Вкупниот промет во индустријата во август бележи зголемување од 8,8 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според главните индустриски групи, најголем годишен пораст е евидентиран кај капиталните производи од 17,1 процент, кај нетрајните производи за широка потрошувачка од 6,9 проценти, како и кај интермедијарните производи (освен енергија) за 1,4 проценти. Пад од 4,2 проценти е регистриран единствено кај трајните производи за широка потрошувачка.
Позитивниот резултат во август се должи пред сè на високата активност на странските пазари, каде што е остварен раст од 11,2 проценти на годишно ниво, додека прометот на домашниот пазар бележи зголемување од 4,4 проценти. Во однос на претходниот месец (јули 2026 година), вкупниот индустриски промет бележи сезонско намалување од 16,3 проценти.
Во периодот јануари-август, во споредба со истиот период од 2025 година, вкупниот промет во индустријата бележи стабилен раст од 3проценти. Притоа, продажбата на домашниот пазар е зголемена за 3,9 проценти, а на странските пазари за 3,1 процент.
Најголемо позитивно влијание врз зголемувањето на вкупниот промет во август имаат секторите за производство на моторни возила, приколки и полуприколки (раст од 17,4%), производството на машини и уреди (раст од 17,3%), како и производството на прехранбени производи (раст од 2,7%). Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во август се регистрирани вкупно 244.513 туристи, кои оствариле над 934 илјади ноќевања во Македонија.
Од вкупниот број туристи во август, 46,4 проценти биле домашни, додека 53,6 проценти отпаѓаат на странски гости. Во однос на ноќевањата, 70,8 проценти се остварени од домашните туристи, а 29,2 проценти од странските посетители.
Податоците за првите осум месеци од годината покажуваат постојан раст на туристичкиот сектор. Во периодот јануари - август 2026 година, во споредба со истиот период лани, вкупниот број на туристи е зголемен за 3 проценти. Притоа, кај домашните туристи е забележан раст од 2,8 проценти, додека кај странските има зголемување од 3,2 отсто.
Зголемување е регистрирано и кај вкупниот број ноќевања за 3,7 проценти, при што домашните туристи оствариле зголемување од 2,2 проценти, а странските забележале пораст од 5,7 проценти.
Во однос на земјите на потекло на странските туристи во август, најголем број посетители биле од Турција (45.747 туристи), Србија (13.166 туристи), Романија (7.457 туристи) и Германија (7.324 туристи). Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информираше за објавувањето на новиот јавен повик од Оперативниот план за вработување, кој нуди бесплатни обуки за занаети и професии со висока побарувачка на пазарот на трудот.
Обуките ќе ги спроведуваат лиценцирани обучувачи, со цел зголемување на конкурентноста на невработените лица и подобрување на нивните вештини за побрзо вработување.
Програмата опфаќа обуки распределени според степенот на образование на кандидатите. За лицата со минимум завршено основно образование се нудат обуки за занаетите: спаткар, бравар, шивач, армирач и фасадер. За кандидатите со завршено минимум средно образование се обезбедени обуки за следниве профили: службеник за сметководство, електричар за инсталација и одржување, дигитален маркетер, шивач, оператор во кол-центар и пожарникар.
Сите заинтересирани граѓани можат да аплицираат најдоцна до 26 октомври 2026 година. Подетални информации за условите и начинот на пријавување се достапни во работните клубови на Центрите за вработување, на официјалната веб-страница на Агенцијата за вработување, како и преку телефонските контакти на установата. Со свечено поставување на камен-темелник, официјално започна изградбата на новата автопатска делница Букојчани (Долно Строгомиште) - Кичево, во должина од околу 11,5 километри, како дел од стратешки важниот Коридор 8. На настанот присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, како и претставници на дипломатскиот кор и изведувачите.
Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, истакна дека од денес оваа делница престанува да биде само проект на хартија и станува реално градилиште. Делницата е поделена на два дела: Долно Строгомиште - Црвевци во должина од 4,98 километри и Црвевци - Кичево во должина од 6,53 километри. Проектот опфаќа изградба на 5 мостови, 2 вијадукти, 4 надпатници, 9 подпатници, 6 плочести пропусти, тунелот „Колибари“ со должина од 370 метри, како и клучките „Строгомиште“ и „Кичево Север“.
Рокот за изградба изнесува 48 месеци, а работите ги изведува конзорциумот составен од романскиот „Страбаг С.Р.Л.“ и унгарскиот „Дуна Асфалт ЗРТ“, со финансирање преку заем и грант од Европската банка за обнова и развој.
За надзор над изградбата на автопатската делница Кичево - Букојчани е избран Конзорциумот предводен од Градежен Институт Македонија АД Скопје како лидер на конзорциумот, ДИВИ Македонија ДОО Скопје, како член, и ГЕИНГ ДОО Скопје, како член на конзорциумот.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, нагласи дека ова е шести автопат што во моментов се гради во државата и оти оваа делница е исклучително важна за да му даде целосна смисла на Коридорот 8 и на целокупното автопатско поврзување меѓу Скопје и Охрид.
- Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8. Се работи за терен кој е планински, исклучително тежок и бара многу знаење и искуство. Убеден сум дека изведувачите ќе завршат одлична работа и дека во предвидениот рок од 4 години проектот ќе биде завршен, истакна Николоски.
Тој појасни дека новата сообраќајница е проектирана со две сообраќајни ленти во секоја насока со ширина од по 3,5 метри, помошни ленти за запирање од по 2,75 метри и проектна брзина од 110 до 130 километри на час. Николоски додаде дека почетокот на изградбата е дел од развојната визија од 2024 година за позиционирање на Македонија како крстосница меѓу Коридорот 8 и Коридорот 10, преку силни инвестиции во патна и железничка инфраструктура.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во своето обраќање посочи дека без оваа секција сите останати инфраструктурни зафати немале целосна смисла, бидејќи сега се заокружува проектот кој го поврзува Охрид со главниот град. Тој ја потенцираше владината стратегија за развој на земјата врз основа на четири столба: патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура.
Премиерот најави дека првата делница од автопатот Кичево - Охрид, од Извор до Врбјани, се очекува многу скоро да биде пуштена во употреба, додека целата делница од Кичево до Охрид ќе биде пуштена најдоцна во првата половина од 2027 година. Исто така, следната година се очекува пуштање на гасоводот со јужниот сосед, пуштање на првите километри од Коридорот 10Д, како и напредок во сите други стратешки проекти.
Во делот на економијата, премиерот Мицкоски истакна дека наспроти предизвиците, македонската економија бележи значајни резултати, со раст на БДП од 4,3% во вториот квартал на 2026 година, што ја вбројува земјата меѓу првите пет во Европа, како и стабилизирана инфлација во третиот квартал на просечни 2,5%, што е за 25% помалку од просекот во Европската Унија. Дополнително, ДЗС изврши корекција на БДП за 2024 година од 3% на 3,8%, со што јавниот долг е намален од 61% на 57,4%, а кредитниот рејтинг останува стабилен со тенденција на раст. Министерот за транспорт, Александар Николоски, оствари официјална работна посета на Подгорица, каде што се сретна со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надворешни работи Филип Ивановиќ и министерот за транспорт Радош Зечевиќ. Главни теми на разговорите беа унапредувањето на регионалното поврзување, транспортот и економската соработка меѓу двете пријателски земји.
Како еден од клучните резултати од средбите е најавено скорешното потпишување договор за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Подгорица, со што дополнително ќе се олесни патувањето, ќе се поттикне развојот на туризмот и ќе се интензивираат бизнис-релациите.
Покрај авионската линија, на средбите стана збор и за патното и логистичкото поврзување. Со започнатата изградба на автопатот Скопје-Блаце, Македонија отвора пристап кон трето стратешко пристаниште во регионот - пристаништето Бар во Црна Гора, дополнително на постојните коридори кон Солун и Драч.
Двете делегации договорија и заеднички настап пред европските финансиски институции и фондови за обезбедување средства наменети за имплементација на интелигентни транспортни системи и подобрување на регионалните коридори. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, во Битола им врачи решенија за упис во Регистарот на корисници на географски ознаки на осум пчелари од Мариово. Со ова официјално се заштитува потеклото и називот на препознатливиот „Мариовски мед“, што претставува епилог на повеќе од десет години работа и истрајност на локалните пчеларски здруженија.
Доделувањето на решенијата се одржа за време на отворањето на 29. традиционална манифестација „Денови на македонското пчеларство“, во организација на Пчеларското здружение „Нектар“, кое годинава одбележува јубилеј од 90 години постоење.
Со стекнувањето на заштитената географска ознака, производителите добиваат право на користење на заштитениот назив, но и обврска да ги исполнуваат сите стандарди утврдени во одобрениот производствен елаборат. Овој механизам директно го штити брендот од евентуални злоупотреби на пазарот, истовремено гарантирајќи им на потрошувачите потврден квалитет и потекло при купувањето.
Од ресорното министерство истакнаа дека препознатливото потекло отвора нови можности за зголемување на вредноста на производот преку подобрено пакување, пласман во угостителскиот сектор и подобро поврзување со локалната понуда на руралниот туризам во регионот на Мариово. Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во август се издадени 333 одобренија за градење, што претставува зголемување од 18,9% во споредба со истиот месец од претходната година.
Предвидената вредност на објектите во август достигна околу 354 милиони евра, што претставува драстичен раст од 315,5% во споредба со минатата година. Овој значаен скок во вредноста се должи на издаденото одобрение за изградба на делницата од автопатот А4 (Граничен премин Блаце-Скопје).
Според структурата на издадените дозволи, најголемиот дел се наменети за објекти од високоградба со вкупно 224 одобренија, односно 67,3 проценти. За објекти за реконструкција се издадени 91 одобрение или 27,3 проценти, додека за нискоградба се наменети 18 одобренија или 5,4 проценти. Анализирано според структурата на инвеститорите, физичките лица се јавуваат како инвеститори кај 231 објект, односно 69,4 проценти, а деловните субјекти се инвеститори на 102 објекти или 30,6 проценти.
Регионално гледано, најголема градежна активност е забележана во Скопскиот Регион, каде што се издадени 105 одобренија за градење. Дополнително, во извештајниот период е предвидена изградба на вкупно 1.030 станови, со вкупна корисна површина од 80.530 квадратни метри.