Управата за јавни приходи најави интензивни активности за сузбивање на неформалната економија и унапредување на фискалната дисциплина, насочени кон субјекти кои остваруваат промет без регистриран фискален систем.
Според службената евиденција на УЈП, детектирани се 6.451 активен даночен обврзник со вработени лица кои воопшто немаат регистрирано фискален уред, иако дејствуваат во сектори со готовински плаќања како трговија, угостителство, туристички агенции и сметководствени услуги.
Од нив, дури 3.115 субјекти се регистрирани и како ДДВ обврзници, што дополнително потврдува дека вршат редовна деловна активност за која не издаваат фискални сметки.
Паралелно со првата фаза на контроли, Управата детектирала дополнителни 13.966 даночни обврзници во истите дејности без фискални уреди, за кои ќе се спроведат теренски проверки и вкрстување на податоци. Целта е да се утврди дали овие субјекти реално работат без да го пријавуваат прометот и без да плаќаат даноци, при што од УЈП нагласуваат дека доколку се утврдат неправилности, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки.
Законот за регистрирање на готовински плаќања јасно пропишува дека секој обврзник кој врши промет на добра и услуги со готовина е должен да користи одобрен фискален систем и задолжително да издава сметки.
Даночната администрација упати јасен повик до сите деловни субјекти кои сè уште не се усогласени со законот, итно и доброволно да извршат набавка и регистрација на фискални апарати преку овластени оператори. Непостапувањето според законските одредби повлекува високи парични глоби и привремено запечатување на објектите. Компанијата Пекабеско ја заврши 2025 година со позитивни финансиски резултати, остварувајќи консолидирани вкупни приходи од 6.166 милиони денари (околу 100,26 милиони евра), што претставува зголемување од 3% во споредба со претходната година.
Најголем дел од овие приходи се генерирани преку продажба на готови производи, стоки и услуги, сектор кој бележи пораст од 4% на годишно ниво. Од друга страна, приходите остварени од извоз изнесуваат 747 милиони денари (околу 12,15 милиони евра), забележувајќи благ пад од 2% во однос на истиот период во 2024 година.
Паралелно со растот на приходите, се движеа и вкупните расходи на компанијата, кои во текот на 2025 година достигнаа 5.932 милиони денари (околу 96,45 милиони евра), што е зголемување од 3% на годишна основа.
Пекабеско ја зголеми својата работна сила, па на крајот на декември бројот на вработени изнесуваше 435 лица, што е за 17 вработени повеќе во споредба со претходната година.
Развојната компонента во работењето на Пекабеско беше видлива преку инвестиции во основни средства во вкупна вредност од 270 милиони денари (околу 4,39 милиони евра). Најзначајните вложувања се насочени кон модернизација и одржливост, вклучувајќи опрема за производство на електрична енергија преку сопствена фотоволтаична централа, нова производствена опрема, како и обнова на возниот парк со товарни и патнички возила.
За претстојната година, менаџментот на Друштвото планира да продолжи со инвестицискиот циклус преку набавка на нова автоматизирана опрема во производствениот процес. Главните цели остануваат зголемување на реализацијата на производите како на домашниот, така и на странските пазари. Државниот завод за статистика ги објави најновите податоци за јануари 2026 година, според кои просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесува 46.617 денари.
Во споредба со истиот месец минатата година, забележан е пораст на платите од 8,3%. Истовремено, просечната бруто-плата во државата се искачи на ниво од 70.066 денари.
Овој значителен годишен раст во голема мера е резултат на зголемувањето на платите во неколку клучни сектори. Најголем скок кај нето-примањата е забележан кај административните и помошните услужни дејности со пораст од 12,9%. По нив следуваат секторот трговија на големо и мало и поправка на моторни возила со зголемување од 11,1%, како и преработувачката индустрија каде платите пораснале за 10,5%. Слична тенденција на раст е евидентирана и кај бруто-исплатите во истите дејности.
Сепак, статистиката бележи и одредено намалување на платите на месечно ниво, односно во однос на декември 2025 година. Најизразен пад на нето-платата има во секторот транспорт и складирање, каде примањата се намалени за 7,4%. Пад е забележан и кај градежништвото со 5,3%, како и во финансиските дејности и дејностите на осигурување, каде платите во јануари биле пониски за 3,8% во споредба со претходниот месец. Во празнична атмосфера и со присуство на клучните чинители на домашниот пазар на капитал, вчера се одржа традиционалната церемонија за доделување на Годишните награди на Македонска берза. На настанот беа одликувани најуспешните котирани компании, членки на Берзата и медиумски партнери кои ја одбележаа 2025 година. Настанот го отвори Главниот извршен директор на Македонска берза, г-дин Иван Штериев, кој во своето обраќање истакна дека наградите се одраз на транспарентноста, ликвидноста и континуираниот развој на македонскиот финансиски пазар. Комерцијална банка АД Скопје, ја доби наградата „Акција на годината“, избрана преку комбинација на егзактни податоци и гласовите на јавноста. - Акција со најголем промет: Комерцијална банка (1,7 милијарди денари промет). - Златна членка на Берзата: Наградата ја примија за реализиран промет од 2,3 милијарди денари преку БЕСТ системот. - Најтранспарентно друштво: По избор на пазарните учесници. Во категоријата за најголем раст, се истакнаа: - Макпетрол АД Скопје: Прогласена за „Акција со најголем пораст на цената“ со скок од 23,94%. - Стопанска банка АД Скопје: Ја доби наградата за „Акција со најголем пораст на прометот“, остварувајќи раст од 43,83% во однос на претходната година. Фармацевтската компанија Реплек АД Скопје беше прогласена за „Најтранспарентно котирано акционерско друштво“ по избор на медиумите. Комисијата составена од уредници на водечките економски портали и телевизии ја препозна отвореноста на компанијата кон јавноста и навременото информирање за деловните одлуки. Посебен акцент годинава беше ставен на ESG практиките (еколошки, социјални и управувачки стандарди), реализирани во соработка со Американската стопанска комора (AmCham). Признанија за својата општествена одговорност и одржливо работење добија: А1 Македонија, Алкалоид АД Скопје, Атлантик Гранд Скопје, НЛБ Банка и Титан Усје. За придонес во едукацијата и развојот на пазарот, наградата замина во рацете на регионалната мрежа Bloomberg Adria, за нивните исцрпни анализи и проекти насочени кон финансиско описменување на младите. Наградата „Златна членка„ на Македонска берза за 2025 година ја понесе Комерцијална банка АД Скопје. Банката демонстрираше исклучителна активност со реализирани вкупно 8.767 трансакции, при што оствари промет од 2,3 милијарди денари во редовното тргување и дополнителни 1,2 милијарди денари преку блок трансакции. Како „Сребрена членка“ беше одликувана брокерската куќа Илирика Инвестментс АД Скопје, која во 2025 година реализираше респектабилен промет од околу 2,2 милијарди денари во БЕСТ системот преку вкупно 8.343 трансакции. Признанието за „Бронзена членка“ замина кај Еурохаус АД Скопје. Оваа членка се истакна со доминација во сегментот на блок трансакциите, каде реализираше вредност од околу 2,5 милијарди денари, додека во БЕСТ системот оствари промет од 1,7 милијарди денари. Годишните награди на Македонска берза, кои се доделуваат веќе петта година по ред, остануваат најрелевантен показател за успешноста и кредибилитетот на компаниите на домашниот пазар на капитал. Државниот завод за статистика објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен за октомври 2025 година изнесува 45.943 денари. Ова претставува раст од 9% во споредба со истиот месец лани. Според статистичките податоци, најголем пораст на годишно ниво е забележан во секторите здравствена и социјална заштита со зголемување од 13,3%, административните и помошните услужни дејности со 13,2%, како и дејностите во врска со недвижен имот каде е евидентиран раст од 10,9%. Во однос на претходниот месец, платите најмногу пораснале кај недвижностите за 9,5%, во секторот информации и комуникации за 4,2% и кај административните услуги за 3,6%. Во истиот период, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен изнесува 69.089 денари. На годишна основа, бруто-платата исто така бележи пораст од 9,0%. Зголемувањето кај бруто-износите е најизразено во здравствениот сектор со 13,5%, по што следат административните услуги со 13,3% и недвижностите со 10,9%. На месечно ниво, секторот недвижности бележи најголем скок на бруто-платата од 8,8%, додека кај информациите и комуникациите растот изнесува 4,1%. Владата не е против зголемување на минималната плата, но тоа мора да биде резултат на социјален дијалог и заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски по седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Според премиерот, Економско-социјалниот совет е клучниот механизам за решавање на економските и социјалните прашања, каде преку партнерство се гради одржлива и правична економија. Мицкоски нагласи дека целта на Владата е создавање силна економија и достоинствен животен стандард, но предупреди дека растот на платите мора да биде во согласност со реалните економски можности. „Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Но, таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност, постигната врз основа на реалните економски можности. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, истакна Мицкоски. Тој додаде дека одржливо зголемување на примањата не може да се постигне со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со зајакнување на продуктивноста, инвестиции во нови технологии и поддршка на бизнис секторот. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која 1 јануари 2026 година се намалуваат надоместоците за користење на електродистрибутивниот и преносниот систем. Надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција ДООЕЛ се намалува за 3,64%, надоместокот за користење на преносниот систем на МЕПСО се намалува за 2,67%, а намалување има и кај цената на МЕМО од 3,40%. „Со денешната одлука, сите елементи кои ја сочинуваат крајната цена се познати: цена и количина по која е набавена електричната енергија, услугите на мрежните оператори, затворени се и набавките за загуби. Сега останува универзалниот снабдувач - ЕВН ХОМЕ, под наш надзор да направи пресметка и да се објават финалните цени по блокови.“ - изјави директорот Бислимоски. Делот од крајната цена што го регулира РКЕ има влијание од околу 36%. Во структурата на цената, надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем учествува со околу 33%, додека надоместокот за преносниот систем учествува со околу 4%. Цената на МЕМО има незначително учество од околу 0,19% во крајната цена.