството со раст од 10,6% и секторот за снабдување со вода и управување со отпад со 9,4%.
Од друга страна, статистиката бележи одреден пад на платите во однос на претходниот месец во неколку стопански гранки. Најголемо намалување на просечната нето-плата е евидентирано кај земјоделството, шумарството и рибарството со пад од 5,7%, додека во секторите други услужни дејности и уметност, забава и рекреација, намалувањето изнесува 5,0%, односно 4,6%.
Во истиот период, просечната месечна бруто-плата по вработен изнесуваше 69.371 денар, што претставува годишен раст од 7,3% во споредба со февруари 2025 година. Слично како и кај нето-платата, кај бруто-примањата најголем скок е забележан во административните дејности и рударството. Сепак, во споредба со јануари, кај бруто-платата е забележан пад во секторите транспорт и складирање, како и во уметничките и земјоделските дејности. Со цел да се спречи неконтролираниот раст на цените и да се заштити домашното земјоделско производство, Владата на денешната 166-та седница донесе две клучни одлуки за ограничување на профитните маржи на вештачките ѓубрива. Како што информираше министерот Цветан Трипуновски, овие мерки стапуваат на сила веднаш и ќе се применуваат до 31 мај 2026 година, со цел да се обезбеди достапност на ресурсите во еден од најважните периоди за земјоделските активности.
Според првата одлука, највисоката бруто профитна маржа на неорганските ѓубрива во трговијата на големо и на мало се ограничува на 5 проценти. За органските и органо-минералните ѓубрива, како и за биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата, маржата е утврдена до 10 проценти во двете фази од трговскиот ланец. Мерката ги опфаќа сите правни и физички лица регистрирани за производство и трговија со овие производи.
Дополнително, Владата воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот за да се спречат вештачки недостатоци. Трговците на мало се должни месечно да продаваат најмалку 70 проценти од просечната количина што ја набавиле во тековната година, додека трговците на големо имаат обврска со ист процент да ги снабдуваат малопродажните објекти.
Втората одлука предвидува корекција на цените на постојните залихи, при што продавачите се должни да ја намалат продажната цена за 10 проценти за сите количини набавени по старите, повисоки цени.
Овие мерки се донесени по консултации со увозниците и детални анализи на Државниот пазарен инспекторат, со кои беше констатиран значителен раст на цените кој вршеше силен притисок врз трошоците на земјоделците.
Министерот Трипуновски нагласи дека целта е стабилизација на пазарот и намалување на трошоците за производство, најавувајќи дека Владата будно ќе ја следи состојбата и во иднина ќе презема дополнителни чекори за заштита на македонската економија и земјоделство. Царинската управа бележи значителен раст на приходите и успешна борба против нелегалната трговија во првиот квартал од годинава. Според најновите податоци, наплатата на приходи од увоз на тутун и тутунски производи е зголемена за 11 милиони евра во споредба со истиот период минатата година.
Во првите три месеци од 2026 година, во државниот Буџет по основ на увоз на тутун се слеале вкупно 2,82 милијарди денари, односно 45,7 милиони евра. Овој сериозен раст ја потврдува ефикасноста на контролните механизми и зголемената дисциплина при увозот на овие стоки.
Паралелно со зголемената наплата, инспекторите на Царината реализирале осум успешни акции за спречување шверц во кои се запленети над еден милион парчиња цигари и околу 226 килограми разновидни тутунски производи како сецкан тутун, тутун за наргиле и никотински ќесички. Како резултат на овие активности, Одделението за истраги поведе предистражни постапки во четири случаи, при што се поднесени кривични пријави против четири физички и едно правно лице.
По повод 34-годишнината од формирањето на Царинската управа, директорот Бобан Николовски порача дека институцијата има одговорност да обезбеди сигурност и предвидливост за компаниите кои работат законски. Тој потенцираше дека законот мора да важи подеднакво за сите учесници во царинските постапки, вклучувајќи ги транспортерите, увозниците и застапниците.
Според Николовски, крајната цел на Управата е да се достигне степен на професионализам каде проблемите ќе се предвидуваат и анулираат пред да се случат, со што ќе се заштити државниот буџет и ќе се овозможи развој на здрава економија без простор за нелојална конкуренција. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во текот на месец март оваа година е забележан благ пораст на цените на угостителските услуги од 0,1% во споредба со претходниот месец.
Ова зголемување во најголема мера се должи на растот на цените кај групата Храна, кој изнесува 0,2%, додека кај алкохолните и безалкохолните пијалаци, како и кај услугите за ноќевања, цените останале на истото ниво како во февруари.
Гледано на годишно ниво, цените на угостителските услуги во март 2026 година се за 2,4% повисоки во однос на истиот месец минатата година.
Статистичките податоци за првиот квартал од годината покажуваат дека во периодот јануари-март оваа година угостителските услуги поскапеле за 3% во споредба со истиот период лани, додека растот во однос на декември 2025 година изнесува 0,4%. Фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје доби посебно признание за својата долгогодишна присутност и придонес на македонскиот пазар на капитал. На свечениот настан со кој Македонската берза го одбележа својот јубилеј - 30 години од почетокот на организираното тргување со хартии од вредност во земјава, на компанијата ѝ беше врачена плакета за најдолго котирано акционерско друштво.
Ова признание во име на компанијата го прими генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Историјатот на „Алкалоид“ на Берзата датира уште од нејзиното формирање во 1996 година, кога со акциите на компанијата најпрвин се тргуваше на Третиот неофицијален пазар. Клучниот пресврт се случи во ноември 2002 година, кога „Алкалоид“ стана една од првите компании кои се етаблираа на Првиот официјален пазар.
Договорот за котација беше потпишан на 13 ноември 2002 година од страна на тогашниот генерален директор Трајче Мукаетов и директорот на Берзата, Евгени Зографски, со што се поставија темелите за нова ера на корпоративна транспарентност и отчетност.
Преминот на официјалниот пазар значеше воведување строги стандарди за известување, каде инвестициските одлуки почнаа да се носат врз основа на проверени финансиски податоци наместо на шпекулации. Тогашната визија на менаџментот, насочена кон надминување на локалните рамки и континуирано инвестирање во нови капацитети, се покажа како пресудна за долгорочниот успех. Денес, по повеќе од две децении на официјалниот пазар, „Алкалоид“ важи за една од најликвидните и најтранспарентните компании во регионот.
Економските показатели најдобро го илустрираат овој раст. Додека во 2001 година просечната цена на акцијата изнесуваше 1.350 денари со нето-дивиденда од 58,43 денари, во 2025 година просечната цена достигна ниво од 27.468 денари.
Овој импресивен раст од околу 20 пати е проследен и со најава за исплата на нето-дивиденда од 648 денари по акција за изминатата година, што дополнително ја потврдува стабилноста на компанијата и довербата на инвеститорите во нејзините деловни политики.