Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Финансии

Владата ги ограничи маржите на ѓубривата за заштита на земјоделците и стабилизација на пазарот
Владата ги ограничи маржите на ѓубривата за заштита на земјоделците и стабилизација на пазарот
Со цел да се спречи неконтролираниот раст на цените и да се заштити домашното земјоделско производство, Владата на денешната 166-та седница донесе две клучни одлуки за ограничување на профитните маржи на вештачките ѓубрива. Како што информираше министерот Цветан Трипуновски, овие мерки стапуваат на сила веднаш и ќе се применуваат до 31 мај 2026 година, со цел да се обезбеди достапност на ресурсите во еден од најважните периоди за земјоделските активности. Според првата одлука, највисоката бруто профитна маржа на неорганските ѓубрива во трговијата на големо и на мало се ограничува на 5 проценти. За органските и органо-минералните ѓубрива, како и за биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата, маржата е утврдена до 10 проценти во двете фази од трговскиот ланец. Мерката ги опфаќа сите правни и физички лица регистрирани за производство и трговија со овие производи. Дополнително, Владата воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот за да се спречат вештачки недостатоци. Трговците на мало се должни месечно да продаваат најмалку 70 проценти од просечната количина што ја набавиле во тековната година, додека трговците на големо имаат обврска со ист процент да ги снабдуваат малопродажните објекти. Втората одлука предвидува корекција на цените на постојните залихи, при што продавачите се должни да ја намалат продажната цена за 10 проценти за сите количини набавени по старите, повисоки цени. Овие мерки се донесени по консултации со увозниците и детални анализи на Државниот пазарен инспекторат, со кои беше констатиран значителен раст на цените кој вршеше силен притисок врз трошоците на земјоделците. Министерот Трипуновски нагласи дека целта е стабилизација на пазарот и намалување на трошоците за производство, најавувајќи дека Владата будно ќе ја следи состојбата и во иднина ќе презема дополнителни чекори за заштита на македонската економија и земјоделство.
ЦАРИНАТА СО РЕКОРДНИ РЕЗУЛТАТИ: Наплатата од тутун зголемена за 11 милиони евра, спречени осум обиди за шверц
ЦАРИНАТА СО РЕКОРДНИ РЕЗУЛТАТИ: Наплатата од тутун зголемена за 11 милиони евра, спречени осум обиди за шверц
Царинската управа бележи значителен раст на приходите и успешна борба против нелегалната трговија во првиот квартал од годинава. Според најновите податоци, наплатата на приходи од увоз на тутун и тутунски производи е зголемена за 11 милиони евра во споредба со истиот период минатата година. Во првите три месеци од 2026 година, во државниот Буџет по основ на увоз на тутун се слеале вкупно 2,82 милијарди денари, односно 45,7 милиони евра. Овој сериозен раст ја потврдува ефикасноста на контролните механизми и зголемената дисциплина при увозот на овие стоки. Паралелно со зголемената наплата, инспекторите на Царината реализирале осум успешни акции за спречување шверц во кои се запленети над еден милион парчиња цигари и околу 226 килограми разновидни тутунски производи како сецкан тутун, тутун за наргиле и никотински ќесички. Како резултат на овие активности, Одделението за истраги поведе предистражни постапки во четири случаи, при што се поднесени кривични пријави против четири физички и едно правно лице. По повод 34-годишнината од формирањето на Царинската управа, директорот Бобан Николовски порача дека институцијата има одговорност да обезбеди сигурност и предвидливост за компаниите кои работат законски. Тој потенцираше дека законот мора да важи подеднакво за сите учесници во царинските постапки, вклучувајќи ги транспортерите, увозниците и застапниците. Според Николовски, крајната цел на Управата е да се достигне степен на професионализам каде проблемите ќе се предвидуваат и анулираат пред да се случат, со што ќе се заштити државниот буџет и ќе се овозможи развој на здрава економија без простор за нелојална конкуренција.
„Реплек“ АД со силен раст на домашниот пазар и за 25 отсто повисока дивиденда
„Реплек“ АД со силен раст на домашниот пазар и за 25 отсто повисока дивиденда
Фармацевтската компанија „Реплек“ АД оствари раст на продажбата на домашниот пазар од 20 отсто. Во првите три месеци од годината, компанијата во сегментот фармација оствари вкупни продажби во износ од 7,2 милиони евра, од кои 2,2 милиони евра се реализирани во земјава, додека 5 милиони евра отпаѓаат на извозните пазари. Вкупните продажби во фармацијата се за 8 отсто пониски од лани поради поместување на дел од извозните испораки кон вториот квартал, но побарувачката на странските пазари останува стабилна. Финансиските остварувања и стабилното работење овозможија компанијата да ги награди своите акционери со зголемена дивиденда, која е за 25 отсто повисока во споредба со претходниот период.
Продолжува растот на цените во угостителството
Продолжува растот на цените во угостителството
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во текот на месец март оваа година е забележан благ пораст на цените на угостителските услуги од 0,1% во споредба со претходниот месец. Ова зголемување во најголема мера се должи на растот на цените кај групата Храна, кој изнесува 0,2%, додека кај алкохолните и безалкохолните пијалаци, како и кај услугите за ноќевања, цените останале на истото ниво како во февруари. Гледано на годишно ниво, цените на угостителските услуги во март 2026 година се за 2,4% повисоки во однос на истиот месец минатата година. Статистичките податоци за првиот квартал од годината покажуваат дека во периодот јануари-март оваа година угостителските услуги поскапеле за 3% во споредба со истиот период лани, додека растот во однос на декември 2025 година изнесува 0,4%.
Живко Мукаетов го зголеми својот акционерски удел во „Алкалоид“
Живко Мукаетов го зголеми својот акционерски удел во „Алкалоид“
Првиот човек на македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, продолжува со купување на акции во компанијата. Според официјалната објава на Македонската берза, претседателот на Управниот одбор и генерален директор на друштвото реализирал ново купување на хартии од вредност. Трансакцијата е евидентирана со датум на порамнување 06.04.2026 година, при што Мукаетов се стекнал со дополнителни 200 обични акции. Со оваа најнова аквизиција, неговото вкупно портфолио во компанијата достигна 131.500 обични акции, што претставува учество од 9,19% во вкупниот број на издадени акции од страна на „Алкалоид“.
„Алкалоид“ одликуван со плакета за најдолго котирано акционерско друштво на Македонската берза
„Алкалоид“ одликуван со плакета за најдолго котирано акционерско друштво на Македонската берза
Фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје доби посебно признание за својата долгогодишна присутност и придонес на македонскиот пазар на капитал. На свечениот настан со кој Македонската берза го одбележа својот јубилеј - 30 години од почетокот на организираното тргување со хартии од вредност во земјава, на компанијата ѝ беше врачена плакета за најдолго котирано акционерско друштво. Ова признание во име на компанијата го прими генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов. Историјатот на „Алкалоид“ на Берзата датира уште од нејзиното формирање во 1996 година, кога со акциите на компанијата најпрвин се тргуваше на Третиот неофицијален пазар. Клучниот пресврт се случи во ноември 2002 година, кога „Алкалоид“ стана една од првите компании кои се етаблираа на Првиот официјален пазар. Договорот за котација беше потпишан на 13 ноември 2002 година од страна на тогашниот генерален директор Трајче Мукаетов и директорот на Берзата, Евгени Зографски, со што се поставија темелите за нова ера на корпоративна транспарентност и отчетност. Преминот на официјалниот пазар значеше воведување строги стандарди за известување, каде инвестициските одлуки почнаа да се носат врз основа на проверени финансиски податоци наместо на шпекулации. Тогашната визија на менаџментот, насочена кон надминување на локалните рамки и континуирано инвестирање во нови капацитети, се покажа како пресудна за долгорочниот успех. Денес, по повеќе од две децении на официјалниот пазар, „Алкалоид“ важи за една од најликвидните и најтранспарентните компании во регионот. Економските показатели најдобро го илустрираат овој раст. Додека во 2001 година просечната цена на акцијата изнесуваше 1.350 денари со нето-дивиденда од 58,43 денари, во 2025 година просечната цена достигна ниво од 27.468 денари. Овој импресивен раст од околу 20 пати е проследен и со најава за исплата на нето-дивиденда од 648 денари по акција за изминатата година, што дополнително ја потврдува стабилноста на компанијата и довербата на инвеститорите во нејзините деловни политики.
Нови државни обврзници вредни над 19,4 милиони евра излегуваат на Берзата
Нови државни обврзници вредни над 19,4 милиони евра излегуваат на Берзата
Македонската берза информираше дека од денеска на официјалниот пазар во подсегментот на берзанска котација ќе започне тргувањето со две нови емисии на државни обврзници. Вкупната вредност на двете емисии на државни обврзници изнесува 1,19 милијарди денари (околу 19,4 милиони евра). Одлуката доаѓа по барање на Министерството за финансии, а се однесува на долгорочни хартии од вредност со рок на достасување од 15 години. Двете емисии се со датум на издавање од 26 март 2026 година. Првата емисија вклучува државни обврзници без девизна клаузула со вкупна вредност од 949.150.000 денари (околу 15,4 милиони евра). Издадени се вкупно 94.915 хартии од вредност со поединечна номинална вредност од 10.000 денари. Овие обврзници носат годишна каматна стапка од 5,10%, а датумот на достасување е 26 март 2041 година. Шифрата за тргување на берзата е M260341. Втората емисија се однесува на државни обврзници со девизна клаузула во вкупна вредност од 245.310.000 денари (околу 4 милиони евра). Оваа серија опфаќа 24.531 обврзница со номинална вредност од 10.000 денари и фиксна каматна стапка од 4,85% на годишно ниво. Како и кај првата емисија, рокот на достасување е во март 2041 година, а шифрата за тргување е M260341D.
Вработените во МВР ќе добијат линеарно зголемување на платите од март
Вработените во МВР ќе добијат линеарно зголемување на платите од март
Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека започнува со исплата на зголемени плати за сите вработени во ресорот, во согласност со најновите податоци за висината на минималната плата во државата. Согласно официјалното соопштение, Министерството изврши линеарно покачување на платата во бруто износ од 2.470 денари. Ова зголемување стапува на сила веднаш и ќе биде реализирано со исплатата на платата за месец март 2026 година. Од МВР најавуваат дека во наредниот период, преку имплементацијата на новиот Закон за внатрешни работи, дополнително ќе се разгледаат можностите за нов пораст на примањата. Овој чекор е дел од континуираните заложби за подобрување на работните услови и социјалниот стандард на припадниците на македонската полиција.
УЈП: Започнуваат засилени контроли за илјадници фирми кои работат без фискални апарати
УЈП: Започнуваат засилени контроли за илјадници фирми кои работат без фискални апарати
Управата за јавни приходи најави интензивни активности за сузбивање на неформалната економија и унапредување на фискалната дисциплина, насочени кон субјекти кои остваруваат промет без регистриран фискален систем. Според службената евиденција на УЈП, детектирани се 6.451 активен даночен обврзник со вработени лица кои воопшто немаат регистрирано фискален уред, иако дејствуваат во сектори со готовински плаќања како трговија, угостителство, туристички агенции и сметководствени услуги. Од нив, дури 3.115 субјекти се регистрирани и како ДДВ обврзници, што дополнително потврдува дека вршат редовна деловна активност за која не издаваат фискални сметки. Паралелно со првата фаза на контроли, Управата детектирала дополнителни 13.966 даночни обврзници во истите дејности без фискални уреди, за кои ќе се спроведат теренски проверки и вкрстување на податоци. Целта е да се утврди дали овие субјекти реално работат без да го пријавуваат прометот и без да плаќаат даноци, при што од УЈП нагласуваат дека доколку се утврдат неправилности, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки. Законот за регистрирање на готовински плаќања јасно пропишува дека секој обврзник кој врши промет на добра и услуги со готовина е должен да користи одобрен фискален систем и задолжително да издава сметки. Даночната администрација упати јасен повик до сите деловни субјекти кои сè уште не се усогласени со законот, итно и доброволно да извршат набавка и регистрација на фискални апарати преку овластени оператори. Непостапувањето според законските одредби повлекува високи парични глоби и привремено запечатување на објектите.
Пекабеско ја заврши минатата година со приходи од над 100 милиони евра
Пекабеско ја заврши минатата година со приходи од над 100 милиони евра
Компанијата Пекабеско ја заврши 2025 година со позитивни финансиски резултати, остварувајќи консолидирани вкупни приходи од 6.166 милиони денари (околу 100,26 милиони евра), што претставува зголемување од 3% во споредба со претходната година. Најголем дел од овие приходи се генерирани преку продажба на готови производи, стоки и услуги, сектор кој бележи пораст од 4% на годишно ниво. Од друга страна, приходите остварени од извоз изнесуваат 747 милиони денари (околу 12,15 милиони евра), забележувајќи благ пад од 2% во однос на истиот период во 2024 година. Паралелно со растот на приходите, се движеа и вкупните расходи на компанијата, кои во текот на 2025 година достигнаа 5.932 милиони денари (околу 96,45 милиони евра), што е зголемување од 3% на годишна основа. Пекабеско ја зголеми својата работна сила, па на крајот на декември бројот на вработени изнесуваше 435 лица, што е за 17 вработени повеќе во споредба со претходната година. Развојната компонента во работењето на Пекабеско беше видлива преку инвестиции во основни средства во вкупна вредност од 270 милиони денари (околу 4,39 милиони евра). Најзначајните вложувања се насочени кон модернизација и одржливост, вклучувајќи опрема за производство на електрична енергија преку сопствена фотоволтаична централа, нова производствена опрема, како и обнова на возниот парк со товарни и патнички возила. За претстојната година, менаџментот на Друштвото планира да продолжи со инвестицискиот циклус преку набавка на нова автоматизирана опрема во производствениот процес. Главните цели остануваат зголемување на реализацијата на производите како на домашниот, така и на странските пазари.
Претходна
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk