Секторот за контрола и истраги при Царинската управа успешно откри и спречи обид за шверц на вкупно 5.200 штеки цигари, спакувани во 104 пакети. Случајот е откриен на граничниот премин „Ново Село“, каде камион пријавен како празен на излез од државата бил селектиран за детален царински преглед. Инспекторите од Одделението за оперативни работи, во полуприколката ладилник открија специјално конструиран бункер со преграда каде биле сокриени цигарите. По спроведените истражни дејствија од страна на Одделението за истраги, поднесена е кривична пријава против возачот, кој е српски државјанин. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека борбата со царински измами и спречувањето на обиди за шверц на тутун и тутунски производи е една од клучните обврски, нотирани и во извештајот на Европската Комисија, на која управата е целосно посветена. Николовски нагласи дека годинава, заклучно со 30 ноември, Царинската управа по основ на увоз на тутун и тутунски производи наплатила 15,3 милијарди денари, што претставува раст од 10% во однос на минатата година. Кумулативно, заклучно со 30 ноември, годинава се наплатени приходи од 1,95 милијарди евра, што е за 86,9 милиони евра повеќе од лани истиот период, забележувајќи раст од 4,7%. Раст е регистриран по сите основи: Приходите од наплата на царина со раст од 15,1%, од ДДВ при увоз 3,2% раст, од Данокот на моторни возила (ДМВ) од 10,9% и од акциза 4,6%. Царинската управа денеска го презентираше најновиот додаток во својата опрема - софистициран скенер за поштенски пратки, инсталиран во Царинската испостава Пошта. Скенерот е опремен со вештачка интелигенција и ќе помага во борбата против шверцот на огнено оружје, дрога и експлозиви преку поштенски пратки. Капацитетот за скенирање е стотици пратки во минута, користејќи ја вештачката интелигенција за прецизна детекција на забранети предмети. „Скенерот за поштенски пратки е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволената трговија со дрога.“ - истакна директорот Николовски. Тој нагласи дека во Царинската испостава Пошта, каде што е поставен скенерот, годинава поминале над 100.000 пратки. Овој скенер е донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал во рамки на проектот Хермес 2, чија цел е спречување пролиферација на огнено оружје и експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан. Николовски се заблагодари на UNODC, како и на земјите-донатори: Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка за нивната севкупна поддршка во борбата против организираниот криминал, потенцирајќи дека донацијата е силен доказ за заедничката посветеност на државите во справувањето со криминалот на меѓународно ниво. Киро Цветков од UNODC истакна: „Еден од најчестите начини на криумчарење оружје е преку испраќање на нивни делови и компоненти во поштенски пратки. Со вградената вештачка интелигенција, скенерот става акцент на деловите и компонентите, препознавајќи ги и детектирајќи ги сомнителните пратки.“ Тој додаде дека институциите работат на измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерки, како што е симулирана достава, за делата поврзани со делови и компоненти на огнено оружје. Координирана акција на македонската полиција, царинските службеници и Фронтекс резултираше со пресекување на канал за илегално внесување на ловечка муниција на ГП „Стар Дојран“. На 28 ноември се приведени тројца грчки државјани, поради основано сомнение за сторено кривично дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи” по член 396 од Кривичниот законик. Во три одделни случаи, при извршена гранична контрола за влез во Македонија, царинските служби и полициските службеници од Фронтекс, пронашле и одзеле околу 200 патрони непријавена ловечка муниција. Во првиот случај околу 10:20 часот, при контрола на патничко моторно возило со грчки ознаки управувано од Х.С.(38), пронајдени се над 130 патрони сокриени на повеќе места во возилото. Потоа, околу 11:20 часот, во патничко моторно возило со грчки ознаки управувано од К.К.(76), пронајдени се 24 патрони ловечка муниција. Во последниот случај околу 16:30 часот, во патничко моторно возило управувано од Т.П.(62), пронајдени се над 40 патрони. Тројцата грчки државјани се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Вчера во 01:30 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Гостивар спроведоа акција во угостителски објект во селото Добри Дол, општина Врапчиште. При извршените проверки, затекнати биле вкупно 13 женски лица, од кои девет државјанки на Колумбија и четири македонски државјанки. Поради злоупотреба на туристичкиот престој, деветте странски државјанки, П.Ц.Д.М. (32), Д.Ј.Ј.Р. (28), Х.М.М.Л. (23), О.К.Е.(34), З.М.А.М. (24), Х.Б.К.В.(20), Ј.Н.В. (26), Л.С.Ј.Р. (26), и П.М.М.М. (32), сите од Колумбија, се лишени од слобода. Против нив се поднесени соодветни пријави, а по одлука на Основниот суд Гостивар, на странските државјанки им е изречена мерка забрана за влез во Македонија во траење од една година, како и парична казна. Полициски службеници од Единицата за финансиски криминал приведоа пет лица поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Приведени се: Н.Р. (51) од Куманово, поранешен директор на ЈП „Агро Берза“ Скопје; Р.А. (61) од Тетово, поранешен директор на Агенцијата за стоковни резерви; Т.К. (55) од Скопје, поранешен раководител во Агенцијата за стоковни резерви; Т.Д. (58) од Куманово, поранешен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и државен советник; и М.П. (68) од Скопје, ангажирано вешто лице. Во акцијата биле извршени и претреси на пет локации во Скопје, Куманово и Тетово, а против лицата е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје. Кривичното дело е сторено со злоупотреба на службената должност, при што Н.Р., Р.А., Т.К. и Т.Д., во својство на овластени лица, доставиле неточни податоци и информации до Владата. Имено, иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба и за настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во ЈП „Агро Берза“ за периодот од 2019 до 2021 година, тие постапиле спротивно на Законот за стоковни резерви. Пријавените во 2022 година изготвиле записник со кој предложиле прифаќање отпис на кусок во количина од 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен, знаејќи дека овој кусок всушност се однесува на долг период од 2007 до 2021 година, иако немало законска основа да се земе предвид тој период. Причината е што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираните житни култури, а во претходните годишни надзори не бил констатиран кусок. Ангажираното вешто лице, М.П., постапил спротивно на Законот за процена и договорот за услуга, изготвувајќи вешт наод со внесени невистинити податоци, при што не ја зел предвид целокупната документација од Агенцијата за стоковни резерви и ЈП „Агро берза“. Овој вешт наод бил приложен кон информацијата која Владата ја прифатила, со што Агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на житните култури. Со ова, на државниот Буџет му е нанесена штета од 473 илјади евра (според цените во моментот на отписот, вредноста достигнала 780 илјади евра).