Бројот на работниците во индустријата е намален за 2.6% во август во однос на истиот период лани, спорред податоците објавени од Државниот завод за статистика. Бројот на работниците во август 2025 година, во однос на август 2024 година, во секторот Рударство и вадење на камен се намалил за 1.7%, во секторот Преработувачка индустрија за 2.7%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0.6%. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во август 2025 година, во однос на август 2024 година, се намалил во групите Енергија за 1.8%, Капитални производи за 7.1% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2.2%, а се зголемил во групите Трајни производи за широка потрошувачка за 7.3% и Интермедијарни производи, освен енергија за 1.0%. Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – август 2025 година, во однос на периодот јануари – август 2024 година, се намалил за 3.8%. Во 2024 година, ЕУ го оствари најголемиот годишен извоз на хемиски производи кон земјите надвор од ЕУ во вредност од 560 милијарди евра, што претставува раст од 7% во споредба со 2023 година, објави Евростат. Увозот од земји надвор од ЕУ на овие производи благо опадна за 1%, на 322 милијарди евра од претходните 326 милијарди евра. Петте земји членки на ЕУ со најголем извоз кон надворешни пазари се: Германија (134 милијарди евра), Ирска (82 милијарди), Белгија (62 милијарди), Франција (54 милијарди) и Холандија (50 милијарди) евра. Најголемите дестинации за извоз надвор од ЕУ се: САД (170 милијарди евра), Швајцарија (64 милијарди), Обединетото Кралство (47 милијарди), Кина (36 милијарди) и Јапонија (18 милијарди) евра. Што се однесува до увозот, најголеми увозници на хемиски производи во ЕУ се: Германија (56 милијарди евра), Белгија (45 милијарди), Холандија (43 милијарди), Италија (34 милијарди) и Словенија (29 милијарди) евра. Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја промовираше новата петгодишна програма за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), нагласувајќи дека демографските предизвици се клучен приоритет за државата. Премиерот изрази загриженост поради континуираниот пад на наталитетот во земјава, истакнувајќи дека бројот на новородени деца во Македонија е намален од над 50.000 во 1950 година на околу 16.000 во 2024. Главни причини, според него, се иселувањето и опаѓањето на фертилитетот. „Реално присутното население не надминува 1,5 милиони жители. Ако продолжиме со ова темпо, за 20 години ќе бидеме држава под 1 милион жители. Тоа значи колапс за пензискиот и здравствениот фонд,“ предупреди Мицкоски. Како дел од мерките што веќе се преземени, тој ги наведе економскиот раст, шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, изградбата на нови градинки, бесплатните учебници, како и економската и социјалната поддршка за семејствата. „Без разлика на етничката или верската припадност, многудетното семејство значи иднина. Времето е сега – иднината е во нашите деца,“ порача премиерот. Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи. На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од Управата за хидрометеоролошки работи. Од ЕСМ апелираат да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот. Ги повикуваат сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100. Повторно измама со лажна сообраќајна несреќа во Скопје – овој пат жртви се повозрасни сопружници од главниот град, кои на измамник му дале 10.000 евра верувајќи дека помагаат на нивната внука. Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), на 29 септември во 21:30 часот, 83-годишна жена пријавила во Полициската станица Центар дека таа и нејзиниот сопруг биле измамени од непознато лице кое телефонски им се претставило како полициски инспектор. Според пријавата, лицето ги известило дека нивната внука наводно предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила малолетно лице кое починало, и дека за да ја избегне кривичната одговорност, потребно е итно да предадат пари. Сопружниците, однеле 10.000 евра на договорено место. Подоцна, по враќањето дома, стапиле во контакт со нивната внука и откриле дека таа не била инволвирана во никаква несреќа, по што сфатиле дека станале жртви на измама. Индустриското производство во Македонија во август бележи намалување од 3.5% во однос на истиот месец во 2024 година, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика. Сепак, некои индустриски сектори покажуваат позитивни резултати. Секторот Рударство и вадење на камен забележал раст од 7.0%, додека во секторот Преработувачка индустрија има опаѓање од 1.4%. Најголем пад е забележан во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, кој е намален за 26.8%. Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, на намаленото производство во следните оддели: - Производство на прехранбени производи. - Производство на текстил. - Печатење и продукција на снимени медиуми (записи). - Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати. - Производство на метали. - Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема. - Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место. - Производство на мебел. Според главните индустриски групи, производството во август 2025 година, во однос на август 2024 година, бележи опаѓање кај Енергија за 23.7%, Капитални производи за 12.0%, Трајни производи за широка потрошувачка за 9.1% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.7%. Пораст е забележан кај Интермедијарни производи, освен енергија за 14.8%. Индустриското производство во периодот јануари – август 2025 година е зголемено за 2.2 % во однос на периодот јануари – август 2024 година. Lufthansa Group ја претстави својата стратегија за иднината и објави нови среднорочни финансиски цели за периодот 2028-2030 година. Компанијата потврди дека продолжува со својот план за значително зголемување на профитабилноста преку интегрирање на операциите во рамките на групата. Како дел од стратешката реорганизација, Lufthansa Group ќе изврши значителни промени во структурите на групацијата. Со цел да се зголеми ефикасноста, планирано е намалување на околу 4.000 административни работни места до 2030 година, што ќе биде резултат на дигитализацијата, автоматизацијата и интеграцијата на процесите. Ова намалување ќе биде најизразено во Германија и ќе се спроведе во консултација со синдикатите. Еден од главните аспекти на стратегијата е концентрацијата на хаб авиолиниите: Lufthansa, SWISS, Austrian Airlines, Brussels Airlines и ITA Airways. Групацијата планира уште поголема интеграција и прилагодување на организациската структура со цел да се забрзаат процесите на одлучување, да се подобри соработката и да се зголеми продуктивноста. Lufthansa Group планира да вложи значителни средства во модернизација на флотата, со повеќе од 230 нови авиони до 2030 година. Lufthansa Cargo исто така ќе продолжи да ја зголемува својата профитабилност со проширување на капацитетите и инвестирање во автоматизација и дигитализација, со цел да стане еден од трите најголеми играчи на глобалниот пазар на воздухопловен карго транспорт. Групацијата постави амбициозни цели за периодот 2028-2030, со цел зголемување на профитабилноста за 8 до 10 проценти пред оданочување.